• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Балфур: Македонија да се бори против руското мешање во референдумската кампања

Балфур: Македонија да се бори против руското мешање во референдумската кампања

Брисел, 25 јули 2018 (МИА) – Во интервју за МИА, Роза Балфур, експерт за проширување во Германскиот Маршалов план (German Marshall Fund - ГМФ) предупредува дека сите сили во општеството, вклучително и новинарите, треба да вложат напор за справување со можната руска вмешаност во референдумската кампања.

Балфур објаснува дека, како и во други изборни кампањи, Русија најверојатно ќе се обиде да се вмеша преку ширење дезинформации и лажни вести.

- Новинарството треба цврсто да работи на проверка на факти, презентирање алтернативни аргументи, обезбедување анализи лесно разбирливи за читателот, да се кредибилни, да имаат извор, важно е да има мобилизација на сите категории кои се занимаваат со информирање и влијание врз јавното мислење. Ова се случува секаде, не само во Македонија, но се разбира Македонија работи врз покревки основи од консолидирани демократии. Но, тоа го видовме и во Велика Британија со кампањата за Брегзит. Мешањето беше огромно, и треба сите сектори на општеството да се мобилизираат. Ова не е нешто што може да се реши преку пасивност, вели Роза Балфур за МИА.

Договорот за Грција, вели таа, е историски пресврт за Македонија и за Грција, кој ќе постави пример за другите спорови во регионот. Според Балфур, би било добро кампањата за референдумот да ја поддржат европските лидери на највисоко ниво и да го вратат фокусот на регионот, кој долго време беше запоставен.

- Тоа што се случи на Балканот последните години, исто така, беше резултат на непосветувањето внимание од страна на западните дипломати. И сега се обидуваат да го поправат тоа, мислам дека имаше освестување за тоа дека, иако светот има многу проблеми, Балканот останува регион на кој му е потребен грижа и внимание. Мислам дека е јасно тоа, нагласува таа.  

Балфур предупредува и дека доколку не помине договорот за името – дали на референдум, дали во грчкиот парламент, иднината ќе биде покревка за целиот регион.

- Што ако не успее референдумот? Има повеќе сценарија: едното е да продолжат работите по старо, а тоа е кревка, брутална политика во Македонија, која не исклучува имплозија. Ако остатокот од регионот не ги реши своите спорови, отсуството на договор во Македонија може да има ефект на прелевање во Албанија, Косово, може да потпали други нерешени, нестабилизирани спорови. Така што ризиците од влошување ќе бидат таму и ќе продолжат сѐ додека не се решени овие прашања. Поради тоа е уште поважно да се врати фокусот на успесите од овој договор и да се биде сигурен дека народот во Грција и Македонија разбира колку е важно, истакнува експертката за проширување.

Според Балфур, одлуката на Советот на ЕУ да и додели условен датум за преговори на Македонија е разочарувачка, но, таа објаснува дека мора да се прифати реалноста на Европската Унија дека таа е во криза и дека решавањето на кризите е од интерес и за самата Македонија, кога таа ќе стапи во Унијата.

Кризите во ЕУ несомнено ќе го забават процесот на проширување, додава таа,а земјите од регионот ќе поминуваат низ долг преговарачки процес, процес кој ќе треба да се реобмисли. ЕУ би требало да размислат за нов пристап во кој земјите кандидатки би добивале некакви придобивки од членството уште за време на самиот преговарачки процес, како на пример пристап до структурните фондови.

- Треба ова да се гледа како догорочен план. И се надевам дека ЕУ во иднина ќе почне да размислува за тоа како да го направи тој долгорочен план опиплив. Од визната либерализација, пред десет години, никој не смислил ништо кое би имало важност за граѓаните, и тоа треба многу скоро да се најде на агендата, вели Балфур за МИА.

Во интервјуто, оваа долгогодишна експертка за проширувањето и Балканот зборува и за иднината на Европската Унија, ситуацијата помеѓу Косово и Србија и ризиците кои ги носи новата американска администрација за регионот и за светот. тм/вг/18:28

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ