• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

Столтенберг: Ние ве очекуваме, ваше е да решите дали ќе бидете 30. членка на НАТО (видео)

Столтенберг: Ние ве очекуваме, ваше е да решите дали ќе бидете 30. членка на НАТО (видео)

Скопје, 6 септември 2018 (МИА) - Го ценам партнерството со вашата земја. За неколку недели ќе имате референдум на кој ќе одлучите дали ќе се приклучите на меѓународната заедница. Останува на граѓаните да одлучат, ние сме подготвени да ве пречекаме како 30. членка на Алијансата, изјави денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференцијата со министерката за одбрана Радмила Шекеринска по показната вежба на Полкот за специјални операции во касарната во „Илинден“.

Потсети дека во јули сите 29 сојузници се согласиле да ја прифатат Македонија како 30. членка на Алијансата.

Шекеринска и Столтенберг

- Ние сме посетени и се залагаме, но и вие треба да го имплементирате договорот за името за да може да започнат пристапните преговори. Кога ги гледам војниците зад мене, очигледно е дека ќе биде голема придобивка и за вашата земја и за НАТО да станете членка, рече Столтенберг.

Тој изјави дека показните вежби кои ги видел во касарната „Илинден“ покажуваат дека земјата има војници кои се добро обучени и кои се подготвени да учествуваат во тешки операции и мисии за стабилизација кои се случуваат насекаде во светот.

- Припадниците на армијата на вашата земја учествуваат во мисиите предводени од НАТО во Авганистан и во Ирак и на други места, што покажува дека имате армија која е способна да придонесува во меѓународната безбедност, рече Столтенберг.

Столтенберг изрази благодарност за придонесот што земјава го обезбедува на НАТО веќе многу години наназад и придонес кој веќе Македонија го зголемува во мисијата на НАТО во Авганистан.

- Со обука и со вежбите во кои учествувате заедно со припадниците на НАТО исто така работите на зголемување и на подготвеноста и на исполнувањето на НАТО стандардите, рече Столтенберг. 

Шекеринска и Стоктенберг

Шекеринска од своја страна посочи дека досега 4.000 припадници на АРМ учествувале во разни мисии на НАТО во изминатите години.

- Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана го гледаат членството на Македонија во НАТО како свој врвен приоритет. На 30 септември граѓаните на Република Македонија убедена сум дека ќе не поддржат во станувањето на 30. членка на Алијансата, нагласи Шекеринска.

Истакна дека секој припадник на АРМ кој во изминатиот период учествуваше во разни мисии, беше аргумент плус во полза на нашето членство во НАТО.

- Сакам да им оддадам признание на сите припадници на АРМ, тие беа постојан тивок дипломат за нашето членство во НАТО, додаде министерката за одбрана. 

Министерката за одбрана им оддаде признание на сите тие припадници и на АРМ која, како што рече, беше постојан, тивок, но многу видлив и признаен дипломат кој лобираше Македонија да стане членка на НАТО. мд/нд/13:59

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ