• A-
  • A
  • A+
среда, 19 септември 2018, 

На денешен ден

На денешен ден

13 јули 2018 (МИА)

1762.- Умрел Џемс Бредли, англиски астроном. По Халеевата смрт бил директор на Гриничката опсерваторија. Во 1728 година ја објаснил појавата на аберацијата на светлоста и ја открил појавата на нутацијата. Роден бил во 1693 година.

1793.- Во Париз бил убиен Жан Пол Мара, познат француски револуционер, еден од водачите на француската буржоаска револуција. Убиството го извршила Шарлота Кордеј, приврзаничка на жирондистите и на монархистите. Роден бил на 24 мај 1734 година.

1837.- Кралицата Викторија Прва, како прв британски монарх, се преселила во Бакингемската палата во Лондон.

1930.- Во главниот град на Уругвај почнало Првото светско фудбалско првенство, на кое во конкуренција од 13 екипи победила репрезентацијата на земјата-домаќин.

1943.- Со победа на советската армија, во Втората светска војна по осум дена завршила клучната фаза од Курската битка, во која учествувале приближно 6.000 тенкови од двете страни. Германците иако ангажирале 50 дивизии, од кои 14 оклопни и две моторизирани, биле поразени, вклучувајќи ја и загубата од 2.900 тенкови. Во текот на борбите кои траеле до 23 август 1943 година, Германците, заедно со сите тенкови загубиле и половина милион луѓе, а 30 нивни дивизии биле уништени.  

1946.- При Земската болница во Скопје е формирана првата Станица за трансфузија на крв. Од мала станица со еден лекар и три медицински сестри прераснала во Републички завод за трансфузиологија.

1951.- На Голи Оток, во таканаречената „болница на работилиштето – мермер“, умрел Панко Брашнаров, македонски национален деец, народен учител, хуманист, воденичар, кафеџија, градинар и слуга, најстар пратеник на Првото заседание на АСНОМ, прв претседател на Заседанието и прв потпретседател на АСНОМ, прв доверител за информации во првата привремена влада на Македонија, најблизок соработник на Матодија Андонов - Ченто, еден од плејадата херои-маченици на Голи Оток. Роден бил во Велес, на 9 август 1883 година.

1951.- Во Лос Анџелес умрел Арнолд Шенберг, австриски композитор, еден од новаторите и творците на модерната музика. Роден бил во Виена, на 13 септември 1874 година.

1955.- Рут Елис, осуденичка на смрт поради убиство на својот љубовник, станала последната жена која била обесена во Велика Британија.

1985.- На лондонскиот стадион „Вембли“ и на стадионот „Џон Кенеди“ во Филаделфија во истовреме биле одржани големите хуманитарни концерти под името „Лајв ејд“. Во акцијата за помош на гладните во Африка, која ја организираше Боб Гелдоф, најпознатиот рок и поп музичар во светот, собрани биле 60 милиони долари, а ТВ-преносот од концертите го следеле околу милијарда и пол гледачи ширум светот.

1990.- Во Скопје била основана Социјалистичката партија на Македонија. За претседател бил избран Киро Поповски.

1992.- Преземајќи ја должноста претседател на владата на Израел, Јицак Рабин најавил дека ќе ги посети престолнините на арапските земји заради постигнување мир на Блискиот Исток.

2006.- Отворен бил нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан, долг 1.774 километри. За неговата изграба биле вложени четири милјарди долари. Преку нафтоводот Баку-Тбилиси-Џејхан нафтата се транспортирала од Каспиското Море до средоземното турско пристаниште Џејхан, заобиколувајќи ги Русија и Иран. Овој нафтовод, според зборовите на турскиот премиер Реџеп Таjип Ердоган претставува „патот на свилата во 21. век“.

2011.- Германскиот магнат Лео Кирх починал на 84-годишна возраст. Кирх своевремено ја поседувал една од најголемите медиумски империи во Германија, чиј дел беа ТВ каналот Премиер (Premiere), денеска Скај (SKY), телевизискиот концерн ПроЗибенСат.1 (ProSiebenSat.1) и голема филмска библиотека. Во пролетта 2002 година неговата основна компанија КирхМедиа (KirchMedia) објавила банкрот.

2014.- Славниот диригент Лорин Мазел починал на 84-годишна возраст во американската сојузна држава Вирџинија. Мазел, кој бил роден во Франција во семејство на американски музичари со еврејско потекло, се прославил како диригент на Њујоршката филхармонија и на Виенската државна опера. Мазел диригирал со повеќе од 150 оркестри и имал повеќе од 300 снимени записи. Тој бил и композитор, а неговата прва опера „1984“, пишувана според истоимената книга на Џорџ Орвел, ја имала праизведбата во Лондонската кралска опера на Ковент Гарден.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Обожаватели на Принс бараат истрага за неговата смрт

Илјадници обожаватели на американскиот музичар При...

Објавена првата слика од новиот Џокер

Режисерот Тод Филипс на Инстаграм ја објави првата...

Експерти: Вештачката интелигенција ќе ни овозможи комуникација со животните

Желбата за зборување со животните тлее во многумин...

На Месечината има погребан човек

На Месечината има многу „ѓубре“ од луѓето што ја п...

Папата Франциско: Сексот е голем дар од Бога

Папата Франциско им порача на младите Французи дек...