Дервиш - човек што се „врти“ или мудрост, добрина, љубов и природа која обединува

Дервиш - човек што се „врти“ или мудрост, добрина, љубов и природа која обединува

Скопје, 10 февруари 2018 (МИА) - Се влегува со десна, се излегува со лева нога, часовникот обратно го мери времето: 12, 11, 10, 9, 8, 7,..., секое седнување на маса (за појадок, ручек или вечера) почнува и завршува со неколку зрнца сол, ова не е мое, а тоа твое, туку се е наше, вистината зборувај ја дури и кога е против тебе, некогаш биди принц, некогаш Пепелашка,...

Вака „звучи“ дел од она што остана забележано во тефтерот по средбата со Арбен Сулејмани, неповторливиот соговорник кој за МИА ги отвори вратите на Арабати Баба Теќе. 

Мирен, спокоен, со благ, но истовремено жив поглед, исклучително воспитан, културен и посебно интелигентен, Арбен, кој од 2011 година е одговорен за надворешни работи во Светската бекташка заедница, дозволи да прашаме се, за подобро да го разбереме поимот Дервиш, да ја сфатиме филозофијата и суштината на „човекот што се врти“ со интересна наметка (хајдарие) и чудна капа (таџ - круна).

бени

Наместо два часа, како што првично беше договорено, Сулејмани ни посвети цел ден.

Мистицизам, езотеричност, неограничена толеранција, мудрост, добрина, милосрдие, свесност преку љубов,... Која од овие асоцијации е најсоодветна или што (кои) се всушност дервишите? 

Дервиш не може да биде секој. Тоа се посебни луѓе кои се определиле да живеат во спиритуалниот, духовен свет. Не гледаат со очите, туку со срцето. За нив нема разлика меѓу верите, сите се исти, сите се едно. Не е битно ниту дали го почитуваш Алах, Господ, Буда,..., туку дали и колку си човек. 

дервиши

Мултикултурализам, отвореност, универзализам, прифаќање на другото мислење, на оригиналноста, реалноста, духовноста, соединување на се што е божјо и природно - така дервишите го гледаат светот, како една целина. Она што го негуваат, денес е всушност глобализмот. Тоа тука, во Арабати Баба Теќе, постоело со векови.

Идејата на дервишите е надградување на човекот кон совршенство, постигнување хармонија со себе и со околината, со природата. 

- Ние немаме желба, ниту потреба нашата стрела да го погоди јаболкото, ние сме јаболкото, рече Арбен.

Веднаш се надворза: - Кај нас не постoи „јас“. Ние танцуваме со срцето и секогаш, за да почнеме некоја работа, треба да ја завршиме претходната. Колку повеќе љубов даваш, толку повеќе создаваш. Немој никогаш да кажеш дека си некој и нешто, дека имаш нешто. Не си ништо, освен една рака земја. Вистината барај ја кај себе, за да го најдеш Бог. 

бени

Дервишите не се молат во џамија, ниту некого канат или повикуваат да се моли. Уште помалку „викаат“ на звучник. - Ние не пееме во џамија, туку со срцето. Не повикуваме да се „клањаш“, туку кога ќе дојдеш, ти посакуваме добредојде. Верникот или кој било, доаѓа во теќето само кога тој сака, а не кога го викаат. Никој не го форсира, потенцира Сулејмани.

За дервишите, жената е на пиедестал и од раѓање ја има „титулата“ дервиш зашто физиолошки е предодредена да раѓа, да дава (носи) живот. Во својата утроба го носи „чудото“ и фактички, со тоа, како што рече Бени, е дел од него. Жени дервиши нема, иако спиритуално, тие може да бидат повисоко и од Бабата (но, не и адинистративно).  

Школството и едукацијата, се исто така, многу битен сегмент. Се состојат од четири т.н. порти, а секоја порта има десет нивоа. Тие мора да се поминат за „кандидатот“ да стане „инсани ќамил“ или перфектен човек. - Господ е тој што знае до каде во спиритуалноста стигнал верникот, до кој степен на добрината, подвлече Бени.

дервиши

Првата порта е Шеријатот. Се однесува на изучување на законите, правните регулативи на државите и светите закони. Втората порта е Тарикатот (патот), а третата Марифетот (знаењето) што подразбира учење се (и што се гледа и што не се гледа), јазици (персиски, арапски, старотруски), калиграфија, костимографија, работа на нива, готвење,... Последната, четврта порта, е Хакикатот (вистината).

куран

- Дервишот минува низ портите под менторство на „таткото“ (муршид) и „мајката“ (ребер) кои мора да се од теќето. „Таткото“ треба да е минимум Баба, а „мајката“ да е најмалку дервиш, истакна Арбен.

На прашањето, која е Вистината на дервишите, без двоумење одговори: „Вистината е во нашите широки срца, каде што е Господ. Кога не прашуваат факирите (сиромавите луѓе) каде можеме да го најдеме Господ, им велиме: во капка солза или во зрно жито.“

бени

До Вистината има седум нивоа. Се почнува од желбата да се поправиш како човек. Тоа е првото ниво. Второто ниво е учење, третото е повторно учење, што е добро, што лошо, во четвртото ниво веќе знаеш што е лошо, што добро, во петото - не правиш лошо, во шестото правиш добро, лошо не постои, а во седмото, последно ниво, едноставно живееш правејќи добро. Веќе не мислиш, само правиш добро.

Додека седевме во приемната соба и разговаравме, сите повремено погледнувавме кон празната фотеља на Деде Баба Едмонд Брахима кој засега „раководи“ со теќето, а доаѓа на местото на Баба Тахир Емини, последниот поглавар на бекташите во Македонија кој почина во 2006 година. Деде Баба Едмонд Брахима е светскиот бекташки лидер, врховен во Светската бекташка заедница со седиште во Тирана. Дента кога бевме во теќето, беше службено отсутен.

дервиш

- На оваа фотеља не седнува никој друг освен Бабата. Кога тој не е тука, фотељата останува празна. Ова не е толку правило, колку што е почит кон нашиот водач. Интересно е да се спомне и дека, исто така, не може секој да го допре таџот на Бабата. За тоа треба да си посебно привилегиран. И јас лично, иако толку години сум на оваа одговорна функција и десна рака на Бабата, се уште не сум му го пипнал таџот, нагласи Бени.

Кога е присутен Бабата, не е учтиво да се седи и со прекрстени нозе.

Ненаметливо, тивко, по некој збор кажуваше и нашиот втор домаќин, Хисен Сулејмани, кандидатот за дервиш. Внимателно слушаше што зборува Арбен, не гледаше, ќутеше. Постојано стануваше, седнуваше, не послужуваше.

дервиш

Хисен од мал сака да стане дервиш и во оваа определба, вели, никој не може да го поколеба. Никогаш во животот и не размислувал да биде нешто друго. Сега има 29 години, а од 15 почнал да го оди патот. Бени се шегува со него, дека има долг „стаж“ како „кандидат“ за дервиш.

Моментно Хисен е во т.н. трет ред. Пред него се испитите, теоретски и практични, кои мора да ги помине, а една од поубавите обврски му е, како што рече, учењето старотурски јазик.

хисен

- Кога гледаш со срце, можеш да го видиш и тоа што не се гледа, изусти Хисен.

- Ако дрвото ја отсликува нашата филозофија, тогаш корените се Шеријатот, стеблото е Тарикатот, гранките се Марифетот, а плодовите се Хакикатот. Ако нема плодови, нема ништо, дополни срамежливо.

дервиш

Всушност, Хисен не пречека кога дојдовме во теќето. Не внесе во приемната соба, се провртка и замина накај делот што, после ни кажа, се користи како кујна. За неполни десетина минути се појави со турско кафе. Донесе и колачи.

дервиш

Додека разгледувавме околу, како се поставени столчињата во собата покрај долгата трпезариска маса, кој се е на фотографиите по ѕидовите со Баба Монди, на која страница е отворен Куранот, зошто една Света книга е ставена во ташничка која виси, која е симболиката на тоа што Хаџи Бекташ во едната рака држи еленче, а во другата лав,..., ни се придружи Арбен. Се поздравивме, не покани да седнеме и разговорот неврзано почна.  

теке

- Прво во размислувањето на Бекташите, исто како кај вистинските Хинду, Евреи, Христијани,.., е човекот да прави добро и да биде умерен. Универзализмот е нашата мисија, природа која обединува, потенцира Бени.

Хисен, во меѓувреме, „скона“ и донесе по една чашка ракија. Рече, таков бил адетот. 

Кравајќи ја чашката за да наздравиме, Бени низ насмевка истакна дека секоја средба и ситуација има причина, а базира на принципот давање - земање, на принципот на размена.

бекташко наздравје

Тогаш го научивме и обичајот: не наздравуваш со директно „удирање“ на чашките, туку со меѓусебен допир на горниот дел од дланките во кои ја држиш чашата. Дланките на тој начин прават „лак“ и така се остварува (воспоставува) „контактот“ - од срце до (за) срце, како што ни покажа Арбен. Така кружи и енергијата.

Во текот на муабетот, двапати ракијата несакајќи се истури по што Хисен и Бени веднаш на местото ставија малку вода. Ни објаснија дека тоа е вид дервишки обичај за да се избегнат кавги, лоши работи,... 

- Кога ќе се донесе во Теќето, ракијата веќе не е онаа истата како претходно, купена во дуќанот, туку станува „дем“. Дем-от има огромно значење. На персиски јазик се преведува како „цел свет“ или „светот во целина“, а на арапски како „суштина“. Водата, пак, како најмоќна комбинација на кислород што го продолжува животот, е единствена што го измива светот. Затоа, кога нешто ќе се истури, се полева со вода за да му се продолжи животот. Водата има бескрајна моќ, од неродно земјиште создава зеленило, цветови и овошја (плодови) во сите можни бои, форми уи вкусови (горко и луто, солено и слатко), објасни Бени.

дервиш кафе

Посебно забележливо беше дека секојпат кога некој ќе сакаше да касне мандарина или колаче, прво им даваше на другите, а најпосле, ако остане, земаше за себе. - Ова не е мое, а тоа твое, туку се е наше, беше „правилото“ што во таа прилика ни го кажа Хисен.

Бени тука „вметна“ една бекташка анегдота која, како што рече, духовните водачи ја користат како хумор, но уште повеќе како поука, за едукација.

- Си бил еден дервиш кој сметал дека веќе треба да стане Баба. И за таа работа одлучил да се покаже. Во Бекташизмот, кога еден дервиш ќе стигне до степен на Баба, тогаш Бабата му дава дозвола да излезе од Теќето и на неговото патување за повисок степен да се измеша со народот. Така дервишот, откако добил дозвола од Бабата да излезе „меѓу народот“, одејќи од едно во друго село, од град во град, стигнал до една пештера во која имало лисица. Лисицата немала нозе, но била многу здрава. Си рекол: „Што може да има внатре во пештерата за оваа лисица, без нозе, да биде вака свежа?“ Одлучил да остане тука и да гледа како лисицата се храни. 

дервиш

Пред зајдисонце, забележал дека доаѓа лав кој со себе имал курбан (овен). Лавот влегол во пештерата, за себе ја земал само десната нога од овенот и ја изел сам, а останатото и го дал на лисицата. Кога го видел тоа дервишот, помислил: „Ааа, лесен ти бил тебе животот“. Тогаш отишол во следната пештера и, како лисицата, чекал. Првиот ден - ништо, вториот ден - пак ништо, но третиот, на зајдсонце, одекнал гласот на Бабата во пештерата како ехо: „Дервиш, биди како лавот - малце за себе, повеќе за другите, а не како лисицата“.

Храната на софрата, проодлжи Бени, е благословена. Благословен е секој, и оној што донел храна и оној што јаде.

- Ако на масата нема кој да јаде, како ќе биде благослвен оној што дава? Не е масата празна само ако нема храна, туку и ако нема кој да јаде, а има храна. Еквивалентноста на оној што дава и оној што зема, е во самиот процес „даваш - земаш“, „нудиш - се прифаќа“,...

Секое седнување на маса е под целосна „контрола“ на Бабата. Тој може некому, на пример, да рече: дај еден нефес (песна многу важна за мухибот и дервишот). Ако не знаеш да пееш, ќе читаш. Некогаш може некој да донесе храна и да ги собере тука тие што ги сака. Вообичаено е секој што доаѓа, да донесе храна. Некоја жена туршија, друга, ајвар,... Машки, женски, деца,... муабетат, пеат песни (нефес), читаат поезија. Песните се вид едукација и најчесто се тематски, врзани за одредена ситуација (божја љубов, како да искажат почит, како да се обраќаат, да се молат).

бени

- Додека се движи солта за време на почетокот или крајот на оброкот, Бабата ги набљудува сите и забележува дали некој има проблем, дали е потиштен или среќен. Проценува како се гледаат во очи тие што седат еден до друг, забележува и дали некои меѓу себе се лути, замерени. Бабата знае да чита срца, истакна Бени.

Како се станува Дервиш?

„Ашик“ е човекот што сака (бара) да стане „мухиб“ (внатрешен, духовен член). За да е мухиб треба да има полни 18 години. За некој мухиб да стане дервиш, мора да поминат три години и обично се избира еден од 1001 кандидат. Само еден е всушност кадарен за дервиш. Вобичаено, тој е целибатен (муџеред), но ако не е таков, тогаш на оваа „позиција“ се става човек со посебно изразени квалитети. 

Ако кандидатот е женет (мутехил), а од него верниците побараат да стане дервиш, да се грижи и да го чува теќето, тогаш прво мора да добие дозвола од жената, а потоа и од другите членови на семејството. Тоа значи дека тие се согласни мутехилот да се пресели во теќето, односно да се одвои од жената и да ја гледа понатаму во животот како сестра. Од тој момент, мутехилот биолошки ќе се одмори, но и ќе се дистанцира од материјални добра.

Мутехилот може да стане Баба само ако нема никој друг кандидат,  за да го спаси и да го чува теќето. Притоа, никогаш не може да премине во целибат. 

дервиш

Баба кој е муџеред има право да оди „нагоре“ во чинови, да биде „халифе“ - Деде, главен на неколку теќиња во регионот. Деде-то мора да е целибатен што значи, може да стане Поглавар (Деде Баба) на сите теќиња во светот. 

дервиш

Дервишот во процесот на „подготовка“, пред да ја прифати ваквата „улога“, минува низ своевиден тест. Најпрво, трипати е предупредуван од духовниот татко (муршид) и од духовната мајка (рехбер) да се откаже. Но, ако остане на одлуката, минува низ долгогодишни „тестови“ и паралелно учи, а Бабата кој е „надлежен“ за него, постојано го набљудува. За време на овој „тест - период“, кандидатот за дервиш се занимава со сешто: работи на поле, произведува, мие садови, пазари, чисти,... Најмногу се ценат оние што подготвуваат храна и работат во кујната. 

Кога се станува дервиш, прв до Бабата седнува оној што изодил најдолг пат. Тоа не значи дека тој е и најстариот. Може некој да е помлад, но од дете да го оди тарикатот за кој се определил, а друг, подоцна, на постари години, одлучил да биде мухиб.

Чинот на станувањето дервиш е означен со теслим таш - каменот што му се дава на дервишот и со кој тој и „официјално“ се одвојува од материјалниот свет. Дервишите го носат каменот околу врат цел живот, а понекогаш се случува тој да ја менува бојата.

Хаџи Бекташ Вели, основачот на тарикатот (патот), рекол: Умри пред да умреш, а тоа значи дека во моментот кога ќе го стави на себе теслим ташот, дервишот веќе умрел од материјалниот живот.

теслим таш

Бени ни објасни и дека некој цел живот останува дервиш, не може да стане Баба.

Тука некако спонтано се наметна прашањето за култното „вртење“ по кое дервишите се најпрепознатливи во „обичниот“ свет. Но, тоа, појасни, денес е повеќе манифестација на културолошкиот аспект од дервишката филозофија.

дервиш

- Вртењето т.н. сема најмногу се практикува во Турција. Секако, има функција зашто претставува надворешна експресија како музиката, пеењето, читањето,.. Бекташизмот во оваа смисла се разликува. За него е карактеристична „внатрешноста“. Нашиот танц е внатрешен, играме и пееме во себе, рече Бени.

Овој сегмент од разговорот го завршивме со моралниот аспект, кој, како што напомена Сулејмани, е еден од најважните и кој дервишите не само што гу чуваат, туку и го пренесуваат на следните генерации. 

- Раката, јазикот и појасот (интимниот дел) се трите клучни работи со кои треба да владее мухибот, а потоа и сите други верски духовници: дервишот, Бабата, Дедото и Деде - Баба. Не смее да шпионира, да предаде и мрази, да краде, да убива, да тепа,..., мора да внимава што и како зборува, треба да води сметка со зачнувањето деца. Моралот се чува и се пренсува од колено на колено, подвлече Бени.  

Дервишите по смртта, се погребуваат со каменот и со целата униформа.

Потекло на Дервишите

Додека зборуваше, Бени се заврте кон сликата на Хаџи Бекташ Вели, кој во едната рака држи лав, а во другата еленче. Со оваа симболика што покажува дека човекот треба да има внатрешен баланс, нашиот соговорник се наврати на историјатот.

хаџи бекташ вели

Се почнало во 13 век, во 1248 година, од Хаџи Бекташ Вели. Тој тргнал по стапките на имамот Али, следбеникот на пророкот Мухамед. Наместо да биде гувернер во регионот Нишабур, североисточен Иран, Хаџи Бекташ Вели земал една торбичка, ја префрлил на рамо и тргнал да го шета светот. Неговиот духовен водач го однел во Анадолија, најсиромашниот дел од светот каде нема ни вода, ни сол. Таму, во селото Сулиџе Карајук, во регионот Невшехир, близу Кападокија, е создадено првото теќе и е формиран редот. Второто поважно теќе е основано во Димотека, Бугарија, а третото во однос на вредноста е тетовското, Арабати.

Сари Салт’к, пак, е мисионерот кој го донел бекташизмот во Румелија, на Балканот. Првото место на Сари Салт’к е Баба Даг (денешна Костанца, Романија). Од таму се упатува на островот Крф, во денешното теќе Св. Спиридонис, преку Круја, Албанија, па во Св. Наум, во Митровица, во Благај кај Мостар, до границите на Дунав. Завршува каде што и почнува, во Костанца, Романија. 

сари салтик

 - Се смета дека токму Сари Салт’к, има посебна врска со „изворот“ зашто и самиот е „извор“, а бил толку духовно јак, што сите теќиња се слични, нагласи Сулејмани.

Првиот дервиш на Балканот дошол во црна, ортодоксна облека. Тоа е токму Сари Салт’к.

Во Македонија денес има околу 50.000 Бекташи од тарикатот Мевлеви, Халвети, Кадери, Руфахи, Садии и Накшибенди,.... Според студиите на Сулејмани, во 53 места се спомнува теќе. Сепак, активни се три теќиња: Арабати Баба во Тетово, Дикмен Баба во Канатларци, Прилепско, и Мухарем Баба во Кичево.

- Разликата со другите дервишки редови е тоа што бекташите се целибатни и немаат ништо, не поседуваат ништо свое, ниту го пренесуваат „чинот“ од татко на син како кај другите тарикати, одат и во џамија и во црква и во синагога и во планина зашто сите четири страни се од Бога, а него го има секаде, рече Хисен.

монди

За цела Македонија има само еден Деде или Халифе. Бидејќи се уште нема целибатен дервиш за да биде Деде, на тоа место е светскиот поглавар на Бекташите Баба Монди. 

Продолжува утре....

Мирјана Чакарова

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ