• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

На денешен ден

На денешен ден

5 септември 2018 (МИА)

1568.- Роден е Томазо Кампанела, италијански филозоф, доминиканец. Во делото "Сончева држава", напишано по примерот на Платон и на Томас Мор го изложи своето сфаќање за идеално општествено уредување како еден вид социјалистичка република. Умре во Париз, во 1639 година.

1585.- Роден е Арман Жан ди Плеси Ришелје, француски државник, кардинал, прв министер на Луј Тринаесетти. Ги сузбиваше заговорите на племството и го зацврстуваше кралскиот апсолутизам. Умре на 4 декември 1642 година.

1600.- Со повелба на кралицата Елизабета  основана е  "Источно-индиската компанија", со што беа удрени темелите на англиското колонијално владеење.

1735.- Роден е германскиот композитор, пијанист и диригент Јохан Кристијан Бах, најмладиот син на Јохан Себастијан, кој живееше во Милано и во Лондон, по што е наречен "италијански Бах" и "англиски Бах". Во Англија се прослави како пијанист и организатор на музичкиот живот и стана музички учител на кралицата Шарлот. Дела: 15 опери, повеќе од 60 симфонии, 37 клавирски концерти, 13 увертири, клавирски сонати, камерна музика.

1767.- Во Хановер е роден Аугуст Вилхел Шлегер, германски писател, литературен критичар, историчар, преведувач и филозоф. Умре во Бон, на 12 мај 1845 година.

1791.- Роден е германскиот композитор од еврејско потекло Јакоб Либман Бер, познат како Ѓакомо Маербер, кој одигра голема улога во создавањето на Француската голема опера.

1798.- Отоманското царство и објави војна на Франција.

1800.- Малта падна во рацете на Британците под команда на адмиралот Хорејс Нелсон (Хоратио), кој претходно ги блокира француските трупи на островот.

1857.- Умре францускиот филозоф и математичар Огист Кон, еден од оснивачите на позитивистичката филозофија и социологија.

1860.- Русија, Велика Британија, Франција, Прусија, Австрија и Отоманското царство потпишаа договор за воспоставување ред во Сирија по масакрот  извршен врз христијанското население  од страна на муслиманите.

1888.- Роден е индискиот филозоф и државник Сарвепали Радакрипнан, професор по филозофија на универзитетите во Мадра, Калкута, Чикаго и Оксфорд. Беше амбасадор во Москва во 1939, потпретседател на Индија од 1952 и претседател од 1962 до 1967 година. Дела: „Индиска филозофија“, „Религијата и општеството“, „Историја на источната и западната филозофија“.

1902.- Роден е американскиот филмски продуцент Дарил Френсис Занук. Во 1933 година ја оснива филмската компанија "Твенти сенчери фокс". Беше продуцент на низа значајни филмови: "Плодови на гневот", "Се за Ева", "Најдолгиот ден", "Младиот господин Линколн" и други.

1905.- Заврши Руско-јапонската војна. Под притисок на Велика Британија, САД и Франција, Русија беше принудена да склучи мир со Јапонија во Портсмаут. Со ова на Јапонија и беше отстапена јужната половина на островите Сахалин и Порт Артур, а Кореја и јужна Манџурија потпаднаа под интересната сфера на Јапонија.

1914.- Германски војници во Првата светска војна го убија францускиот писател и филозоф Шарл Пјер Пегиј, еден од клучните јавни личности за ослободување на невино осудениот капетан Алфред Драјфус. Дела: драмата „Јованка Орлеанка“, есеите „Нашата младост“, „Пари“.

1919.- Загина рускиот револуционер Василиј Иванович Чапаев, командант на 25. стрелачка дивизија, легендарен јунак на Црвената армија во граѓанската војна која изби по Октомвриската револуција во Русија. Во Првата светска војна повеќе пати беше одликуван за храброст, а во почетокот на 1918 година го формираше одборот за борба против контрареволуцијата.

1919.- Во Струга е роден Владо Малески, македонски револуционер, општествено политички работник и истакнат македонски писател. Автор е на книгите раскази "Ѓурѓина алова", "Бранувања", на романите "Она што беше небо" и "Разбој". Тој е автор на сценариото на првиот македонски уметнички филм "Фросина". Умре во Струга, на 23 септември 1984 година.

1939.- Соединетите Американски Држави прогласија неутралност во Втората светска војна.

1956.- Во месноста Моклиште над селото Ваташа, Кавадаречко, во утринските часови на 5 септември огромно свлечиште земја затрупа 11 луѓе. Сите затрупани беа овчари во земјоделските задруги во Ваташа, во Дреново и во Возарци.

1961.- Во Белград умре Алексо Демниевски-Бауман, македонски борец во Шпанската граѓанска војна (1936-1939) и во НОВ на Македонија во 1944 година. Во Шпанската граѓанска војна беше командант на баталјонот "Ѓуро Ѓаковиќ", а откако беше унапреден во чин мајор стана командант на интернационалната бригада "Георги Димитров". Во НОВ на Македонија беше командант на Петнаесеттиот македонски ударен корпус. Роден е во Велес, на 10 септември 1905 година.

1972.- Палестински терористи во Минхен убија 11 израелски спортисти-учесници во Олимписките игри. Во 24-часовното пукање на аеродромот, загинаа и четворица терористи и еден западногермански полицаец.

1983.- Во Скопје умре Лика Чопова - Јуркова, истакнат педагошки работник и публицист. Потекнува од македонските револуционерни семејства на Делчеви и на Чопови, од мајка Руша Делчева, сестра на Гоце Делчев и татко Андон Чопов. Родена е во Кукуш, Егејска Македонија, на 19 февруари 1885 година.

1990.- Во Сеул се сретнаа премиерите на Северна и Јужна Кореја. Разговорите беа водени на дотогаш најголемо ниво меѓу двете земји поделени по Корејската војна во 1953 година.

1990.- Во Рим, Италија, умре Иван Ванчо Михајлов, раководител на ВМРО по смртта на Тодор Александров во 1924 година. Михајлов важи за контроверзна личност во чие време се случиле најголемите внатрешни пресметки во ВМРО проследени со многу жртви. Михајлов се залагаше за независна Македонија со главен град Солун. Роден е во Ново Село, Штипско на 26 август 1896 година.

1995.- Франција во Атолот Муруроа изврши подводна нуклеарна проба со сила еквивалентна на 20 илјади ТНТ. Овој чин наиде на осуда во целиот свет, а предизвика и масовни протести, посебно во Австралија и на Тахити.

1997.- Во Калкута, Индија, умре Мајка Тереза (вистинското име и е Агнес Гонџа Бојаџиу), основачка на милосрдието. Во 1979 година ја доби Нобеловата награда за мир за извонредно широката дејност во помагањето на бедните, болните и унесреќените во целиот свет. Родена е во Скопје, на 26 август 1910 година.

1997.- На стадион во главниот град на Парагвај за време на одржувањето на политички митинг ненадејното невреме ги урна трибините, при што загинаа 37 лица.

1997.- Умре Џорџ Шолти, американски диригент од унгарско потекло. Се смета за еден од најголемите диригенти во светот во 20. век. Роден е во Унгарија, на 21 октомври 1912 година.

1988.- Парламентот на Северна Кореја го избра Ким Џонг Ил, син на покојниот Ким Ил Сунг, за шеф на Националната комисија за одбрана, што претставува највисока функција во земјата по укинувањето на претседателската.

1998.- Во Скопје умре Петар Ширилов, македонски писател и литературен критичар. Автор е на книгите раскази "За детството и светилките", "Бунт во каменот", "Геометри", на романите "Заветрина спроти виулицата", "Плачат оние планини за мене", "Црноборје" и други. Роден е во село Горничево, Егејска Македонија, на 18 мај 1934 година.

1999.- Во Скопје, пред Домот на АРМ е откриен споменик на Мајка Тереза, најголема хуманистка на 20. век, добитник на Нобеловата награда за мир во 1979 година.

2000.- Во Скопје, со симболично предавање на клучевите од дуќанот со површина од околу шеесетина метри квадратни на улицата "Максим Горки" бр. 7 на Лепосава Пиперковска и на другите наследници од Скопје, премиерот Љубчо Георгиевски го означи стартот на денационализацијата во Република Македонија.

2002.- Во експлозија на автомобил-бомба во главниот град на Авганистан, Кабул, убиени се најмалку 26 лица. Подоцна, истиот ден во јужниот град Кандахар е извршен обид за атентат врз авганистанскиот премиер Хамид Карзаиј.

2005.- Индонезиски патнички авион „Боинг 737-200“ падна врз станбениот дел на Медан, град на северниот остров Суматра. Од вкупно 112 патници и пет членови на екипажот, загинаа 103, додека на земја животот го загубија 47 лица.

2009. - Во водите на Охридското Езеро потона туристичкиот брод „Илинден“ во кој се превезуваа 55 лица бугарски државјани и двајца членови на екипажот. Петнаесет патници го загубија животот, а 42 лица, меѓу кои и двајца членови на екипажот, ја преживеаја несреќата.

2014.- Почина сопранот Васка Биџова-Гајдова, уметник од првата генерација на основоположниците на Македонската Опера и Балет. Васка Биџова-Гајдова трајно ќе остане во сеќавање по нејзиниот прекрасен колоратурен сопран, или како што ја нарекуваа „Славејчето на операта“. Ке биде запаметена по улогите на Адина во „Љубовен напиток“, Евридика „Орфеј и Евридика“, Кралицата на ноќта „Волшебната флејта“, Лучија во „Лучија од Ламермур“, Џилда во „Риголето“, Фјордилиџи „Така правата сите“, Розина „Севилскиот бербер“ и многу други.

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Две јапонски сонди слетаа на астероидот Ријугу (видео)

Јапонско вселенско летало „Хајабуса2“ испрати два ...

Која е разликата помеѓу белите и кафените јајца?

Најверојатно сте се запрашале за разликата меѓу ја...

Македонија го потврди учеството на Евровизија 2019

Македонија го потврди учеството на Евровизија 2019...

Во Минхен почна 185. издание на Октоберфест

Во Минхен денеска почнува 185. издание на познатио...

Кање Вест одлучи да го напушти Лос Анџелес

Кање Вест донесе одлука заедно со семејството да с...