• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Робе: Членството на Македонија во НАТО битен чекор за стабилноста на регионот

Робе: Членството на Македонија во НАТО битен чекор за стабилноста на регионот

Скопје, 4 септември 2018 (МИА) - Придобивките од членството во НАТО се безбедност, демократија, слобода, економски раст. Со влезот во Алијансата се става печат на натамошното членство во ЕУ, а пристапувањето кон овие две организации е значајно за натамошниот развој на Македонија, се заклучоците од дебатата „Спроведување на НАТО принципите во Македонија“ во организација на Фондацијата „Фридрих Еберт“.

Рајнхолд Робе, поранешен член на германскиот Бундестаг и Омбудсман на Армијата на Германија на дебатата рече оти очекува и е оптимист дека Македонија ќе стане членка на НАТО, што ќе претставува битен чекор не само за стабилноста на земјата, туку и на целиот регион.

- Ова го велам за да ги разубедам скептиците. Северноатлантската алијанса не беше основана за да води војни и да изнаоѓа воени средства за решавање на политички прашања. НАТО е заедница на демократски држави кои негуваат заеднички вредности, посочи Робе.

Изрази задоволство што, како што кажа, е донесено прагматично решение за решавање на проблемот со името со Грција.

- Сега Македонија е исправена пред можноста да стане дел од НАТО и од ЕУ и ништо не и стои на патот за постигнување на таа цел. Како што кажа генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг поканата за НАТО не е јазична флоскула туку е сериозна. Ако референдумот на 30 септември е успешен, тогаш овие чекори неминовно ќе бидат спроведени, децицен е Робе.

Наведе дека постојат и одредени предуслови кои треба земјата да ги исполни, а тоа се реформи во правосудството, владеење на правото. Посочи и дека со приклучувањето кон НАТО, Македонија ќе даде многу важен придонес и во надминување на други прашања на Балканот кои се појавија по падот на Железната завеса.

Членството во Алијансата, рече Робе, е „поврзано и со перспективното членство на Македонија во ЕУ“, и ја посочи важноста од вклучување на граѓанското општество во целиот овој процес на дебати.

Дебата НАТО кино Култура

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска наведе три значајни предности од членството во НАТО. Прво, рече, тоа е безбедноста, која, посочи, не треба да се сведе само на опасност од конфликти. 

- Членството во НАТО ќе има влијание и врз статусот, положбата и квалитетот на вооружените сили, рече Шекеринска.

Според неа, втората и многу важна предност од членството во НАТО е економското зајакнување. 

- Влезот во НАТО го гледам како потврда дека бизносот, домашните и странските компании не треба повеќе да се грижат за безбедноста во земјата. За првпат во Македонија оваа година износот на странски инвестиции е два и пол пати поголем. Членството во НАТО вообичаено оди со зголемување на растот на економијата, зголемување на вработувањата..., рече Шекеринска.

Третата предност, посочи министерката, која е подеднакво важна, е тоа што членството во НАТО го олеснува пристапувањето кон ЕУ, со што ги забрзува процесите во тој правец.

- Македонија е во трка со времето и секој изгубен месец може да ја стави државата во поинаков контекст, рече Шекеринска. 

Заклучи дека секој граѓанин ќе има шанса да и помогне на државата за да ја оствари својата стратешка цел, а тоа е на 30 септември да избере Македонија да стане 30. членка на НАТО.

Националниот координатор на Македонија за НАТО Стево Пендаровски, се осврна на неколку важни придобивки од членството во НАТО - солидарноста, демократијата, слободата, плурализмот, добрососедските односи, толеранција кон различностите.

- Земјите-членки на НАТО во просек се најдемократски и најпросперитетни, а каде што има голема стапка на просперитет и демократија има и стабилност. Не постои земја членка на НАТО која од демократија станала диктатура. Членките имаат и неколку пати поголем индекс на слобода споредено со која било друга организација на кој било континент, и имаат поголем степен на демократија од моментот кога пристапиле во НАТО, посочи Пендаровски, посочувајќи оти ги наведува овие придобивки за да ги приближи вредностите и стандардите на НАТО кон обичниот граѓанин.

Истакна и оти членките на НАТО се подеднакви во донесувањето одлуки, секој глас на секоја членка е важен, во НАТО не командува една држава, а тоа Македонија, како што кажа, го искусила најдобро во негативна смисла во 2008 со ветото на Грција на поканата.

Пендаровски посочи и дека главните закани на НАТО се тероризмот со религиски предзнак и кибер нападите. нд/са/13:17

###

 

 

 

 

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ