На денешен ден

На денешен ден

6 април 2018 (МИА)

885.- Умрел словенскиот просветител Методиј, постариот брат на Кирил, со кого ја составил првата словенска азбука, глаголицата.

1199.- Умрел англискиот крал Ричард Први Плантагент, наречен „Лавовско срце“, еден од водачите во Третата крстоносна војна.

1490.- Умрел унгарскиот крал Марија Хунјади, познат како Матија Први Корвин, кој во текот на владеењето од 1458 година војувал против Турците и хабзбуршките владетели. Ја зазел Виена во 1486 година во која и умрел. По неговата смрт Унгарците ги изгубиле сите територии кои тој ги освоил.

1528.- Умрел германскиот сликар Албрехт Дирер, еден од најголемите ренесансни мајстори.  Сликал природа, а работел и акварели. Неколку години живеел во Нирнберг, каде што ги создал најзначајните дела, вклучувајќи ги и „Четири апостоли“, „Портрет на Холцшуер“ и други.

1667.- Во земјотрес загинале три четвртини од населението на Дубровник, а поголемиот дел од градот бил уништен. По оваа трагедија Дубровник никогаш повеќе не успеал да ја врати старата слава бидејќи обемот на трговските работи кои градот тогаш ги имал никогаш не бил остварен.  

1789.- Џорџ Вашингтон бил избран за прв претседател на САД.

1874.- Роден е американскиот магионичар, по потекло унгарски Евреин, Ерих Вајс, познат како Хари Худини, најпознатиот магионичар во 20. век. Името го сменил во чест на францускиот магионичар Жан Езен Робер Худин.

1890.- Роден е холандскиот воздухопловен инженер Ентони Херман Жерар Фокер, основач на воздухопловната индустрија „Фокер“, која и сега произведува авиони, главно патнички. Тој во Јохаништал кај Берлин 1912 година ја изградил првата фабрика за авиони. По војната изградил фабрика во Амстердам, а потоа ја проширил дејноста во САД и Шпанија. 

1896.- Во Атина почнале првите модерни Олимписки игри кои биле организирани од страна на Французинот Пјер де Кубертен, претседател на Меѓународниот олимписки комитет од 1896 до 1925 година. На игрите кои завршиле на 14 април, учествувале 484 натпреварувачи.

1909.- Американскиот поларен истражувач Роберт Едвин Пири (1856-1920) стигнал прв на Северниот пол. Тој се смета за негов откривач. Пири го испитал и најсеверниот дел на Гренланд („Пириева земја“) и напишал неколку дела за своите патувања, како што се „Најблиску до полот“, „Северниот пол“ и „Тајните на поларните патувања“.

1917.- САД во Првата светска војна, по вонредното заседание на Конгресот, и објавиле војна на Германија.

1941.- Силите на Оската (Германија, Италија, Унгарија и Бугарија), без објавување војна го нападнале Кралството Југославија.

1946. – Роден е Иван Беќарев, српски филмски и театарски актер од македонско потекло. Првата филмска улога Беќарев ја остварил во 1967 година во филмот „Боксерите одат во рајот“. Големата актерска популарност ја стекнал со телевизиската серија „Бањица“ во 1984 година и преку ликот на Стевица Курчубиќ од телевизиската серија „Подобар живот“ (1987-1990). Остварил и низа театарски улоги во драмски дела од најпознати светски автори.

1965.- Првиот светски комерцијален сателит бил лансиран од космодромот Кејп Кенеди.

1971.- Умрел рускиот композитор Игор Фјодорович Стравински, еден од најуниверзалните музички творци во 20 век. Од 1910 живеел во Франција, а од 1937 година во САД. Дела: балетите „Жар-птица“, „Пролетна посветеност“, сценската кантата „Свадба“, мелодрамите „Приказна за војникот“, „Персефона“, операта-ораториум „Кралот Едип“, операта „Животот на развратникот“, Концертот за 16 инструменти, „Регтајм“, автобиографските трудови „Хроника на мојот живот“, „Музичка поетика“.

1991.- Во Прилеп почнал Првиот конгрес на ВМРО-ДПМНЕ.

1992.- Умрел американскиот писател и професор по биохемија од руско потекло Исак Асимов, писател на научно-фантастична проза. Научно-популарни дела: „Хемикалиите на животот“, „Ѕвездите и нивните патишта“, „Внатре во атомот“, „Светот на нитрогенот“, „Човечкиот мозок“, „Науката, броевите и јас“. Литературните дела: „Јас, робот“, „Голо сонце“, „Вселенски струи“, „Крај на вечноста“.

1996.- Умрела американската филмска актерка од ирско потекло Грир Гарсон, добитник на Оскарот за филмот „Госпоѓа Минивер“, снимен во 1942 година. Други филмови: „Збогум мистер Чипс“, „Мадам Кири“, „Јулиј Цезар“, „Излезот на сонцето во Кампобела“.

2000.- Умрел поранешниот претседател на Тунис - Хабиб Бен Али Бургиба, водач во борбата за независност. Бил прогласен за доживотен претседател на Тунис од 1957 година, но во 1987 година бил тргнат од власта со државен удар без крвопролевање.

2005.- На 81-годишна возраст починал принцот од Монако Рение Трети. Тој владеел со Монако од 1949 година и бил европски лидер кој најдолго останал на престолот. Негов наследник е принцот Алберт. Рение Трети беше оженет со холивудската дива Грејс Кели.

2007.- Умрел италијанскиот режисер Луиџи Коменчини, основач на Италијанската кинотека. Кариерата ја започнал како филмски критичар, а дебитирал на големото платно со документарниот филм „Деца во град“ (1946 година). Филмови: „Доживувањата на Пинокио“, „Леб, љубов и фантазија“.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ