На денешен ден

На денешен ден

8 мај 2018 (МИА)

- Светски ден на Црвениот крст и на Црвената полумесечина

1794.- Во Париз умрел Антоан Лавоазје, француски хемичар, кој се смета за основач на модерната хемија. Прогласувајќи го законот за неуништивоста на материјата како основа за хемиските процеси, тој ја почнал примената на егзактните физички методи за мерење на хемиските истражувања. На пример, докажал дека водата е соединение на водород и кислород (1783 година), а ги задолжил науката и човештвото со многу други значајни откритија. Роден бил во Париз, на 26 август 1743 година.

1828.- Во Женева е роден Жан Анри Динан, швајцарски филантроп, основач на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во 1863 година, кој подоцна прераснал во меѓународна организација. Во 1901 година ја добил Нобеловата награда за мир. Умрел во Хајден, Швајцарија, на 3 октомври 1910 година.

1858.- Во Неапол е роден Руџеро Леонкавало, италијански композитор, претставник на веристичката насока. Неговото најзначајно дело е операта „Палјачи“, која зборува за животот на една патувачка артистичка дружина. Умрел во Монтекасино, кај Фиренца, на 9 август 1919 година.

1880.- Умрел Гистав Флобер, француски писател, еден од основачите на реализмот во француската литература. Како противник на граѓанското лицемерие, верно ги сликал секојдневниот живот и личностите од провинцијата. Напишал две театарски дела, неколку новели и оставил многу значајни и обемни дела. Негови најзначајни дела се романите „Сентиментално воспитување“, „Госпоѓа Бовари“ и „Искушението на Антони“. Роден бил на 12 декември 1821 година.

1884.- Роден е Хари Труман, триесет и третиот претседател на САД. Умрел на 26 јануари 1972 година.

1902.- Во ерупција на вулканот Мон Пале на Мартиник целосно бил уништен градот Сен Пјер, а несреќата ја преживеале само двајца од 30.000 жители.

1903.- Турската војска од Костур, Егејска Македонија, испратила засилен војнички одред за да го уништи селото Смрдеш, само затоа што со сметало за најкомитско село во Костурско. Во ноќта и утредента, војниците и башибозукот направиле големи штети во селото. Од 300 куќи - изгореле 240, 84 луѓе биле убиени или заклани, а 50 биле повредени. Селото било речиси ограбено и опустошено.

1905.- Во Ѓаково умрел Јосип Јурај Штросмаер, бискуп, политичар и културен деец, основач и покровител на Југословенската академија на науките и уметности (ЈАЗУ) во Загреб, во 1866 година, втемелувач на хрватскиот универзитет. Се стремел кон обединување на јужните Словени во рамките на Австрија. Во 1861 година, со негова помош, во Загреб бил објавен „Зборникот на браќата Миладиновци“. Роден бил во Осиек, на 4 февруари 1815 година.

1914.- Во селото Будинарци, Беровско, е роден Глигор Смокварски, македонски композитор, кларинетист и музиколог. Тој бил првиот кларинетист на Македонската филхармонија. Автор бил на првиот национален балет „Македонска повест“. Умрел во Скопје, на 15 март 1974 година.

1921.- Во Шведска била укината смртната казна.

1925.- Во Виена во Бург-театарот, од платеничката на бугарскиот двор Менче Карничева, бил убиен Тодор Паница, истакнат борец на македонското националноослободително движење. Роден бил во бугарскиот град Орахово, во 1878 година.

1949.- Основана била Сојузна Република Германија.

1992.- Република Филипини ја признала Република Македонија.

1995.- Република Македонија и Република Сингапур воспоставиле дипломатски односи.

1996.- Умрел шпанскиот борец со бикови Луис Мигел Лукас „Доминген“, веројатно најдобриот светски борец со бикови во 20 век, чија вештина го инспирирала американскиот писател Ернест Хемингвеј.

2001.- Во Скопје, во издание на Македонскиот народен театар бил промовиран првиот број на списанието за сценска уметност „Сцена“.

2001.- Папата Јован Павле Втори ја завршил посетата на Сирија во текот на која како прв римокатолички поглавар во историјата влегол во една џамија.

2007.- Во Северна Ирска по повеќегодишни суспензии и директна управа на лондонската влада, обновена била локалната власт и формирани биле северноирски парламент и влада.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ