На денешен ден

На денешен ден

10 август 2018 (МИА)

1526.- Турската војска под команда на султанот Сулејман Први по победата над Унгарците во Мохачката битка, успеала да го заземе Будим, кој станал седиште на Будимскиот пашалак, провинција на Османлиското царство во наредните 150 години.

1721.- Шведска и Русија со мирот во Нистад, Финска, ја завршиле Големата северна војна, започната во 1700 година, во која рускиот цар Петар Велики ги победил Швеѓаните со што добил излез на Балтичкото Море.

1839.- Роден е американскиот филозоф и логичар Чарлс Сандерс Пирс, основач на прагматизмот. Верувал дека идеите најмногу можат да се испитаат со истражување на последиците кои ги предизвикуваат. Немал универзитетска кариера, главно работел во владини служби, а неговите влијателни собрани дела се објавени постхумно.

1855.- Роден е германскиот археолог Роберт Колдевеј, кој од 1889 до 1917 година го истражувал Вавилон и докажал дека библиската метропола на реката Еуфрат, јужно од Багдат, навистина постоела.

1917.- Во Скопје е роден Драган Ташковски, истакнат македонски историчар, публицист и општествено-политички работник. Умрел на Хвар, на 16 септември 1980 година.

1919.- Во Сен Жермен, кај Париз, склучен бил мировен договор меѓу Австрија и победничките сили во Првата светска војна. Мировниот договор формално ја потврдил пропаста на австроунгарската монархија и на Австрија и било забрането да се здружи со исто така поразената Германија. Со договорот било признаено Кралството на Србите, Хрватите и Словенците.

1925.- Во Париз излегол првиот број на весникот „Македонско дело“, орган на ВМРО (Обединета). Излегувал и во Берлин и Виена. Главен уредник бил Владимир Поп Томов, а во редакцијата биле Димитар Влахов, Јордан Атанасов, Дино Косев, Т. Рилски и други. Ги спроведувал идеите што биле во основата на Мајскиот манифест - борба против режимите на Бугарија, Југославија и Грција, а за независна Македонија во федерација на слободните балкански народи.

1942.- Британското воено воздухопловство во Втората светска војна со 476 авиони го нападнало Диселдорф при што исфрлило околу 100.000 бомби.

1943.- По капитулацијата на Италија во Втората светска војна, германската армија го окупирала Рим.

1944.- Во Софија, на заседанието на Организациониот комитет на Светскиот рударски конгрес, Националниот организационен комитет на Република Македонија бил примен за полноправен член.

1945.- Во Норвешка, под обвинение за предавство, осуден на смрт бил водачот на норвешките фашисти Видкун Квислинг. Во Втората светска војна бил премиер на марионетската влада од 1942 до 1945 година. Со негова помош во 1940 година Германија  ја окупирала Норвешка.

1967.- Граѓаните на Гибралтар на референдум ја отфрлиле можноста за припојување кон Шпанија, определувајќи се да останат под управа на Велика Британија.

1976.- Во судирот на патничките авиони „Трајдент“ на британската компанија „Бритиш ервејз“ и „ДЦ-9“ на југословенската компанија ЈАТ, северно од Загреб, загинале сите 176 лица во двата авиона.

1981.- Сликата „Герника на шпанскиот сликар Пабло Пикасо била вратена во Шпанија. Насликана била во 1937 година, по нацистичкото бомбардирање на гратчето Греника во Шпанската граѓанска војна и од 1939 година била во Њујорк. Пикасо оставил аманет „Герника“ да не биде вратена се додека неговата земја не стане демократска држава.

1989.- Унгарија ги отворила границите кон Запад и дозволила заминување на илјадници граѓани на Источна Германија. Масовниот егзодус го предизвикал падот на Берлинскиот ѕид, а подоцна и обединувањето на Германија.

1993.- Израелскиот премиер Јицак Рабин во Ерусалим го потпишал официјалното израелско признавање на Палестинската ослободителна организација (ПЛО). Церемонијата била извршена откако премиерот Рабин го добил писмото од лидерот на ПЛО Јасер Арафат со кое се признава Израел, како и копијата од другото писмо на Арафат во кое тој повикува на крај на Интифадата.

1994.- Во селото Арачиново, Скопско, бил поставен и осветен камен-темелникот на новата црква „Св. Маченик Талалеј“.

2000.- Во Република Македонија се одржале вторите локални избори (по осамостојувањето) за градоначалник и за членови на општинските совети на 123 општини, односно 124 со градоначалникот и Советот на град Скопје.

2001.- Воено товарно возило на АРМ на патот кај месноста Љуботенски бачила нагазило на две противтенковски мини. Животот го загубиле Томе Бадаровски, Гоце Чанкуловски, Бранко Јанев, Томислав Настевски, Марјанчо Бошковски, Ивица Златевски, Томе Димовски и Раде Јанковски, сите припадници на резервниот состав на АРМ од гарнизонот Скопје.

2002.- Швајцарија станала 190 членка на Обединетите нации.

2003.- Шефот на шведската дипломатија Ана Линд, со нож била прободена во стоковна куќа во Стокхолм од страна на Швеѓанин од српско потекло. Следниот ден починала.

2007.- Во својот дом во Палм Спрингс, Калифорнија, во САД, умрел Џејн Вајман, „последната ветеранка на Холивуд“, една од најекспонираните и најкомерцијални актерки во четириесеттите и педесеттите години на 20. век, добитник на „Оскар“. Родена била во 1914 година.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ