• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

Средба на директорот на Комисијата за односи со верските заедници со поглаварот на ИВЗ

Средба на директорот на Комисијата за односи со верските заедници со поглаварот на ИВЗ

Скопје, 2 март 2018 (МИА) - Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи Даријан Сотировски денеска беше примен од поглаварот на Исламската верска заедница во Република Македонија Реис Ул Улема Хаџи Сулејман еф Реџепи.

На средбата, како што информираат од Комисијата, било разговарано за перспективите со кое се соочуваат верските заедници во Македонија, како и за важноста од суштинска соработка со државата на секоја верска заедница.

Заеднички било оценето дека КОВЗРГ и ИВЗ треба да ја продлабочат својата соработка и да се воспостави принципиелен  пристап во решавањето на отворените прашања преку дијалог и разбирање.

Директорот Сотировски, како што се вели во соопштението, истакнал дека се надева на целосна поддршка од Реисот Реџепи за сите заложби и иницијативи за создавање на атмосфера на доверба и компромис меѓу верските заедници, како и дека ИВЗ ќе ја има поддршката од Владата за сите отворени прашања со кои се соочува во интерес на граѓаните припадници на оваа значајна верска заедница.

Реисот Ул Улема Реџепи, истакнал дека ќе стои зад секоја иницијатива и вложен труд за подобрување на меѓуконфесионалните односи, како и за заложбите за унапредување на верските слободи и права на граѓаните и неселективното задоволување на нивните верски потреби. аа/18:07

###



Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.