• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

На денешен ден

На денешен ден

2 јуни 2018 (МИА)

1624.- Роден е полскиот крал Јан Трети Собјески, кој во текот на владеењето од 1674 па се до смртта во 1686 година го оневозможил длабокиот продор на Турците во Европа.

1584.- Католичките држави во рамките на светото Римско царство го усвоиле Грегоријанскиот календар.

1740.- Роден е францускиот писател Донасјен Алфонс Франсоа де Сад, познат како Маркиз де Сад. Дела: романите „Јустина“ и „Жилиета“.

1789.- По донесувањето на американскиот Устав со кој се утврдиле начелата на државното уредување и надлежностите на претседателот, во САД се одржале првите претседателски избори на кои убедливо победил Џорџ Вашингтон, прочуениот водач на војната за независност.

1804.- Роден е рускиот композитор Михаил Иванович Глинка, творeц на рускиот национален стил. Автор е на првата руска национална опера „Иван Сусањин“. Според истоимената поема на Александар Пушкин го напишал либретото за операта „Руслан и Људмила“. Останати дела: фантазијата „Камаринскаја“, увертирата „Ноќ во Мадрид“, камерна музика, романси, црковна музика, соло песни.

1840.- Роден е Томас Харди, англиски писател. Поради специфичниот реализам и извонредно пластичниот опис на амбиентот во кој се случува дејството на неговите романи, тој се сметал за најдобар англиски автор од тоа време - „последен викторијанец“. Неговите дела целосно го застапуваат трагично-фаталистичкиот поглед на светот. Познати се неговите дела „Под гринвудското дрво“, „Далеку од лудата толпа“, „Градоначалникот на Кестербриџ“ и други. Умрел на 11 јануари 1928 година.

1857.- Роден е англискиот композитор и виолинист Едвард Вилијам Елгар. Дела: ораториумот „Геронтијусов сон“, концертните увертири „На југ“, „Енигма за варијациите“, „Фалстаф“, две симфонии, концерти за виолина и виолончело.

1882.- Умрел италијанскиот револуционер Ѓузепе Гарибалди, водач на движењето за обединување на Италија.

1898.- По конституирањето на првата подморница која се движела на тркала по морското дно и со додавање на цевка низ која во подморницата влегувал свеж воздух, американскиот техничар Симон Лејк водел телефонски разговор од својата подморница со претседателот на општината на градот Балтимор. Тоа значело почеток на новиот начин на телефонско комуницирање.

1902.- Во селото Пателе, Леринско, во борба против турската војска, откако му привршила муницијата, се самоубил Диме Абдарманов, истакнат македонски револуционер. Бил член на ТМОРО од 1896 година, а како комита особено станал популарен како народен заштитник. Роден бил во селото Пателе.

1904.- Во Виндбер, Пенсилванија, е роден Џони Вајсмилер, американски пливач, ватерполист и филмски актер. Бил најуспешен толкувач на ликот на Тарзан во серија филови. Умрел во Акапулко, Мексико, на 20 јануари 1984 година.

1916.- Во Скопје е роден Јордан Николов-Орце, народен херој на Македонија. Тој бил еден од организаторите и раководителите на работничкото движење во Македонија и член на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Во ноќта меѓу 3 и 4 јануари 1942 година, на пат за Македонија, минувајќи ја планината Кукавица кај селото Туба, во близина на Владичин Хан, убиен бил од заседа на бугарскиот фашистички окупатор.

1924.- Американскиот Конгрес го признал државјанството на сите преостанати Индијанци, староседелци на територијата на која се создадени САД.

1943.- Во Њујорк умрел Никола Тесла, еден од најголемите умови и пронаоѓачи на полето на електротехниката. Тој е пронаоѓач на трофазниот систем за пренос на електрична енергија, на индукциониот мотор, на генераторот и трансформаторот и на цела низа други откритија врз кои денес се заснова модерната електроника. Тој е пионер на радиотехниката и според него струјата со висок напон го добила името Теслина струја. Роден бил во селото Смилјан, кај Госпиќ, на 10 јули 1856 година.

1946.- Италијанците на референдум се изјасниле за републиканско уредување, отфрлајќи ја монархијата.

1953.- Британската кралица Елизабета Втора била крунисана во Вестминстерската катедрала во Лондон. Таа е била првата церемонија која се пренесувала на телевизијата.

1983.- Советскиот Сојуз од сателит во орбитата на Земјата лансирал нова вселенска сонда за истражување на планетата Венера.

1987.- Умрел шпанскиот гитарист Андрес Серовиј, најголем мајстор на овој инструмент во 20 век. Со само седум години приредувал концерти ширум светот, извонредно толкувајќи дела на класични мајстори, со што гитарата ја сместил во редот на концертните инструменти за сериозна музика.

1997.- Во Џорџтаун умрел Адолфус Док Читам, една од последните американски џез легенди, водечки трубач во оркестарот на Кејб Неловеј. Роден бил во Нешвил, на 13 јуни 1905 година.

1999.- Во Јапонија, по повеќедецениски полемики, се легализирала употребата на средствата за контрацепција.

2006.- Умрел рускиот вајар Вјачеслав Кликов. Тој бил еден од иницијаторите и организатор на Деновите на словенската писменост и култура, а бил и претседател на Меѓународниот фонд за словенска писменост и култура.

2012.- Египетскиот суд на доживотен затвор го осудил соборениот египетски претседател Хосни Бубарак, кој заедно со своите синови и шефови на безбедносните служби бил обвинет за убиства на демонстранти и за корупција. Мубарак бил првиот арапски лидер на кого му се судело во татковината. Обвинителството барало смртна казна.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ