• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Царовска: И државата, но и работодавачите и работниците да придонесат за здрава работна средина

Царовска: И државата, но и работодавачите и работниците да придонесат за здрава работна средина

Скопје, 27 април 2018 (МИА) - Заштита на младата работна сила е овогодинешното мото на одбележувањето на Светскиот ден за заштита и безбедност при работа, со цел да се обезбеди здрава и продуктивна работна сила.

- Интензивно работиме на спроведување на законите и правилниците поврзани со ова прашање, но ги повикувам и работниците и работодавачите да се придржуваат кон нив затоа што ако младата генерација не биде здрава, тогаш ние нема да имаме здрава работна сила кој би била во интерес и на работодавачите, но и на државата, рече министерката за труд и социјална политика Мила Царовска на настанот „Безбедна и здрава генерација“ по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа.

Сите ние, додаде Царовска, заеднички ја создаваме таа безбедна и здрава работна средина за да имаме попродуктивни работници, бидејќи без нив не може да имаме раст и развој на оваа држава.

Информира дека за спречување на повреди и смрт на работни места се направени повеќе од 7.400 редовни инспекциски надзори и 3.500 вонредни.

Одбележувањето на Светскиот ден за безбедност и здравје при работа го организира Националниот совет за безбедност и здравје при работа, како советодавно тело.

Претседателката на Советот Јованка Караџинска Бислимовска истакна дека претставници на различни сектори, организации и институти во чии домен е грижата за здравјето и безбедност на работниците денеска ќе разговараат за безбедноста на младите работници од 15 до 24 години.

- Ќе разговараме како да ја подобриме и унапредиме безбедноста и здравјето на младите работници со цел и во иднина да имаме здрава и продуктивна работна сила, но и на искоренување на детскиот труд, рече Караџинска Бислимовска.

Додаде дека активностите за реализирање на целите за заштита на младите работници се дел од лани донесената Национална стратегија во која, посочи, младите работници имаат посебно место. 

Според официјалните податоци лани имало 14 смртни случаи, во 2016  -15, и во 2015 - 24 смртни случаи на работни места. сст/дма/15:05

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ