• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Денеска е Свети Атанасиј Велики

Денеска е Свети Атанасиј Велики

31/18 јануари 2018 (МИА)

Свети Атанасиј Велики 

Голем борец за вистинското православие 

Именден празнуваат: Атанас, (доаѓа од грчкото Атанасиос и значи бесмртен), Атанаска, Танас, Тане, Танаска, Насе, Насте...

Нашиот народ два пати го празнува споменот на свети Атанасиј Велики. На 31/18 јануари се празнува празникот Танасовден ‒ зимен, а на 15/2 мај Танасовден ‒ летен. Свети Атанасиј, наречен Велики е роден во Александрија во 295 година. Едно време минал во пустина заедно со свети Антониј Велики. По враќањето во Александрија станал архиѓакон во александриската црква.

Учествувал на Првиот вселенски собор и иако млад се истакнал со познавање на Светото писмо и со говорништвото. Неговите дискусии имале главна заслуга за победата против ариевската ерес и биле содржани во заклучоците од Собирот, на кој биле осудени еретикот Ариј и неговите приврзаници. Со тоа си го навлекол врз себе гневот на ариевците кои често го клеветеле кај царот. Но со својот углед и христијанскиот начин на живеење свети Атанасиј секогаш успевал да се одбрани од овие клевети. Веднаш по Првиот вселенски собир на 8 јули 326 година на барање на народот од страна на епископите бил поставен за архиепископ на александриската црква каде што останал долго време.

По поразот на Никејскиот собор ариевците се обиделе да се вратат во црквите. Тие издејствувале од царот да се заложи кај архиепископот Атанасиј да биде повлечена анатемата, но тој тоа не го дозволувал. Најпрвин ја одбил сугестијата на цар Костадин да биде потолерантен кон ариевците, а потоа ја одбил и наредбата на царот, еретикот Арие да го врати во црквата. Поради тоа бил наклеветен како бунтовник и бил протеран во Галија. Тогаш царот инсистирал кај цариградскиот архиепископ Александар да го врати Арие во црквата по што овој цела ноќ се молел на Бога да не дозволи црквата да биде испоганета. Утрото кога Арие тргнал да влезе во црквата следен од своите многубројни приврзаници почувствувал болки и веднаш умрел на патот. 

Атанасиј Велики и Кирил Александриски

Уште четири пати свети Атанасиј бил протеруван во прогонство, за време на Констанциј синот на Константин, за време на царот Јулијан Отстапник и за време на царот Валент. Сиве овие владетели им биле наклонети на Ариевците. Така свети Атанасиј во прогонство минал цели дваесет години. Умрел на 2 мај (ст. стил) 373 г. 

Празникот Св. Атанасиј зимен народот го смета за средзимо па се верува дека главните студови веќе се поминати. Затоа во народното верување тој е победник над силните студови и мразеви кои му се паднале при поделбата на должностите меѓу светците. Сепак, како предупредување дека зимата не е замината, односно дека студовите можат да изненадат останала пословицата „Атанас фрли кожувот ја врз нас ја врз рас“. Во Гевгелиско мислеле дека Св. Атанас кој е „средзима“ и дека е лесен празник, не е аталија (кобен). Се држел како празник до пладне, а после и да се работи не се сметало за грев. Мислејќи на зимските студови овде се велело дека е тешко до Св. Атанасиј, а после и тој што е за умирање не се предава. Во Охрид се сметало дека Св. Танасија е „среде зима коложега“ како што на Е. Спространов раскажувачката што му раскажувала за празниците му кажала и една лазарска песна за цвеќињата што никнуваат во овој период од годината.
Качунчица заблʼзвеше:
‒ Блаѕе тебе, трендафиле,
што си имаш арна мајка, 
те променвит, те наружвит,
та те пушчʼт среде лето,
стреде лето црвеника,
да те берат јунаците,
јунаците и невести
да те носат пот фесои,
невестите под врзʼлʼт,
девојките на чалмите.
Јас си имам зло машчеа
та ме пушчʼт среде зимʼ,
стреде зимʼ коложега,
да ме берат дрварите
да ме носат по децата,
да ме тркалет по пелишчата.

Атанасиј Велики

Свети Атанасиј е домашен празник на многу семејства, но и на цели села. М. С. Филиповиќ забележал дека „на местото каде што е сега црквата на Св. Атанасиј во с. Луково порано имало само гробишта и вакавски дабје. Местото се викало „Танасовден“ и тука луѓето се собирале на панаѓур. Подоцна кога виделе знаци, пламен од земјата, на тоа место изградиле црква. За црквата „Св. Атанасиј“ во с. Модрич, вели Филиповиќ, има многу преданија. На пр. ако чуварот заборавел да го запали кандилото тоа само се палело. Кога за време на окупацијата по наредба на бугарските власти била симната плочата со грчки напис од црквата настанала силна провала од која настрадало соседното маало. Кога плочата била вратена на местото провалата престанала. Се раскажувало и тоа дека некои Турци што ги навредувале иконите во црквата ослепеле. Според друго предание, во турско време вратата од црквата секогаш била отворена. Некогаш некој сејмен влегол и украл 300 гроша. Но кога се обидел да излезе вратата била затворена. Се отворила дури откако ги вратил парите на истото место. Потоа ги советувал своите нека работат што сакаат, но во вакуф да не чепкаат. И сега, пишува Филиповиќ, таа црква не е заклучена.

М. Цепенков забележал дека во Прилеп Св. Атанасија бил празник што го служеле кантарџискиот и ковачкиот еснаф.

Во Радовиш, пак, Св. Атанас се сметал за овчарски празник. Многу го почитувале куќите коишто имале овци и на тој ден не работеле за волци да не им ги изедат овците. И овде овој празник го сметале за „средзимо“, овчарите што знаеле да го прогнозираат времето гледале какво ќе биде тоа од празникот натаму. И овде е позната пословицата: „Атанас фрли кожи ја врз нас ја врз рас“, што значи дека од времето зависи дали луѓето ќе ја симнат зимската облека. 
Сепак, се верува дека времето оди на лето, дека поминале зимата и големите студови карактеристични за јануари. Освен зимскиот празник Танасовден нашиот народ празнува уште еден празник посветен на овој светител. Тоа е Танасовден – летен, што се празнува на 15/2 мај денот кога е упокоен св. Атанасиј Велики.

Манастир Свети Атанасиј Лешок

Манастир Свети Атанасиј Велики во Лешок 

Најпознат манастир посветен на светиот Атанасиј Велики е оној во с. Лешок, Тетовско. Но кога станува збор за овој манастир веднаш се помислува на двете цркви, едната посветена на св. Атанасиј и другата посветена на Пресвета Богородица. Црквата „Св. Атанасиј“ е подигната во 1335 година од страна на јеромонахот Антониј подоцна долгогодишен епископ под името Јоанакие. Едно време од крајот на 17 век црквата била напуштена, а потоа овде живеел и Кирил Пејчиновиќ, кој во 1818 година го обновил монашкиот живот во манастирот и формирал богата библиотека. Во воениот конфликт во 2001 година црквата беше урната и подоцна повторно обновена.

Црквата „Пресвета Богородица“ е од 17 век и е изградена на местото каде што уште во 13 век постоела црква. Порано црквата била парохиска, а подоцна станала метох на манастирот „Св. Атанасиј“.

Во дворот на црквата се наоѓа гробот на Кирил Пејчиновиќ, а во манастирските конаци оригиналната надгробна плоча со текст испишан од неговата рака. Во манастирот се организира голем народен собир на празникот Голема Богородица. 

(За МИА подготви Марко Китевски)

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Обожаватели на Принс бараат истрага за неговата смрт

Илјадници обожаватели на американскиот музичар При...

Објавена првата слика од новиот Џокер

Режисерот Тод Филипс на Инстаграм ја објави првата...

Експерти: Вештачката интелигенција ќе ни овозможи комуникација со животните

Желбата за зборување со животните тлее во многумин...

На Месечината има погребан човек

На Месечината има многу „ѓубре“ од луѓето што ја п...

Папата Франциско: Сексот е голем дар од Бога

Папата Франциско им порача на младите Французи дек...