Едуард Кукан, европратеник (ЕПП): Патриотска должност е да се гласа на референдумот

Едуард Кукан, европратеник (ЕПП): Патриотска должност е да се гласа на референдумот

Брисел, 12 септември 2018 (МИА) - Порака до македонските гласачи да учествуваат на референдумот, но и порака до ВМРО-ДПМНЕ да не го бојкотира претстојниот референдум се дел од темите на кои се осврнува европратеникот од Европската Народна Партија (ЕПП), Едуард Кукан во интервју за МИА.

Која е вашата порака до македонските гласачи на неколку дена од референдумот?

- Мојата порака до македонските гласачи е дека треба да учествуваат во референдумот, треба да го искористат правото да го кажат своето мислење за развојот на нивната држава и не треба да ја пропуштат оваа можност. Без да бидам патетичен, патриотска должност на сите луѓе во Македонија е да учествуваат и со тоа да изразат своето мислење за идниот развој на земјата. Ве молам излезете и гласајте.

Што мислите за аргументите дека прашањето е двосмислено, дека нема гаранции за старт на преговори и дека цената е превисока?

Намерно реков дека треба да излезат да гласаат, тоа е нивно право. А за оние кои се скептични околу прашањето, јас би рекол дека нема место за скепса околу преговорите со ЕУ и членството во НАТО. Има многу официјални изјави на високи претставници на ЕУ и НАТО кои се јасни пораки, јасни обврски дека тоа ќе се случи во случај на позитивен исход на референдумот. Сега е потребно да се излезе на гласање.

Вашата порака е да се излезе на гласање, но не и како да се гласа значи?

- Јас сум многу демократичен политичар, да ги оставиме сите граѓани да направат свој избор. Јас лично мислам дека Договорот е многу важен за земјата. Цврсто се надевам дека резултатите ќе бидат позитивни и ќе донесат нова состојба за државата, но она што секогаш го велам е дека е важно луѓето да учествуваат. Кога сериозно ќе размислат за сите прашања поврзани за референдумот верувам дека ќе ја донесат вистинската одлука да гласаат позитивно.

Не е јасен ставот на опозицијата за референдумот, како гледате на вашата сестринска партија по ова прашање?

- Во редовен контакт сме. Немаат конечен став, разговараат. Не е тајна дека им препорачуваме да не бојкотираат и дека ги охрабруваме да одлучат да учествуваат во референдумот. Како што забележавте канцеларката Меркел се сретна со Мицковски, лидерот на ВМРО ДПМНЕ и знам дека го охрабри да заземе позитивен став за учеството на референдумот. Канцеларот Курц исто така е со иста порака. А од лидерството на ЕПП се обидуваме да ја убедиме нашата сестринска партија дека е во интерес на земјата и дека треба да има одговорни политички сили во земјата, дека е прашање со долгорочни импликации, да донесат одлука која ќе го обврзе членството да учествува. Но засега ни велат дека нема формална одлука.

Премиерот Ципрас утрово во ЕП порача дека токму конзервативните сили во двете земји се најголемата пречка за Договорот. Со оглед на тоа дека вие лично го поддржувате овој Договор, како гледате на тоа дека вашата партија претставува најголем проблем?

- Би избегнал да ја користам таа терминологија. Поентата ми е дека во Македонија сѐ уште разговараат и се обидуваме да ги убедиме да донесат одговорна политичка одлука. Што се однесува до Грција, Нова Демократија активно води кампања против Договорот. Но, знаете дека политичката реалност во Грција е дека Сириза има мнозинство во грчкиот парламент да го одобри Договорот. Мислам дека тоа е најважно.

Што се однесува до Македонија, нашите колеги од ВМРО се во тежок внатрешен развоен период на нивната партија. После 11 години на власт се опозиција сега, нивната позиција ја рефлектира таа неизвесност, нервоза и тензија. Партијата не е обединета по ова прашање. Слушнав дека Антонио Милошоски води кампања за бојкот, така што делумно е рефлексија на сосотојбата во која се наоѓа партијата. Лош тајминг за партијата е што вака важно прашање треба да се решава и мислам дека ќе бидат свесни за нивната одговорност. Наместо да ги обесхрабруваме, се обидуваме позитивно да ги охрабриме да одат и да гласаат.

Кои се сценаријата ако не успее референдумот?

- Не мислиме на тоа, нема план Б. Не сакам хипотези. Во ЕП, во Европа разбираме колку е важно за Македонија, колкава предност ќе биде ако се реши овој спор, каков динамичен развој ако одат кон ЕУ и НАТО. За нас е едноставно незамисливо да помислиме дека ќе пропадне референдумот. Одбивам да помислам дека би пропаднал.

Верувате во мудроста на македонските граѓани сакате да кажете?

- Да, народот е мудар. Не треба да го потценуваме тоа. Верувам дека кога ќе одат да гласаат навистина ќе сфатат дека ова е гласањето кое ќе донесе иднина за земјата.

Морам да ве прашам за крај за другиот крупен проблем на Балканот, Косово и Србија, кој е вашиот став за промените на границите или размени на територии кои се почесто се споменуваат?

- Требаше да се очекува дека дијалогот се одвива веќе некое време и дека ќе има потешкотии, тензии и се надевам дека со помошта на ЕУ дијалогот ќе продолжи, а за прашањето кое го поставивте јас не сум видел официјален предлог но сум против вакви договори, мислам дека би било погрешно и сметам дека во Брисел чувството е исто, во сите институции и кај сите политичари. Размената на територии апсолутно не е добра идеја.

Тања Милевска

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ