За пет години жените жртви на насилство со поддршка во секој регион од Македонија

За пет години жените жртви на насилство со поддршка во секој регион од Македонија

Скопје, 16 јули 2018 (МИА) - Во следните пет години во секој регион во Македонија треба да има барем минимален пакет, што ќе им се понуди на жените жртви на насилство и семејно насилство. Овој сервис изминатата година е зајакнат во Скопскиот регион. Владата во соработка со граѓански организации, финансирани од буџетот, го зајакна сервисот за жените жртви на насилство.

Овие мерки се преземаат во рамки на активностите на Владата по ратификувањето на Конвенцијата за спречување и борба против насилство врз жените и семејното насилство, на 13 декември 2017 година, позната како Истанбулска конвенција. Овој меѓународен инструмент во сила стапи на 1 јули 2018 година, а денеска во организација на Клубот на пратеничките во Собранието беше одржана јавна дебата за акцискиот план за спроведување на Конвенцијата.

Акцискиот план има три основи цели - усогласување на постоечкото законодавство, односно измена на законите и нивно усогласување со стандардите на Конвенцијата, активности за заштита и активности за превенција. 

- Не чекавме оперативен план, па потоа да менуваме закони. Правиме паралелно анализи на законски и подзаконски акти и паралелно создавање сервиси. Во Скопскиот регион со поддршка и помош на граѓански организации, но финансирани од буџетот, се создаде првичен круг на услуги за сите форми на насилство. Ако кажеме дека во Скопје има некаква подготовка тоа не значи дека е доволно, тоа значи дека е првично и дека во период од една година успеавме да го воспоставиме тој круг, но во другите региони не е така. Некаде има шелтер, некаде советувалиште, некаде центар за сексуално насилство. Сметам дека во наредите пет години во секој регион треба да имаме минимум еден пакет од сите овие услуги. Ако не го направиме тоа може да кажеме за џабе сме ја ратификувале Истанбулската конвенција, нагласи министерката за труд и социјална политика Мила Царовска. 

Истакна дека насилството врз жените не е женско прашање, туку национално прашање, на кое сите треба да кажат „не“.

- ЕК вели - да супер се законите што ги носите, одлични се, но прашува кога институциите ќе ги испорачаат тие закони, рече Царовска и нагласи оти важно е конечно да влеземе во операционализација на Конвенцијата.

Ѓулумсер Касапи, координаторката на Клубот на пратенички нагласи дека родовно базираното насилство е еден од главните општествени механизми, со кои жените се принудуваат да бидат во потчинета положба. 

- Жените и девојчињата често се изложени на разни форми на насилство, како што е домашно насилство, сексуално насилство, силување, принуден брак, кривични дела извршени во име на т.н. чест, генитално осакатување, а особено драстична форма е фемицид или затоа што се жени, нагласи Капаси.

Секоја трета жена во земјава, според последните истражувања е жрвта на насилство. 

Наташа Бошкова, правна советничка во коалиција Маргини нагласи дека ова е последната статистика, која ја прочитала и додаде дека тука спаѓа и психолошкото насилство, кое е мошне честа форма на насилство.

- Над 90 отсто од жртвите на родово базирано и семејно насилство се жени или малолетни деца, вели таа. 

Предвидено е менување на серија закони пред се на Законот за спречување и превенција на семејно насилство, Кривичниот законик, закони за прекин на бременоста, за социјална, здравствена заштита, а ќе се носи и нов закон - за родово базирано насилство. ац/сд/15:57

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ