• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Радев: Ја ценам улогата на Бигорскиот манастир за зацврстување на пријателството меѓу Бугарија и Македонија (видео)

Радев: Ја ценам улогата на Бигорскиот манастир за зацврстување на пријателството меѓу Бугарија и Македонија (видео)

Скопје, 18 февруари 2018 (МИА) - Свештената Бигорска обител во навечерието на Неделата на простувањето и почетокот на Чесниот пост, вчера ги пречека бугарскиот претседател Румен Радев и двајца архиереи на Бугарската православна црква, во манастирски и црковен ред. Посетата се одржа во момент на зацврстување на довербата и пријателството меѓу Македонија и Бугарија.

Бугарскиот претседател во пораката што доцна синоќа ја објави на својот фејсбук профил, нагласува дека тој бил посебно воодушевен што е првиот странски претседател, кој бил во посета на манастирот.

- Високо ја ценам улогата на Бигорскиот манастир за зацврстување на довербата и пријателството меѓу Република Бугарија и Република Македонија. Заминав од тоа место со чувство на долг и со увереност дека треба да работиме така да имаме поголема доверба и уште поголемо пријателство, да бидеме уште поблиски, напиша Радев.

румен радев во бигорски

Гостите беа пречекани од игуменот на Обителта, Архимандрит Партениј со своето монашко братство и сестринствата од манастирите во Рајчица, Пречиста и Кнежино, како и многубројниот народ. На пречекот беше присутен и архипастирот на Дебарско-кичевската епархија, митрополитот Тимотеј.

- Почестени сме, а истовремено и благодарни кон Вас, благоверен претседателе Радев, што токму Вие сте првиот претседател на друга држава, којшто ја посетува илјадалетната Бигорска Обител. Ние веруваме дека оваа посета воопшто не е случајна... Всушност, во Вашето присуство овде, ние го гледаме братољубието на целиот бугарски народ. ... Светиот и славен Пророк, Претеча и Крстител Јован, кој на своја служба нè повикал и нас последните и недостојните, измолил од Бога така – првиот човек на некоја држава, што ќе го посети неговиот древен Манастир, да биде токму од братска Бугарија, рече архимандрит Партениј.

Посетата, како што додаде, се случува во годината кога Охридската архиепископија, чијшто прв архиепископ бил ктиторот на Бигорски, Јован Дебранин, ја слави својата илјадагодишнина.

- Веруваме дека оваа посета на Вашето Превосходство е јасно показателство дека најблискиот ни бугарски народ и неговото правителство ќе продолжат братољубиво да ги поддржуваат, како и досега, целовитоста, напредокот и благоуспевањето на Република Македонија и нејзините жители, не само на внатрешно, туку и на надворешно поле. Таквата несебична поддршка, во иднина ќе покаже уште појасно кои се вистинските пријатели и браќа на македонскиот народ и неговата држава, нагласи архимандрит Партениј.

Во делегацијата што го посети манастирот беа и м итрополит Пловдивски Николај и митрополит Старозагорски Кипријан, како и амбасадорот на Бугарија во Македонија, Иван Петков.

Согласно манастирскиот ред за пречек на црковни великодостојници, на митрополитот Николај Пловдивски му беше облечена архиерејска мандија и му беше даден крст, со кој тој ги благослови сите присутни.

- Ви го пренесувам првосветителскиот благослов на Неговото Светејшество, Бугарскиот патријарх Неофит, на свештената јерархија на Бугарската православна црква, кон сите вас – за здравје, за доброденствие, за благоуспевање и душевно спасение. Особено кон оваа Свештена Обител го упатувам архипастирскиот благослов и молитвен взор кон сеподателот Бог, за да испросам благодатни сили на сите, на отецот игумен и монасите, браќата на оваа Света Обител, нагласи во пораката митрополитот Пловдивски, г. Николај.

Тој изрази благодарност, за како што рече, „гостопримството, за љубовта, за благодушието со коешто нѐ примате и нѐ пречекувате....Ние ја живееме таа радост во овие благодатни мигови на духовно општење“.
румен радев во бигорски
За бугарскиот претседател и архиереите беше приреден ручек во манастирот, по што беа информирани со содржините, историјата и мисијата на Бигорската Обител.

- Ќе ја пренесам во Бугарија топлината, со којашто ме пречекавте, потенцира бугарскиот претседател Румен Радев.

https://www.facebook.com/President.bg/videos/1936171776700237/

 

зш/дма/14:14

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ