• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Османи уверен дека апсолутното мнозинство граѓани ја поддржуваат историската шанса

Османи уверен дека апсолутното мнозинство граѓани ја поддржуваат историската шанса

Скопје, 4 август 2018 (МИА) - Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи смета дека апсолутното мнозинство граѓани во Македонија ја поддржуваат историската шанса што ја има земјата, конечно да станел дел од Европската унија и НАТО.

Османи во интервју за Алсат М во врска со претстојниот референдум, немањето поддршка од опозицијата за него и потребниот цензус вели дека суштинското прашање е дали мнозинството граѓани се „за“ или „против“.

- Недоволниот одзив на граѓаните, за да го направат процесот успешен значи над 50 отсто, претпоставува дека тие, граѓаните му дават мандат за Парламентот да одлучи сам. Тоа е пораката од неизлегувањето на референдумот. Втората порака е тоа дека договорот кој е ратификуван во Собрание останува на сила. Така што на некаков начин неизлегувањето е и поддршка. Затоа мислам дека во која било верзија ќе биде важно каков ќе биде гласот на граѓанинот. Не, техничко-логистичко прашање, туку всушност дали мнозинството ќе биде „за“ или „против“. Јас сум уверен дека апсолутното мнозинство на граѓаните на Македонија се за оваа историска шанса за Македонија, вели Османи.

Во врска со забелешките на опозициските партии на Албанците дека со Договорот Албанците ќе се идентификуваат како македонски граѓани на Северна Македонија, Османи нагласува дека тоа се однесува на државјанството, а не на етничката припадност.

- Според тоа што го слушнав, опозицијата бара да се поништи договорот, да се укине договорот, Македонија да не влезе во НАТО, Македонија да не започне преговори со ЕУ, да стане заложник на геополитички опасности и на руското влијание во земјата, но и на деструктивните сили од регионот. Ова е пораката на албанската опозиција. Јас мислам дека пораката на апсолутното мнозинство на Албанците е да се поддржи овој договор, да се поддржи зачленувањето на Македонија во НАТО и во ЕУ, да се стабилизира земјата, да се обезбедат нови работни места, да се зголеми платата и животниот стандард, нагласува вицепремиерот.

Додава дека Албанците остануваат Албанци во Македонија, а на државата и се менува името и државјанството, значи граѓани на Република Северна Македонија.

Во врска со реформите кои ни претстојат на патот до ЕУ, Османи вели дека правосудството треба да го одразува духот на реформите кои се прават во тој дел.

Нагласува дека следните осум до девет месеци интензивно ќе се работи на нив, спроведувајќи ја стратегијата и планот за дејствување кои предвидуваат измени на многу закони или амандмани на закони кои се однесуваат на структурните реформи на судството.

- Се надеваме на резултати кои потоа ќе бидат верификувани од Европскиот совет во јуни 2019 година. Периодот до следниот јуни месец ќе биде преполнет со активности за спроведување на Преспанскиот договор. Но, паралелно треба да го спроведуваме планот 18, реформите во правосудството, разузнавачките служби, јавната администрација и борбата против корупција и организираниот криминал и паралелно третиот процес, скринингот и подготовките за почеток на преговори. Ова го прави покомплексен и потежок овој процес, но јас мислам дека оваа Влада изминатата година докажа дека може паралелно да ги води процесите и докажа дека имаме капацитет и овие три процеси да ги реализираме до јуни 2019 година, нагласи Османи во интервју за Алсат М. ац/19:49

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ