Марков манастир - бисер од богатата културна и духовна ризница

Марков манастир - бисер од богатата културна и духовна ризница

Скопје, 14 февруари 2018 (МИА) - Во услови на глобален економски колапс, чувствителни социјални околности и наметната општествена криза, едно малубројно, но креативно сестринство кое се грижи за организацијата на монашкиот живот во Марковиот манастир, успеало да реализира мошне амбициозна активност со создавање и издавање на една автентична публикација со вредни тематски содржини, со класична живописност на раскажувањето и со впечатлива илустративност во презентирањето на визуелните елементи.

Марков манастир

Ова го истакна синоќа проф.д-р Елизабета Димитрова во својата реч за монографијата „Марков манастир - Св. Димитриј, внатрешниот духовен живот“, во авторство на игуманијата Илијана, што се одржа во свечената сала на Соборниот храм Св. Климент Охридски во Скопје на која присуствуваа поглаварот на МПЦ-ОА г.г. Стефан, други високи свешенослужители, монаси, универзитетски професори,...

- Она што јас би го посочила како најголем квалитет на оваа книга е нејзината функција да го презентира Марковиот манастир не само како значаен сегмент од православниот спиритуализам, духовната културна матрица, верската традиција на нашето поднебје, но и како еден од конститутивните елементи на пребогатата ризница на културното наследство на Македонија, која го легитимира историскиот идентитет на нејзиниот народ, ја афирмира неговата национална самопотврда, ја екстраполира неговата припадност од мултикултурните креативни дострели, рече на промоцијата проф. Димитрова.

Промотивна реч за монографијата одржа и проф. д-р Јован Белчовски, кој се задржа на историјатот на како што рече овој последен кралски манастир во Македонија, и особено на аспектите на неговата архитектура и богат фрескоживопис. 

Марков манастир сестра Илијана

Авторот, игуманијата Илијана, истакна дека монографијата не е само нејзин труд и заложба, и се заблагодари на сите кои зеле активно учество во нејзината изработка и печатење. Мотивот да се зафати со овој проект вели произлегол од потребата за постоење на едно дело, во кое што на едно место ќе бидат достапни главните податоци за манастирот со што би им излегла во пресрет на љубопитноста на голем број посетители, верници, туристи, но и да поттикне нови чеда, кои се спремни да се откажат од сè заради Христа и да запливаат во Божествените води.

Марков манастир

- Овој манастир постои за наше спасение, за наше себепознание и Богопознание, за откривање на најголемата тајна, Тајна над тајните дека Бог постои, дека Царството Небесно е реалност и вечен живот, дека смртта повеќе не нè плаши, бидејќи е победена со Воскресението…За мене ова е уште една од причините, односно, поточно кажано, главната причина, за издавањето на оваа монографија и е од особена важност, бидејќи е исполнета со надеж дека ќе отвори нечие срце и ќе продре подлабоко говорејќи за Спасителот на светот, Чија рака е секогаш испружена кон сите нас и го чека нашето преобратување, рече игуманијата Илијана.

Таа посочи дека голем е благословот и привилегијата да се живее во манастирот посветен на Свети Димитрија, во кој се подвизувале, игуменот Кирил Пејчиновиќ, преподобниот отец Макариј, епископот Велички Гаврил и новоканонизираниот Свети Јоаникиј Ракотински.

Марков манастир

Промоцијата беше збогатена со изложба на фотографии од Ивана Батев, која е авторка и на фотографиите кои ја илустрираат моногорафијата откривајќи ги убавините на манастирот, богатиот фрескопис, иконопис, монашкото секојдневие. Пригоден концерт одржаа виолинистите Михаило Куфојанакис и Момчило Куфојанакис, и пијанистот Милан Јанкуловски.

Марков манастир

Изданието е поделено во неколку поглавја и на 140 страници дава преглед на неколку суштински компоненти: Патронот на манастирскиот храм, Св. Димитриј Солунски Мироточив, Црквата св. Димитриј – естетски вредности, архитектура и фрескоживопис, Културно-просветната дејност на Марковиот манастир низ вековите, Духовниот живот во Марковиот манастир низ историјата и монашкиот живот денес.

 Марков манастир

Монографијата излезе од печат деновиве во издание на ПНВ Публикации, со поддршка на Министерството за култура на Република Македонија, и е прва од ваков вид посветена на овој манастир. си/вг/10:01

Фото: МИА

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ