Во Свети Николе презентирана мерката за зголемување на платата до 18.000 денари

Во Свети Николе презентирана мерката за зголемување на платата до 18.000 денари

Штип, 8 Мај 2018 (МИА) - Владата со 360 милиони денари ќе им помага на компаниите да ја зголемуваат платата на работниците до 18.000 денари. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која денеска ја презентираше оваа мерка пред бизнис заедницата во Свети Николе, Штип и Куманово вели мерката се однесува за трудоинтезнивните гранки, кои со Законот за минимална плата опфатија околу 90.000 работници.

Царовска појаснува дека за да нема урамниловка кај останатите работници, кои земаат повисоки плати во овој сектор, Владата обезбедила и дополнителни средства за нив.

- Финансиската поддршка ќе биде за оние компании, кои што немаат голем раст, или имаат раст не поголем од 10 проценти. Треба да се каже дека според нашите податоци од Управата за јавни приходи очекуваме 50.000 работници и 15.000 фирми да бидат поддржани со оваа мерка. Заедно со Организација на работодавачи ја креираме Програмата и за 40 до 60 дена таа треба да биде во функција и сите фирми да можат да аплициираат за мерката, вели Царовска.

Ангел Димитров претседател на Организацијата на работодавачи вели дека оваа нова мерка ќе им помогне на работодавачите да ја зголемуваат платата на работници.

-Уште во старт рековме дека не е целта на минималната плата, само да се качат платите до 12.000 денари и тука да застане, туку мора да ги стимулираме и добрите работници. Во оваа мерка ќе бидат опфатени сите работници, кои во октомври, ноември и декември 2017 година имале плата до 18.000 нето. Сите тие онаа плата, која што ќе се покачи сега 30 проценти од тој износ ќе го субвенционира државата, вели Димитров.

Тој забележува дека очекува работодавците да конкурираат за овие субвенции и како што рече нема да се плашат од инспекции, големи административни процедури, кои ќе бидат и многу поедноставени.

- Целта на тие пари е да отидат за подобрување на стандардот на вработените и не е целта да останат неискористени во буџетот, рече Димитров.

Царовска упати апел младите лица кои се невработени да ги користат услугите, информациите, но и мерките кои им ги нуди Агенцијата за вработување. вдј/сст/15:15

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ