• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Се вапсаа велигденските јајца

Се вапсаа велигденските јајца

Прилеп, 5 април 2018 (МИА) - Три црвени, вапсани јајца. Едното за Господ, едното за куќата, едното е за плодност. По нивјето да има, сѐ што ќе се насади, да роди. Да има плод.

Ова е првиот благослов изутринава на Величетврток. Пред изгрејсонце, уште пред првите сончеви зраци да се пробијат во магловитото утро, домаќинките ги вапцаа велигденските јајца. Денеска е Величетврток.

Рано изутринава, направена е најважната работа во пресрет на, како што вели народот „празникот над празниците“ - Велигден.

јајце

Првото црвено, велогденско јајце, оставено на прозорецот, да го помилуваат првите сончеви зраци.

Во сите православни домови е истото, но прилепчанки посебно се горди на зачувавњето на традициите за Велигден. Прилепчанката Лилјана Ѓорѓиеска вели - не е само чинот на вапцувањето, туку начинот на кој се прави, пиететот и адетите наследувани од старите, пренесувани од колено на колено.

- Јајцето го претставува гробот на Исус Христос, а истовремено претставува и нов живот - испилувањето на пилето. Црвената боја ја претставува крвта Исусова, затоа традиционално, ги вапсуваме во црвена боја. Јас се приклонувам и кон новините да има и шарени јајца, вапцани во сите бои. Некои со нови, други со стари техники. Ако, нема ништо поубаво од велигденското јајце. Но, главно, гледам прво да имам црвени, а потоа и шарени јајца. Така треба, објаснува Ѓорѓиоска.

велигденски јајца

И како искусна домаќинка дава и по некој совет.

- Јајцата не треба да бидат најпресни. По традиција, ги купуваме уште изминатата сабота, а во Прилеп е пазарен ден. За да не испукаат во варењето. Да не се чуваат претходно во фрижидер, оти ќе бидат премногу студени, па, пак, ќе испукаат. На тивко да се варат, советува Ѓорѓиеска.

Првото црвено велигденско јајце е симбол за здравото поколение. Јајцата се вапцаа, ама со црвено јајце треба да се благословат децата, да се избањаат со него. Да се благословат.

јајце велигден

-Децата се капат со нив. Се земаат и два-три цветови, ама со јацето се капат. Во капењето се кажува: Црвено, бело, дебело, здраво и живо. Како јајцето, така да биде и детето. Моите деца ова секогаш го дочекувале со радост и возбуда. За нив е посебно интересно, вели Ѓорѓиоска.

Прилепчанки имаат бројни адети пред Велигден. Домот треба да биде чист. По зимата, ред е за пролетното, предвелигденско, чистење. Тоа го направија, зашто, нагласуаат,  Величетврток, Велипеток и Велисабота, пред Велогден, се тешки, тажни денови. Ништо не се работи.

И затоа, по вапсувањето на велигденските јајца, почнуваат честувањата пред пречекот на големиот празник. Строг пост е и течат подготовките да се појде в црква.

-Вечер се пречувува Исус Христос и се седи цела ноќ, како бдение. Утре се целива Исус Христос, а утревечер се погребува, објаснува прилепчанката Лилјана Ѓорѓиеска.

Но, за Велигден има и посебни адети во Прилеп. Мора да се купи нешто ново, а главно, треба да се израдуваат најмладите.

- Кој колку има, ама на децата мора да им се купи нешто ново. Дали е ситница или повеќе, зависи од длабочината на џебот. Во секој случај, традицијата се почитува. Децата за Велигден треба да облечат ново руво. Паметам колку бевме радосни како деца кога мајка ми ќе ми купеше чевлички, фустанче, нова панделка во косата. Само за Велигден, со радост се присетува Ѓорѓиеска.

И сѐ е со причина. Така „дотерани“, убаво и во ново облечени, со корпиња во рацете и за рака со родителите, на самиот ден Велгден - в недела, прилепчанчињата тргнуваат на гости. Кај роднини, блиски пријатели.

корпа велигденска јајца

- Во Прилеп е голема традицијата да се оди нагости за Велигден. Децата, главно за рака со татковците, одат на гости. Мајките остануваат дома, за да „чекаат“ гости, куќата на Велигден не смее да биде затворена. Децата се пресреќни кога ќе бидат дарувани со велигденското јајце. Колку повеќе велигденски јајца собрани, толку е поголема радоста, вели Ѓорѓиеска.

Вапсувањето велигденски јајца е умешност за постарите со голема симболика. И долга традиција, зашто има и придружни адети. Уверени се дека новите генерации сакаат да ја одржат традицијата, да ги пренесат обичаите на новите поколенија.

јајце прво

И сѐ, со причина,  почнува со првото вапцано, црвено, Велогденско јајце.

Елизабета Митреска

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ