• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Уште најмалку 200 згрижувачки семејства се потребни за секое дете да има соодветна грижа

Уште најмалку 200 згрижувачки семејства се потребни за секое дете да има соодветна грижа

Скопје, 23 јули 2018 (МИА) - Уште најмалку 200 згрижувачки семејства се потребни за да се обезбедат соодветни услови за децата кои се без родители и родителска грижа, а не можат или потешко можат да бидат посвоени. Бидејќи се работи за деца во различен ризик, на различна возраст и со различни потреби во однос на должината и видот на сместувањето во згрижувачко семејство, од Министерството за труд и социјална политика велат дека е потребно е да се развие достапна мрежа на згрижувачки семејства во сите градови со што ќе се овозможи детето да продолжи да живее во познато опкружување.

Од МТСП посочуваат дека главен мотив за згрижување на дете во своето семејство првенствено е желбата да се помогне на децата кои од најразлични причини биле напуштени или одземени од нивните родители.

Со цел да се зголеми бројот на вакви семејства, Министерството и УНИЦЕФ почнаа кампања што има за цел и да ја покрене свеста на јавноста дека само грижлива семејна средина може да им ја даде негата и поддршката која им треба на децата и на која имаат право и да ги поттикнат граѓаните да ги отворат своите срца и домови и да згрижат дете без родители и родителска грижа.

Министерство за труд и социјала.jpg

- Во овој процес згрижувачите не се сами, грижата за децата е одговорна работа за чие извршување покрај љубовта и желбата да се помогне на децата, на згрижувачите им е потребна материјална и стручна помош која секогаш ја добиваат од надлежните Центри за социјална работа. Ангажманот и залагањето на локалната заедница исто така треба да биде во насока на мотивирање и поддршка, како на постојните, така и на потенцијалните згрижувачки семејства, велат од Министерството за труд и социјална политика.

Изминатите неколку недели околу 200 заинтересирани граѓани се јавиле на отворената телефонска линија 15133 во рамки на Кампањата.

Мајмире

Мајмире е згрижувач на дете, која зборува во видео од кампањата „Семејство за секое дете“, објавено од УНИЦЕФ. Таа имала свои пет деца, но, само едно и преживеало. Згрижила девојче кое кога го зела имало сплескана главичка, искривени нозе и не можело да оди.

- Само со гушкање, понекогаш и по 30 пати на ден, само тоа ја спаси, вели Мајмире.

Таа додава дека и да си финансиски јак и да изградиш вила, зграда, нема толкава вредност и оти вистинската вредност е да одгледаш дете.

На предноста децата без родители и родителска грижа да живеат надвор од големи институции за кампањата на УНИЦЕФ говори и Силвана Ивановска која е исто така дете без родители и родителска грижа и порано била згрижена во СОС Детско село. 

Силвана Ивановска

- Детето е најневиното суштество кое зависи од одлуката на родителите, а децата без родители и родителска грижа зависат од одлуките на институциите. Од лично искуство препорачувам функционален систем кој ќе овозможи адекватна грижа и секое дете да расне во семејство. Не сместувајте ги децата во големи институции. Помогнете им да раснат во семејства. Ајде заедно да допреме до оние кои имаат можност да направат промена, затоа што на секое дете му треба семејство, вели таа.

Во моментов во Македонија има 172 згрижувачки семејства во кои се згрижени 274 деца. Висината на надоместокот за згрижување на дете без родители и родителска грижа изнесува  8.550 денари, за дете со воспитно социјални проблеми 9.870 денари, а за згрижување на деца со попреченост 11.190 денари. Децата згрижени во семјства имаат право и на детски додаток, а децата со попреченост добиваат и посебен додаток.

11 октомври

Деца од 0 до 18 години, сместени во институции има во повеќе установи, во зависност од возраста, потребите, здравствената состојба... Во Установа за сместување на доенчиња и мали деца без родители и без родителска грижа до три годишна возраст во Битола има 65 деца од 0-3 годишна возраст,  a 38 деца од 3 до 18 години во установа за  сместување на деца без родители и без родителска грижа над тригодишна возраст и на младинци „11 Октомври“ Скопје.

Во установата за сместување на деца и младинци со воспитно-социјални проблеми „25 Мај“, Скопје има 25 деца, 15 се згрижени во установа за сместување деца и младинци со нарушено поведение „Ранка Милановиќ“, Скопје. Девет деца со попреченост се згрижени во установа за сместување на деца и младинци со умерени и тешки пречки во менталниот  развој „Специјален завод“ Демир Капија, 15 деца со физичка попреченост во установа за сместување на деца и младинци со пречки во телесниот развој во Бања Банско, а 35 деца со попреченост во установа за сместување на лица  со пречки во менталниот  развој Топанско поле, Скопје.

Во тек е процес на деинституционализација, односно затворање на гломазните институции и сместување и на возрасни и на деца штитеници во мали групни домови, но приоритет МТСП дава на малите деца до три години. Според програмата на Министерството до 2020 година сите деца на возраст до три години треба да се извадат од институциите и да бидат сместени во мали групни домови, згрижувачки семејства или во друг вид соодветно сместување.

семејство

Владата даде јавна заложба дека до 2020 година нема да има ниту едно дете до тригодишна возраст сместено во институција и МТСП, велат оттаму, ќе ги искористи сите потребни ресурси и поддршката од партнерите како Делегацијата на ЕУ, УНИЦЕФ и УНДП, да се реализира оваа заложба. Нашата цел е  заштита на децата за кои овој период од животот е најбитен за нивен правилен развој.

Славица Стефановска

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ