Прилепскито манастир „Свети Архангел Михаил“ и најстарата населба Варош го слават Голем или Источен петок

Прилепскито манастир „Свети Архангел Михаил“ и најстарата населба Варош го слават Голем или Источен петок

Прилеп, 13 април 2018 (МИА) - Најстарата прилепска населба Варош под Марковите кули и еден од трите манастирски бисери во Прилепско, манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош денеска го слават празникот Голем или Источен петок - Балаклија. Варошани и манастирот ширум ги отворија портите за посетителите, намерниците, за гостите и верниците за да им посакаат добредојде, но и да им понудат трпеза за радост и здравје.

Во манастирот од изутрината се служеше света архиерејска литургија, а голем број посетители седнаа на заедничка трпеза. Но и не пропуштија да земат од, како што велат лековитата вода од изворот под манастирските темели. Затоа манастирот го слави Голем или Источен петок- Балаклија посветен на светите и лековити води.

Роза Ристеска од Прилеп ја сретнавме пред манастирските порти вели дека секоја година го посетуваат манастирот.

- Не пропуштаме да дојдеме на манастир секој Голем петок, прв по велигден да запалиме сверќа за здравје да земеме од лековитата вода што  извира под манастирот, вели Ристеска.

Според објаснувањето на владиката Петар кој заедно со владиката Климент служеше света архиерејска литургија во црквата од манастирот „Свети Архангел Михаил“ ова е светол петок, веднаш по најголемиот празник Велигден, посветен на светите и лековити води.

- Ова е светла седмица по Велигден. Овој празник се прославува секаде каде има свети води, а така е и со манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош. Оваа света вода е забележана уште од градбата на Манастирот, околу 12 и 13 век. Секогаш бил голем собир во Варош и во манастирот.

Варошани пак, ги продолжуваат традициите на прославата на „Голем петок“ пренесувани од дедо, прадедо, од татко на синовите. Варош во средновековието бил познат панаѓурски центар на овие простори и бил на познатите патишта што ги поврзувале истокот и западот. Тука се тргувало со многу стока, а жителите ги пречекувале патниците и гостите, објаснуваат етнолозите.

Варошанецот Илија Лучески објаснува дека од изутрината портите на неговиот дом се отворени за гости. Од тука тргнувале музичарите и цел ден е весело, а тие се радуваат да имааат што повеќе гости.

- Оваа традиција ми е пренесена од дедо ми, па од татко ми како аманет да ја продолжат моите деца. Горд сум на празникот. Многу гости ни доаѓаат од секаде и цел ден ги пречекуваме, Така било со векови во Варош, а традицијата ќе продолжи понатаму, вели Лучески.

Денеска на литургијата во манастирот „Свети Архангел Михаил“ во Варош присутвуваше и прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, почитувајќи ги традициите на настарата прилепска населба и на еден од најголемите манастирски бисери во Прилепско.ем/скс/15:44

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ