На денешен ден

На денешен ден

19 јуни 2018 (МИА)

551 г. пред н.е.- Роден е Конфуциј, кинески филозоф. Во неговата етичка доктрина основен елемент е „жен“, односно хуманоста. Го нарекуваат "кинескиот Сократ" и учител на 10.000 генерации. Умрел во 479 г. пред н.е.

1566.- Роден е шкотскиот крал Џејмс Шести Стјуарт, кој како Џејмс Први од 1603 до неговата смрт во 1625 година прв владеел и со Шкотска и со Англија и бил прв Стјуарт на англискиот престол. По абдикацијата од шкотскиот престол на неговата мајка Марија Стјуарт во 1567 година кога имал само една година, бил прогласен за крал на Шкотска и таа титула ја носел се до својата смрт.

1623.- Роден е Блез Паскал, француски математичар, физичар, книжевник и филозоф. Конструирал математичка машина (аритмометар) која ги вршела четирите основни математички операции. Ги поставил основите на законот на веројатноста, ја измислил хидрауличната преса и утврдил дека притисокот на воздухот опаѓа со висината, така што со помош на барометар може да се утврди висината на планините. Умрел на 19 август 1662 година.

1819.- Американскиот параброд „Савана“ пристигнал во англиското пристаниште Ливерпул. Тоа бил првиот брод на водена пареа кој го помина Атлантикот.

1828.- Во Виена умрел Франц Петер Шуберт, австриски композитор, еден од најистакнатите претставници на музичкиот романтизам. Ги поставил темелите на поновата германска соло-песна, во класичните форми на симфонијата, сонатата и камерната музика внел лирска содржина, а го поттикнал и развојот на клавирските минијатури и ја збогатил хорската музика. Роден бил во Лихтентал до Виена, во 1797 година.

1834.- Во Париз е роден Едгар Дега, француски сликар, графичар и вајар. Се смета за еден од најголемите сликари на неговото време. Во почетокот бил реалист, а подоцна се доближил до импресионизмот, работејќи исклучиво фигури во ентериер. Бил виртуозен цртач, а особено го интересирала разновидноста на движењата. Познат е неговиот циклус цртежи и слики на балерини. Умрел во Париз, на 26 септември 1917 година.

1862.- Конгресот на САД донесол решение за укинување на ропството на својата територија.

1885.- Статуата на Слободата, француски подарок за Американците, пристигнал во Њујорк од Франција.

1906.- Роден е британскиот физиолог и биохемичар од руско потекло Ернст Борис Чејн, кој заедно со Александар Флеминг и Хауард Волтер Флори во 1945 година ја поделиле Нобеловата награда за медицина. Ги истражувал ензимите, инсулинот и антибиотиците (пеницилинот).

1918.-  Во Прилеп е роден е Илија Милчин,македонски актер, режисерјазичар и преведувач, почесен член на ДПМ. Завршил право на Софискиот универзитет во 1942 година. Во периодот од 1944 до 1947 година работел како драматург, а потоа како актер и режисер во Македонскиот народен театар во Скопје. Бил уметнички раководител и режисер на Обласниот македонски народен театар во Горна ЏумајаПиринска Македонија (1947-1948). Од 1965 до 1968 година бил директор на Драмата на Македонскиот народен театар во Скопје. Неговиот преведувачки опус опфаќа голем број значајни дела од руски, хрватски, бугарски и француски автори. Добитник е на наградите: „11 Октомври“, „Кирил Пејчиновиќ“, „Јован Стерија Поповиќ“, „13 Ноември“, „Војдан Чернодрински“. Остварил значајни улоги во филмовите: „Мис Стон“, „Мирно лето“, „Македонска крвава свадба“, „Републиката во пламен“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“,  „Ангели на отпад“ и други.

1913.- Почнало Тиквешкото востание (траело седум дена) против српската власт која го окупирала овој дел на Македонија по повлекувањето на турската војска по Првата балканска војна. Македонските востаници ги ослободиле Кавадарци и Неготино, како и педесетина села од тој крај. Било крваво задушено. За време на востанието и при неговото задушување загинале или биле убиени повеќе од илјада души, а околу 2.700 биле затворени. Притоа биле изгорени околу илјада куќи и дуќани пред се во Кавадарци и во Неготино.

1937.- Умрел шкотскиот писател Џејмс Метју Бери, „таткото“ на Петар Пан. Пишувал главно драми и раскази. Дела: „Петар Пан“, „Убавиот Крајтон“, „Господска улица“.

1946.- Во Њујорк била одржана првата здравствена конференција на Обединетите нации на која претставниците на 61 држава ја прифатиле Декларацијата за правата на човекот и ја формирале Светската здравствена организација.

1953.- Во американскиот затвор „Синг-Синг“ била извршена смртна казна на електрична столица врз Џулиус Розенберг и неговата сопруга Етел. Двајцата биле обвинети за оддавање нуклеарни тајни на Советскиот Сојуз. И по бројните апели од сите страни на светот да им биде поштеден животот, смртната казна била извршена. Двајцата се прва брачна двојка погубена во САД.

1961.- Велика Британија му дала независност на шеикатот Кувајт, во Персискиот Залив, што бил под нејзин протекторат од 1899 година.

1970.- Советскиот вселенски брод „Сојуз - 9“ се вратил на Земјата, постигнувајќи нов рекорд во должина на престојот во вселената од 17 дена, 16 часа и 59 минути.

1993.- Во Фолмаут умрел Вилијам Голдинг, еден од најоригиналните повоени писатели во Велика Британија. Негови најпознати дела се романите „Ритуалите на патувањето“ и „Господарот на мувите“. Во 1980 година ја добил Нобеловата награда за литература. Роден бил во Сент Колем Мејџор, Корнвол, на 19 септември 1911 година.

1997.- Во Скопје умре Георги Арсовски, македонски писател и литературен критичар. Во 1966 година ја објавил првата книга „Приказни за мојот син“, а во 1977 година последната книга „Монолози“ (поезија). Роден бил во Велес, на 15 јануари 1927 година.

2001.- Во Скопје умрел Рајко Јовчевски, македонски писател за деца, преведувач и новинар. Неговата прва објавена книга е „Еден малечок свет“. Пишувал и раскази и романи. Роден бил во селото Луково, Струшко, на 23 февруари 1937 година.

2008.- Британија официјално го ратификувала Лисабонскиот договор, бидејќи кралицата Елизабета Втора дала согласност на Законот со кој овој Договор се одобрувал. Со тој чин Британија станала 19 земја во Европската унија која го ратификува Лисабонскиот договор, и прва држава која тоа го направи откако Ирците на референдум го отфрлиле тој документ. 

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ