• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

На денешен ден

На денешен ден

7 април 2018 (МИА)

- Денеска е Светски ден на здравјето. Во 1948 година стапил во сила Уставот на Светската здравствена организација.

1348.- Во Прага бил основан Универзитет, прв во централниот дел на Европа.

1614.- Умрел шпанскиот сликар и вајар од грчко потекло Ел Греко. Од родниот Крит преку Венеција, каде што учел да слика кај Јакоп Тинторето, и Рим пристигнал во шпанскиот град Толедо во кој живеел 37 години и останал до смртта. Тој најмногу сликал портрети и обработувал религиозни теми. Негови најпознати дела се „Погребот на грофот Оргаза“, „Духови“, „Лаокон“, „Толедо“ и други.

1770.- Роден е англискиот писател Вилијам Вордсворт, чија поезија го означи преминот од класицизмот во романтизмот. Централна тема на неговата лирика е описот на чувствувањето на мистичната поврзаност со природата. Негови познати дела се збирката песни „Лирски балади“ и стихуваната автобиографија „Прелудиум“.

1772.- Роден е францускиот економист Шарл Фурие, социјалист-утопист кој сметал дека капитализмот е „асоцијален“ бидејќи во него поединците се во постојана војна едни со други. Дела: „Новиот индустриски и општествен свет“, „Теорија на четири проекти“, „Собрани дела“.

1915.- Родена е американската пејачка Елинора Фејгн, позната како Били Холидеј, наречена „кралица на џезот и блузот“. Според музичките критичари, се уште ниту еден џез-пејач не се доближил до нејзините интерпретации.

1939.- Фашистичка Италија започнала инвазија врз Албанија. Земјата била заземена без ниеден испукан куршум.

1939.- Роден е американскиот филмски режисер, сценарист и продуцент Френсис Форд Копола, еден од најзначајните филмски творци во САД во втората половина на 20 век, добитник на пет Оскари и две „Златни палми“ на фестивалот во Кан.  Ги режирал филмовите „Деменција“, „Сега си голем дечко“, „Долината на среќата“, „Кум“, „Кум II“, „Кум III“, „Големиот Гетсби“ и други, а сценарио напишал за „Њујоршки приказни“, „Кум“, „Деменција“ и други филмови.

1945.- Американските авиони во Втората светска војна го потопиле најголемиот јапонски воен брод „Јамато“.

1947.- Умрел американскиот автомобилски магнат Хенри Форд, кој најмногу придонесол за развојот на автомобилизмот. Првите „бензински кочии“ ги конструирал во 1896 година, а од 1899 година произведувал автомобили. Прв го вовел сериското производство, а во 1908 година го создал „моделот Т“, првиот „народен автомобил“. 

1953.- Во Белград умрел Димитар Влахов, македонски револуционер, политичар и публицист. Повеќе децении бил присутен на македонската историска сцена во борбата на македонскиот народ за национално и социјално ослободување. Роден бил во Кукуш, Егејска Македонија, на 8 ноември 1878 година.

1963.- Донесен бил уставот со кој називот Федеративна Народна Република Југославија бил сменет во Социјалистичка Федеративна Република Југославија, а Јосип Броз бил прогласен за доживотен шеф на државата.

1966.- Од Средоземното Море кај шпанскиот брег била извадена американска хидрогенска бомба, која паднала од авион поради техничка грешка.

1980.- САД ги прекинале дипломатските односи со Иран.

1990.- Фериботот „Скандинавска ѕвезда“ бил зафатен со оган во текот на крстарење во Северното Море меѓу Норвешка и Данска и во несреќата загинале 158 луѓе.

1992.- САД ги признале како независни држави поранешните југословенски републики Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина.

1994.- Во текот на судирите меѓу припадници на војската, полицијата и бандите во главниот град на Руанда, Кигали, бил убиен премиерот Агата Увилингијиман.

2005.- По речиси шест децении, откако во 1947 година била повлечена границата меѓу Индија и Пакистан во Кашмир, отворена била автобуска линија меѓу престолнините на индискиот и пакистанскиот дел на Кашмир, Шринагар и Музафарабад.

2006.- Во северен Багдад, во три експлозии на бомбаши-самоубијци внатре и пред шиитска џамија загинале 70 луѓе, а биле ранети 158 лица.

2017.- Во Загреб на 87 години починал големиот хрватски и југословенски актер Реља Башиќ. Кариерата ја започнал во драмскиот ансамбл на ХНК во 1955, но во 1968 станува самостоен уметник и игра на повеќе театарски сцени. Реља Башиќ е еден од плејадата успешни и популарни југословенски глумци, а на повозрасната публика и е познат по бројни филмски улоги. Најпозната е неговата ролја во филмот „Кој пее, зло не мисли“, како господин Фулир. Во својата кариера Реља Башиќ играл во 3.700 театарски претстави, а глумел во над 56 домашни и странски филмови. Башиќ е роден во 1930 година во Загреб.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Обожаватели на Принс бараат истрага за неговата смрт

Илјадници обожаватели на американскиот музичар При...

Објавена првата слика од новиот Џокер

Режисерот Тод Филипс на Инстаграм ја објави првата...

Експерти: Вештачката интелигенција ќе ни овозможи комуникација со животните

Желбата за зборување со животните тлее во многумин...

На Месечината има погребан човек

На Месечината има многу „ѓубре“ од луѓето што ја п...

Папата Франциско: Сексот е голем дар од Бога

Папата Франциско им порача на младите Французи дек...