• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

Арабати Баба Теќе - место за сите, без разлика на нацијата и религијата

Арабати Баба Теќе - место за сите, без разлика на нацијата и религијата

Скопје, 11 февруари 2018 (МИА)  - Арабати Баба Теќе постои 500 години, а негов основач е тетовецот Серсем Али Деде, брат на Махи Девран, жената на султан Сулејман Величествениот. Освен по „староста“, теќето е огромно богатство и според спиритуалноста.

теке

Во сите пет века, секогаш, секој што сакал, можел да доаѓа тука и да ги врши своите обреди без разлика на нацијата и религијата. Така е и денес. Теќето е отворено за сите.

Во Арабати баба Теќе изминатите пет века се заведени 18 поглавари (со титула „Деде“). За времето на еден од нив, вкупно 40 „баби“ го усовршувале својот чин.

Теќето располага со околу два хектара површина во внатрешниот дел и уште четири хектари надвор од ѕидините. Има четири порти што симболично значи, за/од секоја страна на светот. Една од нив води кон „никаде“, како што рече Бени. „Запечатена“ е со дрвени даски, подскршена и зад неа се гледа куп ѓубре.

теке

Воочливо е и тоа што лево од запечатената врата, веднаш зад ѕидините на теќето, има приватни куќи кои се практично на имотот на теќето.

Соба на Бабата, Гостинска куќа, Шадрван (фонтана), Мејдан (во кој се прават обреди), Турбе (гробница каде се положени ковчезите на неколку Баби), Кујна, Гостинска соба (Мисафир Хане), Чешма, Абдес (местото за молење, „клањање“, Амбар и Штала (Ахр), се само дел од објектите во Арабати Баба Теќе. И, секој со својата карактеристика, препознатливост,...

фатиме

Посебно место има Куќата на Фатиме (ќерката на Реџеп Паша кој финансиски го поддржал обновувањето на теќето) од која јасно се гледа респектот на бекташите кон жените. Собата на Фатиме е најгоре, на втор спрат, и практично „од високо“ ги гледа останатите објекти во теќето.

фатима 

- Фатиме била болна. Добро и било само кога доаѓала во теќето. Затоа татко и го замолил Бабата да и дозволи да остане тука. Бабата не само што дозволил, туку за Фатиме била изградена и посебна Куќа. Тоа покажува колку е жената возвишена за Бекташите, рече Арбен.

Мејданот е местото каде што се вршат верските обреди и во него може да влезат и мажи и жени, да се молат еден до друг, зашто, според нас, сите се еднакви, додаде Бени.

Мезџитот е речиси веднаш до мејданот. Сега го користи ИВЗ како џамија, а оџакот е минарето. Оџата доаѓа пет пати во денот и вика „езан“ (ги повикува луѓето на молитва).

Кога прашавме, пак, дали има некакво значење чешмата во дворот, без двоумење одговори: „лошата душа, водата не ја мие“.

- Хаџи Бекташ рекол: Чистата душа ја чисти и облеката, а чистата облека никогаш не може да ја исчисти душата. Ако ставиш нешто во шиштето, внатре, и го фрлиш во море, и по 10 години она што е внатре во шишието ќе биде како што било зашто водата го мие шишето само однадвор, потенцира Арбен.

теќе чешма

Шадрванот, пак, како да раскажува некоја од приказните на Шехерезада. На него веднаш се забележуваат 12-те агли кои се симбол за 12-те имами (12 месеци), но некои се веќе искршени. Ова место служи за одмор на дервишите по нивната физичка работа, (на нива). Најпрво ги оставаат коњите во шталата, а потоа доаѓаат тука да читаат, медитираат, разговараат.

шадрван теке

- Еден час човек има за медитација. Одморот не е да спиеш, туку да се „поврзеш“ со себе, да се „конектираш“ зашто ако не си поврзан сам со себе, како ќе се поврзеш со другиот?, рече Бени.

Во Гостинската соба секој намерник и ненамерник може да преноќи, ако го стемни или ако сака да остане во теќето. Барем така било некогаш, во времето кога со теќето во целост „раководеле“ бекташите. Во периодот по 1972 година Гостинската соба била комерцијализирана и работела како ресторан.

Кујната моментно ја користи ИВЗ и е вид женска школа, за учење арапски јазик и за читање на Куранот на арапски.  

теке

Веднаш пред т.н. Зимска одаја во која разговаравме со Бени и Хусеин, се наоѓа Турбето на кое се уште се евидентни штети од пожарот во 1992 година. Покрај 11-те најбитни дервиши за теќето, туку е закопан и Баба Тахир Емини, а засебно се наоѓа и ковчегот на основачот на теќето Серсем Али Баба.

Во пожарот изгорело се, но не и таџот на Баба Серсем, ни кажа Бени.

турбе

- Има ли тука логика? Не. Тоа е нешто божествено, заклучи нашиот соговорник.

Тука со нас сподели и дека таџот е од волна, за разлика од останатите круни. За некого, рече, таџот е таџ, а за некого сач, алудирајќи на тоа дека на добриот дервиш што не греши, таџот му е се, а ако случјано направи грешка, таџот ќе му биде сач.

Вратата на турбето вообичаено е ниска, за секој што влегува да се наведне, односно да му оддаде почит на починатиот.

При влегувањето во турбето, најпрво се допира долниот дел од ковчегот, каде што се нозете на починатиот Баба и се оддава почит тука.

турбе

Потоа полека се оди кон главата, односно таџот, се продолжува и повторно се стигнува до нозете. Кога се излегува, никогаш не им се врти грб на гробовите.

турбе

Бекташите сакаат и бараат објектот да се реставрира, но не им е дозволено од Министерството за култура.

- До нас има дива градба, куќа од 2006 година, но за тоа нема никаков проблем. Интервенирано е во ѕидините, направени се повисоки, место да се санираат крововите и некои од објектите, ни покажа Арбен со незадоволство.

Сресем Али Деде и Реџеп Паша се положени во засебни турбиња, додека Арабати е на влезот, од лева страна. Човекот што дал огромно богатство за теќето, е закопан до првиот човек што го основал. Во собата позади турбето на Арабати се чувале тапиите од теќето, но сосема случајно се извадени една недела пред пожарот во 2010 година. 

бени

Во дворот на теќето се забележуваат и гробови на верници (мухиби), а тука е и вечниот дом на проф. Али Вишко, еден од најбитните луѓе за бекташите, врвен интелектуалец и првиот историчар кој направил Монографија за Арабати Баба Теќе.

турбе

- Проф. д-р Али Вишко е човек кој целиот живот го посвети на луѓето, независно од која религија и нација доаѓаат, на образованието и на бекташизмот. Основач е на Универзитет и на Катедра, беше и учесник (делегат од Македонија) на 7. Светскиот бекташки конгрес. Од 1993 година тој е еден од најважните за нас бекташите. Тој е и иднината по лошите времиња во комунизмот и под лошите времиња што допрва ќе следат. Многу е значаен и за јурисдикцијата зашто даваше насоки и совети во овој сегмент, беше промотор на секоја интелектуална работа во теќето, му беше десна рака на Бабата. На негово барање, по смртта, тој е тука погребан...

теке

...Централно место за Арабати Баба Теќе зазема и Тајар Гаши кој во време на комунизмот бил Баба тука. Сепак, клучен е Тахир Емини. Тој ја разјаснил линијата на Арабати и Бекташизмот по вертикала, кон Светскиот центар. Баба Тахир Емини бил поглавар (Деде) на Бекташите во Македонија.

тахир

Од 1947 до 1993 година бекташизмот не се практикувал во теќето, но луѓето кои ја негувале таа филозофија на живеење, продолжиле да доаѓаат. Тогаш немало право и да има Баба. Во 1967 година теќето е земено со експропријација, а во 1972-ра се комерцијализира. Во 1993 година бекташите штрајкуваат со глад за да си го вратат теќето. Тогаш регистрирањето верска заедница било во Министерството за внатрешни работи. Во 1997 година е формирана Комисија за верски прашања која добила повисок степен - била дел од власта. Конечно, во 2000 година теќето се регистрира како посебен субјект - Бекташка заедница, но во 2007 година со новиот закон за верски заедници и религиозни групи, е изземено од списокот.

бени

- Што ни е земено, да се врати, не бараме ништо повеќе, дециден е Бени. Пред конфликтот во 2001 година, Арабати Баба Теќе беше останато сираче што требаше да се поврзе со мајката и семејството. Баба Тахир Емини и проф. Вишко се тука најзаслужни. Во тој период практично почнува и развивањето на бекташизмот одново, по 1947 година.  Во 2001 година беше побарана денационализација, но за тоа е неопходно регистрирање како правен субјект. Тука треба да се спомне дека бекташката заедница беше регистрирана во 2000 година. Таа регистрација е и причината за проблемите. Во 2002 година, теќето беше „одземено“ од група вооружени лица. Тахир Емини беше Баба и тогаш. Парадоксално е тоа што можеше да го чува и штити теќето во време на војна, конфликт, а не и во време на мир. Државата не го направи она што е потребно - воопшто не реагираше, не пружи заштита иако секоја религиозна група го има тоа право, објасни Арбен.

Во врска со овој своевиден спор за имотот, се водат три случаи во Стразбур: за непризнавање на континуитетот на бекташиската заедница, за нејзиното изземање од регистарот на верски и религиозни групи, како и за непочитување на верските права, а информирана е и меѓународната заедница.

теке

Во Бекташизмот, имотот (теќето) не може да се продава, никој нема право на такво нешто. По никаква цена Бабата не може да го продава местото или кој било друг.

- Сакаме да се чува нашиот ред каков што е, во рамки на Уставот и законите. Односот бараме да биде рамноправен, ист како со другите верски заедници и да се почитуваме... Во овој контекст, би упатил и јасна порака до сите што мислат дека ќе го променат бекташизмот: Бекташизмот не бил променет 800 години, не сум го создал јас, ниту мојот претходник. Ние само го спроведуваме она што е од пред осум века, потенцира нашиот соговорник.  

бекташи

Додека разговаравме, Хисен го послужи ручекот. Повторно седна со нас. Некој го праша: Каде има студии за Бекташизам? - Во срцето, ни одговори.

хисен

Се надоврза Бени, цитирајќи го големиот Руми: „Станувам капка. Паднав во океан и сега не знам дали сум капка или дел од океанот“. Исчезнуваш во што? Во сопствениот извор, рече Сулејмани.

Во неврзаниот муабет во кој учествуваме сите поставувајќи најразлични прашања, Бени рече и дека е многу жално што денес машките многу слабо читаат и што внатре во себе ја имаат изгубено женственоста, а жените машкоста. 

- Тој јин/јанг е дел од нас. Еднаш треба да бидеш машко, еднаш женско, некогаш Пепелашка, некогаш принц. Ако сум принц на коњ, пак, и коњот има улога. Ако сум во чевли, тогаш зависам само од моите нозе. Тешко е што многу од нештата не ги гледаме длабоко, а уште потешко што ако не навлегуваш подлабоко, не можеш ниту да примаш. Љубовта многу слабо ја има денес, зашто, ако постои љубов, но, таа ми служи само мене, а не и на општеството, на другите луѓе, тогаш тоа не е љубов, туку себичност,... 

Што ќе ми е мене песната ако сум ја напишал за себе? Треба некој да ја чита,...

дервиш

Руми имал 400 ученици и во еден момет, Хаџи Бекташ им рекол на своите дервиши: „Слушам дека во Коња некој Руми се покажал. Кој ќе ми го донесе? Тогаш, Шемс (светлина, на старотруски) Табриз (град) кој ја чистел Авлијата, рекол: „Јас“. На тоа, Хаџи Бекташ му одговорил: „Со главата оди, без главата да се вратиш зашто ми го расипа редот“. – Направил всушност две битни грешки, иако веќе бил во повисок ранг меѓу дервишите. Рекол „ЈАС“. Во бекташимозт нема „јас“. Втората грешка е тоа што не ја завршил првата работа, а сакал да се фати за друга, објасни Бени.

Шемс сепак, отишол во Коња. Таму видел некој слеп човек. Го прашал за Руми. Слепецот му кажал дека го знае Руми, но оти не гледа и поради тоа не може да го одведе до него. Шемс одмавнал со раката по очите на слепецот и тој прогледал. Тогаш отишле кај Руми. „О, па ти гледаш? - му се обратил Руми на слепецот“ и воедно сфатил колку е всушност Шемс духовно силен. Седнале, Шемс ги земал купот книги на Руми и ги фрлил во бунар. Руми се вознемирил и го прашал зошто така сторил. „Јас тоа со години сум го пишувал!“. „Добро,“ вратил Шемс. „Но, треба да продолжиш понатаму“.

руми и шемс

Кога видел колку е Руми вознемирен, само ја ставил раката над бунарот и ги извадил книгите кои, иако биле морки, се отворале, не биле залепени. Така Руми го видел и второто чудо на Шемс. Следувало третото откако Руми му рекол на Шемс дека сака „подлабоко“ да поразговараат. На тоа Шемс побарал ракија. Руми рекол дека Шеријатот е против тоа, но Шемс додал дека тоа е условот. Отишол Руми на крајот од градот, нашол ракија и ја сокрил под пазува, но додека се враќал назад, на сред Коња, се лизнал, паднал и шишето се скршило. Тогаш луѓето виделе дека носи ракија. Веднаш се налутиле зашто им зборел едно, а сега покажал дека прави нешто сосема друго. Но, се појавил Шемс, кој цело време го следел, и ги разубедил. Со прст земал и лизнал, рекол дека не е ракија, туку џем. Во тој момент, Руми му рекол на Шемс дека сака да знае „нешто повеќе“.

- Се што понатаму во животот ќе пишува Руми, е всушност Шемс. Нема посилен сјај од сјајот на Табриз, е познатата реченица на Руми. Руми е оној што ја покажува надворешната убавина на водата, а Хаџи Бекташ е длабокото - бисерот, заклучи Арбен.

Разговорот, се чинеше, нема крај. На никого не му се стануваше. Како да сме во некоја друга димензија. Но, одлучивме да оставиме нешто и за некој следен пат.

теке

Нашите домаќини не испратија. Им ветивме дека повторно ќе дојдеме. Впечатоците останаа свежи, како предмалку да сме биле во теќето.

Мирјана Чакарова

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

На Месечината има погребан човек

На Месечината има многу „ѓубре“ од луѓето што ја п...

Папата Франциско: Сексот е голем дар од Бога

Папата Франциско им порача на младите Французи дек...

Мајкл Џордан донираше два милиона долари за Северна Каролина

Поранешната НБА ѕвезда Мајкл Џордан донираше два м...

Најбогатиот фудбалер во светот игра за резервите на Лестер

Фудбалот е шанса за огромно мнозинство на човештво...

Берт Рејнолдс и оставил се на својата внука

Актерот Берт Рејнолдс, кој неодамна почина во Флор...