Захариева: Бугарија како претседавач со ЕУ ќе предложи почеток на преговорите со Македонија

Захариева: Бугарија како претседавач со ЕУ ќе предложи почеток на преговорите со Македонија

Луксембург, 25 јуни 2018 (МИА) - Бугарија утре пред Советот на ЕУ ќе предложи Македонија и Албанија да бидат поканети да започнат преговори за влез во Европската Унија. Позицијата на Македонија е посилна од онаа на Албанија, истакна денеска вицепремиерката на Бугарија Екатерина Захариева. 

Како штпо пренесе БТА, Захариева посочила дека повеќето земји членки го поддржуваат ставот веднаш да биде упатена поканата за почеток на преговори, но додала дека постои уште работа за да се убедат дел од државите кои се скептични.

-До вечер амбасадорите на државите од ЕУ ќе продолжат да разговараат на таа тема. Дури и ако утре Советот на ЕУ поддржи почеток на преговори за проширување, тоа не значи веднаш започнување на преговори. Има многу подготвителна работа која треба да ја завршат експертите во Еврокомисијата, како што е подготвување на преговарачка рамка, истакна Захариева.

Таа појасни дека  ставовите од сите земји членки ќе бидат земени в предвид, бидејќи се работи на тоа да се добие позитивна одлука. Захариева потенцира дека доколку утре не биде донесена позитивна одлука, прашањето ќе го разгледува Европскиот совет кон крајот на неделата.

Додаде дека со Франција треба уште многу да се работи, но истакна дека она што е важно е дека никој не е против. Појасни дека различните мислења се околу рокот кога да се почнат преговори, бидеќи нема држава која е против европската перспектива на земјите од Западен Балкан.

-Сите сметаат дека има сериозен развој и прогрес во Западен Балкан. Прашањето е кога, а не дали. Станува збор за толкување на подготвеноста на земјите за влез во ЕУ, рече Захариева. 

Според неа, балканските лидери демонстрирале храброст, почнувајќи со договорот меѓу Македонија и Бугарија кој даал позитивен импулс во целиот регион на што се надоврзал и договорот за името меѓу Македонија и Грција. - Поддршката од четири петтини од државите во ЕУ значи дека сите сфаќаат дека е исклучително важен момент од кој ќе зависи дали процесот и позитивната тенданција за реформи на Балканот, за решавање на многугодишните прашања и за помирување, ќе запре доколку не се донесе одлука за проширување. потенцира Захариева. бк/ск/бак/17:47

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ