Хан: Да не се ризикува иднината на Македонија поради дневно-политички цели

Хан: Да не се ризикува иднината на Македонија поради дневно-политички цели

Берлин, 30 јули 2018 (МИА) - Еврокомесарот за проширување на Европската унија Јоханес Хан е задоволен од стратегијата на ЕУ за Западен Балкан, бидејќи, според него, покрената е нова динамика во регионот.

Во интервју за Еуроактив Германија, Хан истакна дека најголем напредок во последната година забележала Македонија, но и дека останатите од регионот напредувале повеќе од претходно.

На прашањето која земја од Западен Балкан постигна најголем напредок во изминатата година, еврокомесарот изјави:

- Прво и најважно, Поранешната Југословенска Република Македонија, која ја надмина длабоката политичка криза со демократски средства. Земјата постигна значителен напредок во спроведувањето на договорот од Пржино и реформските приоритети на новата, про-реформска и проевропска влада. Особено значајни се напорите на Владата на премиерот Заев за добрососедски односи. По договорот за пријателство со Бугарија, конечно, по 27 години залудни напори со посредство на ОН, спорот за името помеѓу Скопје и Атина е решен. Овој историски договор претставува значаен чекор кон реализација на евроатлантската перспектива на земјата, потенцира Хан.

Тој потсетува дека за успешен договор неопходен е и успешен референдум.

- Поради тоа,  ги повикувам сите политички фактори конструктивно да работат за да ја постигнат оваа цел, а не да го загрозат напредокот поради дневна политика. Се работи за иднината на земјата, поради што референдумот за договорот со Грција и новото име треба да се спроведе што е можно поскоро. Ратификацијата и успешниот референдум се суштински чекори на патот кон членство во НАТО и ЕУ, потенцира еврокомесарот Хан.

На прашањето дали 2025 година, која во Стратегијата се наведува како година за можно проширување на ЕУ, е премногу далеку за земјите кои сакаат да бидат дел од Унијата, Хан потенцира дека тој индикативен датум не е предалеку, бидејќи за реформи и усвојување на стандардите на ЕУ е потребно време. Тој потенцира дека не станува збор само за промена на закононите, туку и за нивна примена.

Што се однесува на другите земји од Западен Балкан, Хан оцени дека во последната година секоја од нив напредувала со различна брзина и интензитет.

- Црна Гора и Србија, во моментов се „предводници“ по отворање поглавја и сега имаат 31, односно, 14 отворени од вкупно 35, потсети еврокомесарот.

- Албанија добро напредуваше со реформските приоритети, посебно со амбициозната реформа на правосудството, а Владата покажа единство во борбата против корупцијата и организираниот криминал, оцени Хан.

Тој вели дека како и Македонија, и Албанија работи на решавање на отворените гранични прашања и посакува добрососедски односи и потенцираше дека благодарејќи на значајниот напредок на обете земји, Европската комисија препорача отворање преговори.

- Косово ги исполни преостанатите услови за визна либерализација, па можевме да дадеме препорака, додека Босна и Херцеговина одговори на прашањата од Прашалникот на ЕК, што е услов за давање статус кандидат, истакна еврокомесарот за проширување.

- Западен Балкан е опкружен со членки на ЕУ и на Европа и припаѓа географски, историски и културно. Мој принцип за проширувањето е извоз на стабилност, наместо увоз на нестабилност. Во таа смисла, евроинтеграцијата на Западен Балкан е вложување во безбедност и стабилност на Унијата. Не треба да се заборави ниту геостратешкиот аспект: не би било мудро зад себе да се остави вакуум, кој ќе го искористат други меѓународни актери, чии вредности не се како нашите, образложи Хан во интервјуто за Еуроактив Германија. ссм/16:33

###

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

„Хет трик“: Фудбалер за само шест недели доби деца од три жени

Напаѓачот на англискиот фудбалски клуб Стоук Сити,...

Доделена „Алтернативната Нобелова награда"

Наградата „Правилно живеење", позната и како „Алте...

Тревога во Бакингемската палата поради приврзок за клучеви

Мажот кој вчера беше уапсен кај Бакингемската пала...

Многу мажи по сексот чувствуваат емотивна празнина

Дури 40 отсто од мажите по сексот чувствуваат емот...

НАСА откри две нови планети

Само пет месеци по поставувањето во земјината орби...