Децата од ЈУ „25 Мај“ се сместуваат во мали групни домови, денеска отворени три

Децата од ЈУ „25 Мај“ се сместуваат во мали групни домови, денеска отворени три

Скопје, 27 јули 2018 (МИА) -  Почна трансформацијата на ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25 Мај“, која денеска за затвора како објект. Дел од децата денеска ќе се сместат во три различни мали групни домови во Скопје, а останатите деца кои се на годишен одмор кај своите семејства и кога ќе се вратат ќе бидат сместени во уште два мали групни домови кои се подготвени.

Ова денеска го изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска по отворањето на малиот групен дом во населбата Влае во Скопје.

- Со тоа навистина ќе покажеме дека со желба, волја, посветеност на Владата и со поддршка на партнерите може брзо да оди трансформацијата на вакви институции.  Со овие мали групни домови добиваме можност да се работи поблиску воспитувач со дете, да се следи нивниот успех во училиште, нивната социјализација. Очекуваме многу повеќе од овие деца да постигнат во наредниот период, рече Царовска.

Посочи дека имало 18 нови вработувања, 16 се завршени, а две се во тек заради административни постапки, но дека зајакнуваат и со капацитет за да се пружи максимум кон овие деца. 

Царовска домВо врска со тоа како се избрани локациите на малите групни домови рече дека агенција за недвижности понудила објекти и сите кои биле согласно стандардите кои ги исполнуваат очекувањата кои ги имале како Министерство, а тоа е квалитет на градбата, објектот да биде во урбано место, да има можност за социјализација, се избрал тим од Комисија форимирана во МТСП. Појасни дека институцијата „25 Мај“ и Агенцијата склучиле договор и се изнајмуваат куќите.

Одговарајќи на новинарско прашање за реакции на околните жители рече дека секогаш ќе има реакции од непознато и дека сето ова што го прават е едукација на населението. 

- Без реакција би било чудно, затоа што ова е нешто ново што ни се случува. Населението ќе види дека ништо опасно нема да се случува и дека нивните деца многу лесно ќе се социјализираат со овие деца тука. Дете е дете, колку ќе вложите во него, толку ќе ви врати. Тие се полни со љубов како сите деца. Пораснав на две улици од тука и моите родители живеат тука, така што да не наметнувам нешто, туку и во мојата населба има мал групен дом, додаде Царовска. 

Претставникот на канцеларијата на УНИЦЕФ, Бенџамин Перкс рече дека многу е битно постигнувањето и заложбата на државата секое дете и секој возрасен кој живее под грижа на државата да биде третиран со дигнитет, да има чувство на припаѓање, да припаѓа во едно семејство, тоа е еден битен камен темелник до кој доаѓа државата.

- Да ве потсетам за заложбата на Владата дека 2020 година не треба да има ниту едно дете кои живее во голема институција за згрижување и тековната кампања за згрижување на децата која се води во моментов придонесува за ова. УНИЦЕФ и големото семејство на ОН ќе продолжи да ја поддржува Владата во овие нејзини обиди, додаде Перкс. 

Царовска домДиректорката на ЈУ за згрижување деца со воспитно социјални проблеми „25 Мај“, Миропка Златановска истакна дека новите вработување им дале поддршка во целиот процес на трансформација. Посочи дека установата ќе функционира, но воспитната работа ќе се врши во петте организациски единици, а за почеток се три, кои 24 часа (во три смени) ќе бидат покриени од стручно лице.

- Стручните лица се од профилите на социјален работник, психолог, педагог, дефектолог. Во соработка со Заводот за социјални дејности, со Центарот за социјална работа се изготвени планови за индивидуална работа со корисниците. Децата се вклучени во редовен образовен процес, едните одат во основно, другите во средно образование. Во моментов во Установата 24-те корисници се на возраст од 11 до 18 години, додаде Златановска. рп/сд/14:11

###

     

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ