СПЦ запрепастена од БПЦ и патријархот Неофит за процесот за признавање на МПЦ-ОА

СПЦ запрепастена од БПЦ и  патријархот Неофит за процесот за признавање на МПЦ-ОА

Скопје, 13 јули 2018 (МИА) - Српската православна црква  била запрепастена од потегот на Синодот на Бугарската православна црква за преземената иницијатива на Македонската православна црква – ОА за признавање на нејзината автокефалност од страна на БПЦ. Тоа се наведува во писмената комуникација што СПЦ ја имала со БПЦ по писмото од 14 декември 2017 година во кое Синодот на БПЦ ги информирал српските владици за преземената иницијатива, објави Религија.мк, пренесувајќи делови од писмената комуникација.

МИА, повикувајќи се на црковни извори во МПЦ-ОА, ја потврди автентичноста на писмената комуникација во која српскиот патријарх Иринеј употребува навредливи термини за МПЦ-ОА, но и кон државата заканувајќи им се на бугарските владици за можни негативни последици за меѓусебните односи:

„Не се сомневаме во искреноста на вашата изјава дека  Бугарската Патријаршија никогаш не била рамнодушна кон страдањата на Македонската Православна Црква, туку на сличен начин, следејќи ја нашата сопствена совест за пасторска грижа и должност кон Црквата Божја, ние треба да Ви напоменеме дека сте избрале неканонски начин за лекување на страшната рана на Телото Христово со мешање во внатрешните работи на една сестринска помесна Црква – Српската Православна Црква, и со нарушување на сеправославниот консензус во врска со скопската шизма, а консензус со кој и вие сте согласни повеќе од половина век“, се вели во писмото од СПЦ до БПЦ.

Српскиот патријарх нагласува дека  СПЦ црковниот спор во Македонија го нарекува „шизма на Православната Црква во Македонија,  предизвикана од принуда и одлука на комунистичката власт“ и дека според него, „СПЦ била Мајка Црква“ во случајот. Тој наведува дека СПЦ правела долгогодишни напори да се воспостави вековно единство.

„Постигнатото решение – договорот од Ниш од 17 Мај 2002 година – чии потписници беа македонските епископи: Митрополитот Пелагониско Битолски Петар, Дебарско Кичевски Тимотеј и Струмички Наум, а од страна на Српската Православна Црква Црногорскиот Митрополит Амфилохиј, и Бачкиот Иринеј, Враненскиот Пахомиј и јас самиот, како Епископ на Ниш во тоа време, гарантираше најширока автономија на Православната Црква во ФИРОМ. Конечната одлука за идниот сеправославен собор да се остави на полнотата на Црквата во Светиот Дух според прифатениот канонски ред на Православната Црква. Шизматиците, под притисок на политичките фактори во ФИРОМ го отфрлија потпишаниот договор“, пишува во писмото на Иринеј до Бугарскиот патријарх.

Од СПЦ ги предупредуваат владиците во БПЦ поради поддршката за МПЦ-ОА и бараат повлекување на одлуката.

- Би сакале да ве предупредиме дека поддршката на Бугарската Православна Црква за шизматиците од Поранешната Југословенска Република Македонија, под изговор дека тие се обраќаат на Бугарската Патријаршија како на „своја Мајка Црква“, може само да им наштети на односите на нашите две сестрински Цркви и на единството на Православната екумена воопшто. Затоа бараме од Вас да ја повлечете одлуката на Светиот Синод на Вашата Црква, за да не го принудите Светото Собрание на епископи на нашата помесна Црква да донесе одлука која би имала невидени последици за идните односи на нашите две Цркви, се вели во  писмото одговор што српскиот патријарх Иринеј му го испратил на бугарскиот патријарх Неофит. зш/сд/14:34

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...