Царовска: Не смее да ни се случува смртност кај децата поради невакцинирање

Царовска: Не смее да ни се случува смртност кај децата поради невакцинирање

Прилеп, 9 мај 2018 (МИА) - Не смее да ни се случува смртност кај децата поради невакцинирање. Во Македонија треба да се подигне процентот на имунизација на децата кој од поранешните 90 отсто е многу опаднат. Тоа е регулирано со законски акти.

Ова денеска го истакна министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по посетата на новиот наменски адаптиран простор за детска градинка во ООУ„Рампо Левката“ во Прилеп.

- Согласно законите и подаконските акти стои дека децата во Македонија треба да се вакцинираат. Санитарната инспекција која влегува во детските установи ги проверува вакциналните картони и тоа не е фама. Тоа не е ништо ново. Македонија порано имаше висок процент, над 90 отсто опфат со имунизација, сега е паднат и мора тоа да се среди. Не смее да ни се случува смртност поради невакцинирање, рече Царовска одговарајќи на новинарско прашање.

На обвинувањата на поранешни вработени на определено време дека имало писмен указ од министерката да им биде продолжен договорот до крајот на февруари, Царовска побара да го приложат тој доказ.

- Мојата работа е да обезбедувам согласности за вработувањата без разлика дали се на определено или неопределено време. А тоа го правам редовно и професионално. Кој ќе остане на работа решава градинката и општината, изјави Царовска.

На прашањето да ја коментира денешната одлука на Уставниот суд според која, нормираниот учинок повеќе нема да биде основ за исплата на минималната плата, Царовска кратко одговори дека не се коментираат судски одлуки, туку се спроведуваат. ем/рп/14:16

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ