• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Драгоцените икони од карпинскиот манастир

Драгоцените икони од карпинскиот манастир

Куманово, 26 јуни 2018 (МИА) - Скапоцена колекција на стари икони се наоѓа во Галеријата на икони во Соборниот храм „Свети Никола“ во Куманово. Еден од најстарите експонати во Галеријата е карпинскиот иконостас, со празничните икони, крстот со сликано Распетие и царските двери, кои потекнуваат од 1606-тата година, потоа двете нафори, певницата и владичкиот престол.

Вљубениците во уметноста и верниците можат да ја разгледаат при постетата на храмот во строгиот центар на Куманово. Со најновите конзерваторски зафати на стручните лица од Националниот конзерваторски центар од Скопје и НУ Музеј од Куманово од 2009 до 2011 се откриени старите фрески од 1592 година во наосот и олтарот, во древниот манастир Карпино, посветен на Воведение на  Пресвета Богородица, во село Сув Орах, Кумановско.

певница карпино

Интарзираните предмети, двете нафори и певницата од седеф во техника на инкрустација и владичкиот престол со богато декориран наслон од дрво, се изработени кон средината на 17-тиот век. Екипите на кумановскиот музеј ги конзервираа во 2016 и 2017-та година и се достапни за јавноста во Галеријата на икони. Овие икони се богатство токму поради нивната старост. Останатите икони, освен една на свети Кирил Александриски од црквата „Св. Никола во Куманово“ од 18 век, потекнуваат од 19-тиот век, појаснуваат стручните од музејот.

славица карпино

Славица Крстиќ, советник историчар на уметност од музејот, вели дека експонатите од тој период, многу ретко се наоѓаат во Кумановско, освен сличните царски двери кои се наоѓаат во Двојната црква во Сув Орах. Постар иконостас во Кумановско нема сочувано.

- Во Галеријата е изложен првобитниот иконостас со седум празнични икони, царски двери во резба на дното и Голем крст, на врвот. Од дванаесетте празнични икони сочувани се седум: Лазарево воскресение, Преображение Христово, Влегување во Ерусалим, Распетие Христово, Оплакување Христово, Слегување во пеколот и Вознесение Христово“ - вели Крстиќ.

манастир карпино

Според натписот во подножјето на големиот крст, иконостасот е изработен 1606-та година.. Од истиот иконостас, фрагментарно е сочувана престолната икона на света Богородица Одигитрија, фризот со бисти  во медалјони на 12-те пророци, света Богородица и св. Јован Дамаскин, од илустрацијата Пророците те најавија, и резбарениот епистил со проширената Деисисна композиција, каде Христос е претставен на престол, фланикиран со св. Богородица и св. Јован Крстител и со по еден архангел од двете страни, како и по шест апостоли на престоли од двете страни, кои сега се наоѓаат на Постојаната поставка во Музејот на Македонија во Скопје. Епистилот е сличен со Деисисната плоча од Топличкиот манастир, Демирхисарско и од манастирот Зрзе, Прилепско.

Иконите се вредни и поради нивната старост за што сведочи и натписот под Големиот крст и точно се знае годината, но особена вредност имаат и по уметничката изработка на анонимниот зограф. Од тоа време се изработени и царските двери, со резба насликани со дводелна композиција Благовести. Авторот е анонимен, но припаѓа на слепченско резбарската школа.

крст карпино

- Над празничниот иконостас се наоѓа „змиски“ крст со Распетие Христово што е карактеристичен за црквите градени во тој период, но со особина која што во другите цркви ја нема. Овде се насликани риби во подножјето, најстариот христијански симбол, каде вообичаено се сликаат дракони, појаснува Крстиќ. Рибите се единствени од овој тип сочувани во Кумановско од пост-византискиот период, има слични, но наместо риби има насликано полжави, како што е во црквата Свети Никола во Трново, Кривопаланечко.

манастир карпино

Манастирот Карпино „Воведение на пресвета Богородица“ првпат се споменува во евангелието на еромонахот Јоаникие, напишано во 1592 година, кое денеска се чува во црквата Никољац во Бијело Поље, Црна Гора, и во ракописниот апостол од 17. век кој се наоѓа во Народната библиотека во Белград, а некогаш му припаѓал на манастирот „Св. Прохор Пчињски“. Манастирот бил значаен книжевен и скрипторски центар во 16-тиот век, со 300 калуѓери, и имал активен верски живот до крајот на Втората светска војна. Поседувал богата манастирска библиотека, преку 60 книги и ракописи, кои подоцна биле однесени во Белград, Софија, Москва и други градови. Во почетокот на 19 век, од 1806 до 1812 година, тука творел нашиот игумен и книжевник Кирил Пејчиновиќ. Водејќи се од пишаните документи може да се каже дека манастирот Карпино бил изграден пред 1592 врз темели на постара црква од 14-тиот век, од која не е сочувано ништо. Се работи за споменик на културата од Османлискиот период, од крајот на 16-тиот век кој е заштитен со Закон за заштита на спомениците на културата на Р. Македонија. До Карпинскиот манастир може да се стигне исклучиво со теренски возила поради непристапниот пат. Дел од неговите икони се достапни за јавноста во Галеријата на икони во храмот “Свети Никола“.

Домашните и странските туристи често ја посетуваат Галеријата, особено странските гости, кои знаат да ја ценат уметничката изработка на црковниот мобилијар. Радува фактот што голем интерес покажуваат и училиштата кои носат ученици и студенти кои имаат можност да ги видат вредните икони и црковни предмети создавани во поствизантискиот и преродбенскиот период во црквите и манастирите од Кумановско.

Александра Максимовска

###

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ