• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Отворена детска градинка во велешко Караслари

Отворена детска градинка во велешко Караслари

Велес, 24 август 2018 (МИА) - Во присуство на министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за финансии Драган Тевдовски и градоначалникот на Велес Аце Коцевски, утрово во велешкото село Караслари беше пуштена во употреба нова детска градинка.

Како што информира градоначалникот Коцевски, градинката е направена во стар преадаптиран објект во општина Велес со средства од Министерството за труд и социјална политика.

- Се радувам што отвораме ваков објект наменет за децата во рурална средина и ги поддржувам напорите на министерката Царовска да се зголеми опфатот на деца во детски градинки, потенцира Коцевски.

Тој појасни дека Караслари е перспективно село, бидејќи тука во близина се наоѓа фабриката „Маркарт“ која е една од најсериозните инвестиции во Македонија со најави дека ќе се зголеми бројот на вработени.  Со тоа се очекува да се зголеми и бројот на деца во оваа градинка во која капацитетот е 40, а моментално се опфатени 20 деца, информира Коцевски.

Царовска истакна дека е задоволство што една рурална средина отвора детска градинка со капацитет од 40 деца.

- Општина Велес постојано дава поддршка на овој процес и ние денеска видовме дека децата се среќни и задоволни што учат и се образуваат во предучилишно образование. Воедно и министерот Тевдовски, кој е со нас, со голем ентузијазам и буџет дава континуирано средства за изградба на градинки. До крајот на годинава ќе се изградат уште 11 градинки, информира Царовска.

Таа потенцира дека не само во нашата држава, туку и во целиот регион и во европските земји, се инвестира во предучилишно образование затоа што, како што рече, е докажано дека кај децата кои посетуваат градинка се постигнува подобар успех во основно, средно и високо образование, со што се зголемува продуктивноста на населението.

- Важна е нивната социјализација и подготовка за соочување со општеството. Тоа е нашата владина цел и ја реализираме чекор по чекор. Очекуваме дека за 50 проценти до крајот на нашиот мандат ќе го зголемиме опфатот на деца во предучилишно образование, најави Царовска.

Министерот за финансии Драган Тевдовски потенцира дека децата се иднината на оваа земја и затоа вложуваат во градинките како објекти и во кадарот што се грижи за децата.

- Затоа од септемвриската плата која ќе биде исплатена во октомври платите на кадарот во градинките ќе биде зголемен за пет проценти. Министерката Царовска информира дека веќе се изградени 11, а до крајот на годинава ќе бидат изградени уште 11 градинки. Воедно со еден друг проект на Светска банка за подобрување на меѓуопштинските услуги во две општини во завршна фаза се уште две градинки, а со што годинава ќе бидат изградени вкупно 24 градинки. Исто така, ние веќе го најавивме договорот со Светска банка со сериозна вредност од 35 милиони евра за градинки, рече Тевдовски. ад/сст/10:45

Видео - изјава на министерката Мила Царовска

 Видео - изјава на министерот Драган Тевдовски

 

Видео - изјава на градоначалникот Аце Коцевски

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ