• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Со кула од играорци испратен Велигден, необичен ритуал во демиркаписко Прждево

Со кула од играорци испратен Велигден, необичен ритуал  во демиркаписко Прждево

Демир Капија, 10 април 2018 (МИА) - Со необичен ритуал на правење кула од играорци, секоја година се испраќа Велигден во демиркапиското село Прждево. Така беше и денеска. Се фатија мажи на оро во круг, а на нивните рамена се качија други. На тој начин прждевци, или иселеници од нивното село, ја прават кулата на последниот ден од велигденските празници. Се вртат во круг три пати и се пеат стари песни од минатото на луѓето кои живееле на овие простори. 

 

Сето тоа се случува сред село, во присуство на голем број жители на селото, иселеници, гости од различни краеви.Бројот не е ограничен, а во ритуалот учествуваат само мажи. Најважно е, велат во Прждево, кулата да не се растури. -Затоа во долниот ред учествуваат покрупни мажи, а во горниот полесниза да има рамнотежа и да не се растури кулата. На овој ден сред село секогаш има и музика со жива свирка, за да биде повесело, рече попладнево Кире Тасев од Прждево за МИА.

 

Обичајот е толку стар, ниту најстарите не паметат од кога датира оваа традиција која од дедовци се пренесува на внуци како наследство. Од колено на колено.

кула велигден

Се раскажува дека многу одамна, во турско, Македонците во селото граделе црква. Османлиите во тоа време не го дозволувале тоа, па затоа неколку пати ја уривале христијанската градба уште во почетокот на градењето. Следувало барање до највисоките турски власти кои сепак се смилувале и одобриле изградба на православен верски објект. Но под услов, црквата да не биде повисока од џамијата. Досетливите селани сепак се сетиле како на симболичен начин барем еден ден во годината да се издигнат повисоко. Решиле тоа да биде на Велигден, како најголем христијански празник, раскажа Тасев за тоа што го слушнал.

 

Има и друга симболика во целата оваа работа, нагласи Тасев, кој и самиот има учествувано во ваквиот велигденски ритуал.

 

- Се верува дека долниот ред ја означува старата, а горниот ред е оваа година, со желба да ни биде поуспешна и побериќетна, појасни тој. 

И други прждевци и луѓе кои потекнуваат оттаму, потврдуваат дека  со години наназад традиционално се испраќа Велигден на ваков необичен и симболичен начин. Прждевци велат дека овој обичај близу Неготино се изведува на третиот ден од велигденските празнувања, вторник пред зајдисонце.

 

-Откако паметам за себе, паметам дека на ваков начин отсекогаш сите заедно во селото сме го испраќале Велигден. На орото се фаќаат прждевци, но и тие што се иселиле или потекнуваат одовде. Од година во година се помасовно се собираме средсело, а во последно време се зголемува и бројот на оние кои дошле да уживаат во нашиот обичај и да се повеселат заедно со нас. Имаме и жива свирка, рече друг прждевец.

 

Со традиционалниот поздрав Христос воскресе, навистина воскресепрждевци и годинава си посакаа здравје, среќа и бериќет. Ни рекоа дека досега ниту една година не се случило да помине Велигденбез неговото традиционално испраќање. Еднаш во минатото дури и селскиот поп го убедиле да се фати на орото, откако претходно наздравил за среќа и бериќет со своите соселани. свд/скс/18:49

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ