Кумановскиот „Зафир Сајто“ дом за 150 стари лица

Кумановскиот  „Зафир Сајто“ дом за 150 стари лица

Куманово,  9 мај 2018 (MIA) - Деведесет и осумгодишниот Милан и неговата 94-годишна сопруга Каролина Стокиќ  се најстариот брачен пар кој престојува во Домот за стари лица „Зафир Сајто“ во Куманово. Пријатно изненадува дека возраста не може да ја потисне остроумноста и хуморот со кој сопружниците Стокиќ раскажаа како се запознале  далечната 1944 година во фабрика за чевли во Германија за време на Втората светска војна, а веќе наредната година и се венчале. Близината која ја имаат сопружниците се чуствува во пристојно уредената соба на домот во кој Милан и Каролина се одлучиле да ги поминат деновите од десетта деценија на нивниот живот.

Имале убав исполнет живот, Милан работел како раководител на погон во четири фабрики за чевли во четири различни града од поранешна Југославија,  а Каролина го следела својот сопруг како работничка во фабриките за чевли. Последен пат работеле во кумановскиот гигант „ЧИК“. За речиси 74 години успеале много, но најважно им е семејството, двете деца, трите внуци и шест правнуци. Пресудно за нивниот престој во Домот за стари лица била расцутената кајсија во дворот на Домот, која ја видел Милан. Живееле во стан во Скопје, а поради возраста веќе не можеле да се движат, а тоа за авантуристот Милан, раскажува неговата сопруга, било пресудно да бара место каде ќе може да дружи со други врсници. Тој прв пристигнал во Домот, а потоа му се придружила и сопругата.

Собата во која престојуваат е солидно уредена со посебен тоалет. Такви се речиси сите соби во старскиот дом, кој е под надлежност на општината и на Министерството за труд и социјална политика.

- За да може да функционира една установа за социјална заштита како што сме ние, со капацитет од 170 корисници и да понуди квалитетна услуга треба повеќе средства отколку што ние имаме обезбедно согласно годишниот финансиски план. Буџетот на Домот има две сметки и тоа: една сметка ни е од финансиските средства кои ги обезбедуваме преку блок дотации од МТСП, додека другата сметка е сопствени приходи кои ги остварува Домот од услугите кои ги дава кон станарите. За 2018 година преку блок дотации имаме обезбедени буџет во вредност од 15.980.000 денари, а од сопствени приходи се испланирани околу 21.240.000 денари, изјави и директорот на Домот за Џемаљедин Неџипи.

Дом за стари лица

Домот за стари лица „Зафир Сајто“ е дом за приближно 150-тина корисници. Објектот е уреден, има простран двор во кој непречено можат да се движат старите лица. За нив се грижи стручен тим од социолози, психолози, на располагање имаат лекари од Општа болница Куманово, интернисти, психијатри, кои ја препишуваат потребната терапија. Им следуваат оброци и ужини кои соодвествуваат на возраста на корисниците. Во моментов во Домот сместени се 155 корисници, појаснуваат надлежните, иако,  бројот постојано се менува. Просекот за 2017 година бил 153 корисници.

- Во установата има две категории корисници. Првата категорија на станарите е сместена по нивна волја, приватно. Според нашиот правилник за сместување овие корисници треба да платат 11.800 денари. Втората категорија се корисници од социјален ризик. За нив сместување бара Центарот за социјална работа и надоместокот за сместување го покрива Министерството за труд и социјална политика, вели Неџипи.

Дом за стари лица

Последниве години се повеќе семејства бараат сместување за своите родители во домовите за стари лица. Неможноста да се грижат за нив, поради обврските ги принудува да бараат постојана нега за возрасните членови од нивното семејство. Дел од нив се одлучуваат да ангажираат лице кое се грижи за возрасните, дел бараат сместување во домовите.

Според пресметките и проекциите на Обединетите нации, секое десетто лице во светот е старо лице со возраст над 60 години. Според  проекциите, се очекува до 2050 година, секое петто лице да биде старо лице, со возраст над 60 години, а во 2150 година, секое трето лице да биде со возраст над 60 години. Факт е дека Македонија старее и дека се потребни различни форми за згрижување на лицата во одредено доба. Во овој дом најголем број корисници се  луѓе над 70 години.

- Основна дејност на Домот е сместување и заштита на стари и изнемоштени  лица. Пресудно  едно лице  да биде примено во домот е неговата здравствена состојба. Установата, покрај сместување и исхрана, помош, нега, здравствена заштита, културно - забавен живот на корисниците, работно - рекреативни активности, услуги на социјална работа обезбедува и други услуги зависно од потребите, способностите и барањата на корисникот, вели социјалниот работник, од Домот за стари лица,  Виолета Маневска Георгиевска.

Дом за стари лица

Ниту Македонија не е имуна на светските и европските трендови на демографско стареење на населението. Според одредени проценки, околу 15 проценти од населението во Македонија е над 60 години. Затоа, ваквите домови се неопходни за старите лица. Се поголемиот број барања за сместување во Домот ја наметнуваат и потребата од проширување на неговите капацитети и реконструкција на постоечките соби и простории.

- Од 2014 година, условите за сместување значително се подобрени. Реновирани се 30 соби и купатила. Во 2016 година беа сменети сите прозори на Домот, ставени се 600 квадратни метри плочки во холовите на домот. Во 2017 година  поставена е енергетски ефикасна фасада на целиот објект  и  сменети се сите огради на терасите со цел подобра изолација и поголема заштита. Исто така, за тековната година предвидени се пет милиони денари за реконструкција на кујната на Домот и набавка на нова опрема, вели директорот Неџипи.

Но, покрај ваквите инфраструктурни услови можеби позначајни се и активностите кои ги реализира тимот на установата за подобар социјален живот на старите лица. Се прославуваат празници, родендени. Доста често актерите од Кумановскиот театар, но и аматерските здруженија организираат претстави. Децата од градинките и училиштата постојано имаат мини приредби за нивните најголеми поддржувачи старите лица, корисници на услугите на Домот.

Дом за стари лица

За развивање на чувство на сигурност на корисниците на услугите и активности за подобрување на квалитетот на живеењето удел има и социјалната служба во Домот. Таа е врска на корисниците со надворешните служби, поради остварување на нивните права и особено во организирање на контактите на корисниците со нивните  блиски роднини.

- Корисниците во салите за дневен престој ги следат телевизиските и радио програми, читаат весници, играат шах, карти, читаат книги. Социјалната служба големо внимание посветува на работа со група на корисниците во која се настојува да биде вклучен секој корисник, согласно неговите желби, интереси и психофизичка способност. Секоја година се донесува програмата за организирање на културно-забавниот живот и окупациона ангажираност на корисниците, вели Маневска Георгиевска.

Потребата да се најде место кое ќе го замени домот не е едноставно за семејствата на старите и изнемоштените лица. На природната и нераскинливата  врска на родителите и децата, сепак влијае брзиот начин на живот, неможноста да се посвети повеќе време и целосно внимание и грижата за старите членови од семејството. Домовите за стари лица се една од опциите за која можат да размислат и идните корисници и нивните семејства. Место каде што може да се помине староста, да се најде пријател со кој ќе се потсетуваат на минатите времиња.

Дом за стари лица

Установата  „Зафир Сајто“, велат надлежните, настојува да обезбеди соодветни услови за своите корисници за да можат згрижено да ги поминат деновите, а нивните блиски да бидат сигурни дека членовите од семејството добиваат грижа за достојна старост и исполнет живот во третото доба. 

Александра Максимовска

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Олег Сенцов стана почесен граѓанин на Париз

Украинскиот филмски режисер осуден на 20 години за...

Британски математичар тврди дека пронашол решение за проблем стар 160 години

Еден од најистакнатите британски математичари, Мај...

Познатиот професионален убиец на ТВ-екраните стана модна икона

Ѕвездата од новата ТВ-серија „Убиствената Ив“, ист...

Премиерката на Нов Зеланд и нејзиното бебе - хит во ОН

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, која ов...

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...