• A-
  • A
  • A+
вторник, 18 септември 2018, 

На денешен ден

На денешен ден

5 јули 2018 (МИА)

1783.- Во Роан е роден Шарл Луј Авас, француски писател, новинар, основач на новинската агенција „Авас“. Авас го осмислила новиот концепт на специфичното агенциско новинарство. Агенцијата Авас е најстара во светот, која тој ја основал во 1835 година. Како новинска агенција Авас постоела до 1945 година, кога била национализирана по падот на вишискиот режим во Франција. Од неа израснала денешната француска новинска агенција „Франс прес“.

1811.- Венецуела станала првата јужноамериканска држава која прогласила независност од шпанските колонијални власти. Била шпанска колонија од 1498 година. Таа била најбогата земја во Латинска Америка, со најголем национален доход по жител. - Национален празник на Венецуела.

1830.- Француските колонијални трупи го зазеле градот Алжир во Алжир, тогаш под Османлиско царство. Алжир останал под француска управа до 1962 година, кога по ослободителната војна се изборил за независност.

1833.- Умрел францускиот хемичар Жозеф Нисефор Ниепс, пионер на фотографијата. Усовршувајќи ја литографијата од 1813 до 1820 година, прв во светот успел да фиксира слика добиена во темна комора со помош на посребрени бакарни плочки прекриени со чувствителен слој на асфалтен лак.  

1879.- Роден е американскиот тенисер и политичар Двајт Дејвис, кој во 1900 година го основал тенискиот натпревар на нациите „Дејвис куп“. Бил министер за војна од 1925 до 1929 година.

1880.- Роден е чешкиот виолинист и композитор Јан Кубелик, кој почнал да настапува на осумгодишна возраст, стекнувајќи се со углед на еден од најголемите виолински виртуози на своето време. Дела: „Американска симфонија во a-mol“, шест концерти за виолина и оркестар, симфониски варијации за виолина и камерен оркестар, кратки композиции за виолина и клавир.  

1889.- Роден е Жан Кокто, француски писател. Тој поминал низ сите фази на модерната уметност: кубизам, дадаизам, футуризам, неокласицизам и надреализам. Во неговите сценски дела се застапени сите родови на техниката, од пантомима, балет и мело-драма, до комедии и класични трагедии. Од 1955 година бил член на Француската акдемија на науките. Умрел на 11 октомври 1963 година.

1891.- Роден е Аугустин - Тин Уевиќ, еден од најголемите поети на современата хрватска литература. Творештвото му се одликува со оригинален поетски израз, префинет сензибилитет, длабоко проникнување во душата, со богатство на јазикот и на поетските слики. Познати се неговите стихозбирки „Лелек на ратајот“, „Медал“, „Песни“ и „Жеден камен на кладенец“. Умрел во Загреб, на 2 ноември 1955 година.

1911.- Роден е францускиот државник Жорж Помпиду, претседател на Франција од 1969 до 1974 година. Шеф на државата станал по оставката на Шарл де Гол. Од 1962 до 1968 година бил претседател на владата.

1943.- Почнала Курската битка во која учествувале околу 6.000 тенкови од германска и советска страна. Иако Германија ангажирала 50 девизии во кои имало 14 оклопни и две моторизирани, таа сепак претрпела пораз, губејќи половина милион војници и 2.900 тенкови.  

1954.- Во Мемфис, САД, Елвис Присли ја снимил песната „Се е в ред мамо“. Овој датум се смета за почеток на рокен-рол музиката.

1980.- Шведскиот тенисер Бјорн Борг по петти пат непрекинато победил на турнирот во Вимблдон, што на никому дотогаш не му успеало.

1988.- Во Скопје умрела Драга Чаловска - Секуловска, македонски новинар, учесник во НОВ од 1941 година и еден од основачите на Радио Скопје. Родена била во Битола, на 13 октомври 1923 година.

1990.- Во Битола умрела Мара Георгиева, македонска артистка, доајен на Народниот театар во Битола, прва „госпоѓа министерка“ на македонски јазик.

1998.- Во Прилеп умрел Борка Талески, член на првата група професори што почнала со работа во гимназијата во Прилеп, во 1945 година. Предавал латински јазик, руски јазик, филозофија. Ценет бил меѓу колегите, меѓу учениците и често ја употребувал сентенцијата „Славата на ученикот е слава на учителот“. Прилепчани го нарекувале граѓанин на Прилеп. Роден бил во селото Вранче, Прилепско, на 15 март 1915 година.

2000.- Во Скопје, во издание на ДНИД „Огледало“ Д.О.О., излегол првиот број на дневниот весник „Вест“. Како печатена верзија згаснал во април 2017 година.

2006.- Умрел основачот на американската корпорација „Енорн“ Кенет Леј, кој еден месец претходно бил обвинет за банкротот на овој енергетски гигант. „Енрон“, некогаш седма најголема компанија во САД, банкротирала за нешто помалку од три мсеци по терористичките напади на 11 септември во 2001 година во Њујорк.

2014.- Во Киев на 79-годишна возраст почина митрополитот на Киев и на цела Украина Володимир. Станал митрополит на Киев и на цела Украина на 27 мај 1992 година. Тој ја предводел црквата во Украина во еден подолг и многу сложен период - прво по распадот на СССР, потоа за време на црковниот раскол во земјата, а во последните месеци и при распламтувањето на украинската криза. Митрополитот Володимир, чие световно име е Виктор Макрианович Сабодан, бил роден на 23 ноември 1935 година во украинското село Марковци.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ