Прва Летна школа за социјално претприемништво за граѓански здруженија

Прва Летна школа за социјално претприемништво за граѓански здруженија

Скопје, 27 август 2018 (МИА) - Во Охрид  од денеска до 2 септември ќе биде одржана првата Летна школа за социјално претприемништво за граѓански здруженија, во организација на ХЕРА - Асоцијација за здравствена едукација и истражување.

На школата ќе присуствуваат 20 учесници - претставници од граѓанскиот сектор со идеи за креирање на социјални бизниси. Предавачи се домашни експерти, како и експерти од партнерската организација Здружение за креативен развој СЛАП од Хрватска.  Настанот се организира во рамките на проектот Отвораме Можности финансиран од Европската Унија.

- Водени од идејата дека социјалните претпријатија помагаат во зајакнување на социјалната економија на една демократска држава, ХЕРА практикува нова алатка за социјална инклузија а тоа е основање на социјално претпријатие во кое вработува Ромки, зајакнува капацитети на граѓански организации за социјално претприемништво но и застапува за креирање на национални и локални политики за регулирање на социјалното претприемништво во Република Македонија, се вели во соопштението од ХЕРА.

Посочуваат дека улогата на социјалната економија и социјалните претпријатија е клучна за подобрување на социјалната вклученост и намалување на сиромаштијата. Ова треба да биде јавно соопштено,  јасно искомуницирано и поддржано од македонската Влада и локалните самоуправи.

Во Европа, според податоците на ХЕРА, постојат околу два милиона социо-економски претпријатија, што претставува 10 отсто од сите бизниси во ЕУ. Повеќе од 11 милиони луѓе или околу 6 отсто од вработените во ЕУ работат во социо-економски претпријатија. Основани се под различни правни форми и имаат различни цели, од земјоделството и банкарството до обезбедување на вработување на маргинализирани заедници.

Од ХЕРА веруваат дека со создавање на социјални бизниси ќе се отворат можности за вработување на лицата од маргинализираните заедници што води кон нивно економско јакнење и социјална инклузија и оти социјалното претприемништво ќе отвори можност за решавање на пошироки општествени и економски потреби со цел да се креираат по кохезивни и инклузивни општества. сст/са/10:15

###

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ