Протест во Софија поради одбивањето на БПЦ да учествува на чествувањето 1000 години Охридска архиепископија

Протест во Софија поради одбивањето на БПЦ да учествува на чествувањето 1000 години Охридска архиепископија

Софија, 16 мај 2018 (МИА) - Пред седиштето на Синодот на Бугарската православна црква во Софија денеска се одржува протест поради одлуката на бугарските владици да не учествуваат на одбележувањето на илјадагодишнината од основањето на Охридската архиепископија, што на  27 мај ќе биде одржано во Охрид. 

Претседателот на Фондацијата „Бугарска памет“ Милен Врабевски, кој го организира протестот изјави дека зад грбот на патријархот Неофит бил направен заговор под надворешен притисок. 

- Треба да се провери странското влијание врз бугарските институции кои рабаотат како држава во држава во корист на туѓи интереси. Одлуката на Синодот на БПЦ е донесена под странски диктат, изјави Врабевски. 

Протест Софија БПЦ

Учесниците на протестот бараат одговор од Синодот на БПЦ за последната одлука да му се забрани на бугарскиот висок клир да учествува на чествувањето на илјадагодишнината на Охридската архиепископија.

Таквата одлука, според нив, е скандалозна бидејќи била донесена со прегласување од владиците, а во отсуство на патријархот Неофит, кој, како што потсетуваат, презел одговорност  и подал рака на Македонската православна црква, прифаќајќи БПЦ да и биде мајка црква. Тие му забележуваат на Синодот на БПЦ дека шест месеци по прифатеното барање на МПЦ да и биде мајка црква, бугарската црква не презела ништо во тој правец. 

Протест Софија БПЦ

- Нема никакви активности во врска со духовното обединување на православните браќа од двете страни на границата. Последната одлука за неучествување на чествувањето во Охрид претставува целосно откажување од она што го вети БПЦ пред шест месеци и значи работење во корист на некои надворешни антибугарски интереси, велат организаторите од „Бугарска памет“. 

Синодот на БПЦ на 14 мај донесе одлука да не биде прифатена поканата на поглаварот на МПЦ ОА г.г. Стефан за заедничко одбележување на илјадагодишниот јубилеј на Охридската архипеископија. За таа одлука гласале осум бугарски владици, а четворица биле против. На синодската седница на која била донесена одлуката не присуствувал поглаварот на БПЦ, патријархот Неофит.са/сд/08:34

Фото: МИА/Бгнес/Актуално

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ