• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Пет години од пожарот во манастирот Трескавец

Пет години од пожарот во манастирот Трескавец

Прилеп, 4 февруари 2018 (МИА) - Денеска се навршуваат пет години откако во катастрофалниот пожар до темел изгореа конаците на манатирот „Успение на пресвета Богородица“ - Трескавец. Тоа беше трет пожар во историјата на манастирот, по оној во 19-от век и вториот  на 9 јануари 1990 година.

По пет години единствениот жител на манастирот, отец Калист не може, и вели, никогаш нема да ги заборави сликите на ужасот.

- Тоа беше страшна глетка. За брзо пожарот се ширеше и ги „голташе“ конаците. Во тој момент се грижев побрзо да телефонирам- прво на противпожарната единица, потоа на владиката. Иако патот не беше изграден, зачудувачки брзо стигнуваше помошта од Прилеп, Битола, посебно од прилепчани кои доаѓаа да помогнат, се присеќава отец Калист на тие моменти на 4 февруари пред пет години.

И се тргна од искра во една од просториите и неисправниот оџак.

Во меѓувреме реагираа целата заедница, владата, граѓаните. Во овие пет години, се направи патот, се одобрија парите за обновата и веќе, работите влегуваат во завршната година.

- За околу една година, можеби нешто повеќе, конаците ќе бидат целосно обновени. Сега се фокусираме на заштитата на црквата „Успение на превета Богородица, нејзината архитектура, вековниот фрескоживопис зашто, за жал, црквата е на листата на културни богатства во опасност. Оформен е тимот за архитектонската заштита, тоа е макотрпна работа за потоа да се конзервира. Се надевам ќе се реши и вековниот проблем- да се доведе водовод во манастирот, вели отец Калист.

трескавец

Во овој зимски период не се изведуваат работите на обновата на конаците. Речиси до половината се покриени, па кога ќе се стопли, работите ќе продолжат. Но сето ова не ги запира посетителите од земјава и светот.

- Без разлика што Трескавец е во фаза на обнова, тој бидејќи е на светските мапи како споменик и културно богатство кои вреди да се посетат, годишно имаме илјадници посетители, гости, верници од земјава и светот. Тоа ни дава обврска одговорно да се грижиме за манастирот,  кој покрај илјадната историја, повеќе од два и пол милениуми бил култно светилиште на овие простори. Тоа го докажаа и археолошките истражувања на античката населба Колобаиса, на средновековните ѕидини околу манастирот, на трпезаријата, подрумите, магерницата, објаснува отец Калист.

Според Илија Ристески, раководител на проектот за реконструкција и реставрација на опожарените конаци на манастирот Трескавец нема проблеми во текот на обновата во која се вклучени сите мерки за заштита од пожари.

- Согласно со договорот, во 2018 година работите треба да привршат и објектот да биде готов. Меѓутоа, со оглед на специфичноста на теренот и на работите, не е исклучено рокот да се пролонгира и во 2019 година. Безбедноста е зацртана со проектната документација. Проектите се ревидирани и според искуствата од опожарувањето на конаците во подолг период, безбедноста на објектот се издигнува на највисоко ниво. Но, секогаш останува прашањето за одоговорноста на човечкиот фактор, вели Ристески.ем/скс/11:26

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ