• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

МТСП: Преку самовработување во 2017. отворени 165 фирми, вработени 191 лица

МТСП: Преку самовработување во 2017. отворени 165 фирми, вработени 191 лица

Скопје, 26 април 2018 (МИА) - Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорот на Фондот за иновации, Јован Деспотовски денеска го посетија студиото ,,Дарк-1’’, основано од млади луѓе кои се охрабриле и започнале сопствен бизнис со почетна поддршка од државата.

Како што соопштија од МТСП, Кристијан Трајковски, Марко Зарев и Симон Стојановски наскоро ќе ја промовираат својата прва видео игра. На почетокот на годинава го отвориле своето независно студио за изработка и издавање на видео игри ,,Дарк-1’’.

- Дилемата дали да отворат фирма во земјава или во странство ја решиле откако дознале за можноста да добијат грант за самовработување од 10 илјади евра преку мерките од Оперативниот план за активни мерки и услуги за вработување. Оваа можност била одлучувачка да започнат со остварување на својот сон во својата земја, се вели во соопштението од МТСП.

Првата игра која ќе излезе од ова студио е наречена „Одиум до јадрото“’ (Odium to the core), која веќе е изработена и ќе биде пуштена во официјална продажба на 11 мај.

Младите претприемачи на денешната средна истакнале дека се задоволни од тоа како се развива нивната мала фирма, но посочиле дека им е потребна поддршка за надминување на одредени пречки поврзани со пласман на нивниот производ на светскиот пазар.

Министерот Манчевски изјавил дека може да помогне во овој дел, но и во однос на промоцијата и маркетингот. Деспотовски ги информирал дека Фондот за иновации нуди дополнителни можности за финансирање на стартапите формирани преку оперативната програма за самовработување. Износите на средства се од 30.000 до 100.000 евра во зависност од степенот на развој преку двата инструмента на финансирање од Светска банка.

Фондот и Министерството за труд и социјална политика развиваат заедничка мерка во која поддршката преку инструментите и оперативната програма ќе биде олеснета за сите млади лица.

На укажувањето на Кристијан, Марко и Симон дека нивни познаници и колеги се заинтересирани да го следат нивниот пример, министерката Царовска посочи дека и во моментов може да се искористи шансата која се нуди со Оперативниот план за 2018 година за добивање неповратни средства за самовработување од 246.000 до 615.000 денари, но и да ја комбинираат оваа мерка со мерките за обуки за знаења и вештини.  Според неа, приказната на „Дарк-1“ е навистина успешен пример, кој  треба да претставува мотивација за сите невработени млади луѓе.

Во 2017 година преку оваа мерка од Оперативниот план се отворени 165 старт ап бизниси и реализирани 191 вработување. Овогодинешниот оглас за мерката за самовработување беше распишан на 23 март 2018 година од страна на МТСП и АВРМ и за само еден месец се поднесени над 1.400 апликации. сст/са/14:57

###

 

 

                                   

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ