• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Хан во Скопје - почнува скринингот за почеток на преговорите со ЕУ

Хан во Скопје - почнува скринингот за почеток на преговорите со ЕУ

Скопје, 17 јули 2018 (МИА) - Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан денеска престојува во еднодневна посета на Скопје, со што ќе се означи стартот на скрининг процесот за почеток на преговорите со ЕУ.

Хан прво ќе пристигне во Владата, каде ќе присуствува на 79-та владина седница, чија единствена точка на дневен ред е Информацијата за концептот и структурата на преговори за пристапување на Република Македонија во ЕУ.

По завршување на владината седница, премиерот Зоран Заев и еврокомесарот Јоханес Хан ќе имаат заедничка прес-конференција.

Хан ќе го посети и Собранието, каде ќе се сретне со собранискиот спикер Талат Џафери и со лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Еврокомесарот Хан, како што јави МИА, ќе има обраќање пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции во Собранието.  

Минатата недела Хан на прес-конференција во Брисел ги најави посетите на Македонија и на Албанија и отпочнувањето на скрининг процесот на овие две земји. Еврокомесарот по завршување на средбите во Скопје, утре попладне ќе замине за Тирана.

Ќе се врши скриниинг на повеќе области, меѓу кои клучните посочени за реформирање - владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата, безбедносните и разузнавачките служби, јавната администрација. 

Како што веќе најави премиерот Зоран Заев минатата недела за 33. поглавја за Македонија, Владата ќе треба да формира 33 работни групи во кои ќе се ангажираат над илјада лица од институците и од граѓанскиот сектор. Претстои и формирање тимови за преговори, а на утрешната седница ќе бидат одредени преговарачите за политичкиот и за техничкиот дел.

Скринингиот е процес со кој се проверува нивото на подготвеност на земјата да води преговори. ац/бак/07:16

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ