• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

На денешен ден

На денешен ден

28 март 2018 МИА

- Денеска е Светски ден на бабите, празник воспоставен во 1987 година во Франција.

1472.- Роден е италијанскиот сликар Бартоломео ди Паголо де Фаторино, познат како Фра Бартоломео, еден од последните фиорентински ренесансни мајстори. Тој најмногу сликал религиозни теми. Привремено го напуштил сликарството и во 1500 година отишол во доминикански манастир, но четири години подоцна Рафаел го убедил да продолжи да слика.

1483.- Во Урбино е роден Рафаело Санти, италијански сликар, најголем претставник на ренесансата во сликарството. Главни карактеристики на неговите дела, сликани и компонирани со ненадминлив стил, се класичната ведрина и возвишеноста на мислите и на чувствата. Се прославил со сликањето на Мадона во 1513 година. Работел портрети од кои по убавината на уметничката обработка се истакнуваат Портретот на млад човек во Будимпешта, на папата Јулиј Втори во Фиренца и на други дела. Умрел во Рим, на 6 април 1520 година.

1749.- Во Бомон ан Ож е роден Пјер Симон Лаплас, француски астроном, физичар и математичар. Работел на подрачјето на небесната механика, се занимавал со теоријата на електрицитетот, со кампиларноста на течностите и со специфичната топлина на цврстите тела. Познатата Кант-Лапластова теорија за настанокот на Сончевиот систем е објавена во 1798 година. Меѓу главните Лапластови дела се вбројуваат „Небесна механика“, „Преглед на историјата на астрономијата“. Умрел во Париз, на 5 март 1827 година.

1776.- Во Москва бил основан Болшој театарот - големиот театар на операта и балетот, по угледот на Санкт Петербург, во кој од 40-те години на 18 век се изведувани оперски претстави.

1800.- Ирскиот Парламент усвоил закон за обединување на Ирска со Англија.

1862.- Роден е францускиот државник Аристид Бријан. Тој 11 пати бил премиер. Во 1926 година ја добил Нобеловата награда за мир. Во Првата светска војна се залагал за формирање на Солунскиот фронт, а после војната за создавање на „Соединети Држави на Европа“ и Друштвото на народите.

1868.- Во Нижни Новгород е роден Алексеј Максимович Пешков - Максим Горки, руски, односно советски писател, еден од основачите на советската книжевност. Негови најпознати дела се драмите „На дното“, „Малограѓани“, автобиографските дела „Детството“, „Меѓу луѓето“, како и романите „Животот на Клим Самгин“, „Мајка“ и други. Умрел во местото Горки, кај Москва, на 18 јуни 1936 година.

1891.- Роден е унгарскиот писател Лајош Зилахи. Живел во емиграција после 1948 година, најмногу во САД. Негови најпознати дела се „Смртна пролет“, „Арарат“, „Водата нешто носи“, „Сонцето сјае“, „Сибир“, „Генерал“, „Разбеснети ангели“, „Пурпурен век“ и „Заробеници“. Умрел во 1974 година во Сремска Каменица кај Нови Сад.

1897.- Јапонија ја усвоила златната подлога на своите пари.

1930.- Најголемите турски градови Константинопол и Ангора биле преименувани во Истанбул и Анкара.

1939.- Франкистичките единици под команда на генерал Монтеросо го зазеле Мадрид. Со тоа завршила Шпанската граѓанска војна.

1939.- Адолф Хитлер го поништил Пактот за ненапаѓање кој Германија во 1934 година го склучила со Полска. Во септември истата година Германија ја нападнала Полска, со што започнала Втората светска војна.

1941.- Згрозена од војната, англиската писателка Вирџинија Вулф се самоубила. Дела: романи: „Излет на светилник“, „Госпоѓа Деловеј“, „Години“, „Бранови“, „Орландо“, есеи - „Сопствена соба“, „Обичен читател“ и други.

1941.- Италијанската морнарица претрпела голем пораз од британската морнарица кај `ртот Матапан, во Втората светска војна. Биле потопени повеќе италијански крстосувачи, а воениот брод „Виторио Венето“ бил тешко оштетен. По оваа битка, италијанската флота не излегувала на море дури ни кога имала исклучително поволни услови за успех.

1941.- Италијанскиот диктатор Бенито Мусолини го известил Адолф Хитлер дека неговите сили се подготвени да учествуваат во нападот на Југославија, по што почнале забрзани подготовки за агресија која Германците ја почнале на 6 април 1941 година со бомбардирањето на Белград.

1969.- Умрел американскиот генерал и државник Двајт Дејвид Ајзенхауер, врховен командант на сојузничките сили во Втората светска војна во Европа, претседател на САД од 1953 до 1961 година. Командант на НАТО бил од 1950 до 1952 година, кога поднесол оставка поради претседателските избори кои ги добил како кандидат на Републиканската партија.

1970.- Во земјотрес кој го разорил турскиот град Гедиз во западна Анадолија загинале најмалку 1.100 луѓе.

1973.- Американскиот актер Марлон Брандо одбил да го прими Оскарот за главната улога во филмот „Кум“, испраќајќи ја на церемонијата на доделувањето на наградата индијанската актерка Сацин Лифлфедер - Сачин „Мало перо“ - за да го опише патењето на американските Индијанци.

1979.- Во нуклеарен инцидент во САД, во електричната централа „Островот три милји“ кај Херисбург во Пенсилванија, после делумно топење на еден реактор, радиоактивен гас истекол во атмосферата и жителите на Херисбург биле евакуирани.

1885.- Умрел рускиот сликар Марк Шагал, исклучителен колорист и цртач, еден од најоригиналните сликари во 20. век. Дела: „Мртви души“, „Илјада и една ноќ“. Исто така ги има сликано париската Опера, синагога во Ерусалим, зградата на ОН и др.

1991.- Десетици илјади московјани, наспроти забраната за јавно собирање, демонстрирале на улиците во знак на поддршка на Борис Елцин, најголемиот ривал на советскиот претседател Михаил Горбачов. 

1994.- Умрел францускиот писател од романско потекло Ежен Јонеско, член на Француската академија. Дела: „Ќелавата пејачка“, „Жак или покорност“, „Лекција“, „Столовии“, „Жртви на должноста“, „Макбет“, „Нов станар“, „Носорог“, „Убиец без плата“, „Кралот умира“, „Летечки пешак“, „Ноќница“, „Жед и глад“, „Чума“, „Човек со куфери“, „Црно и бело“.

1994.- Русија потпишала Договор со Казахстан за користење на космодромот во Бајконур.

1996.- Во Скопје започнала со работа Македонската берза на долгорочни хартии од вредност, прв пазар на капитал во Република Македонија.

1996.- Република Македонија и Република Никарагва воспоставиле дипломатски односи на амбасадорско ниво.

2002.- Умрел американскиот филмски сценарист, продуцент и режисер од австриско потекло Били Вајдер, првиот филмаџија кој во една година добил три Оскари. Бил наградуван и на фестивалите во Кан и во Венеција и освоил шест Оскари.  Филмови: „Пропаднат излет“, „Булевар на самракот“, „Сабрина“, „Духот на Сент Луис“, „Некои тоа го сакаат жешко“, „Еден, два, три“, „Слатката Ирма“, „Приватниот живот на Шерлок Холмс“.

2004.- Умрел британскиот актер, режисер и писател од руско-француско потекло Питер Александер Јустинов, амбасадор на добрата волја на УНИЦЕФ и УНЕСКО. Филови: „Quo vadis“, „Спартак“ (Оскар), „Топкапи“ (Оскар), „Виолетово такси“.

2005.- Во земјотрес со интензитет од 8,7 степени според Рихтеровата скала, кој го погодил северниот дел на Суматра, загинале околу 1.000 луѓе.

2015.- По долго боледување, починал македонскиот писател Иван Василевски од Струмица. Роден бил во селото Босилово, Струмичко, во 1947 година. Работел како новинар во Македонското радио и во Македонската информативна агенција. Беше член на ДПМ. Автор е на  книгите: „Привев во тишината“, „Црнорисци“, „Куќа на ѕвездите“, „Заточени души“, „Утки“, „Наташа“, „Поеми за тишината“, „Потомците на Чрт“ и „Одмеѓување на светот“. Автор е на романот „Антон Хлебец“, на драмата „Лоза“ и на повеќе монографски и медијавистички изданија. Добитник бил на високи книжевни признанија, меѓу кои и на „Ацо Шопов“, „Григор Прличев“ и на наградата „Дијалог“.

 ###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ