Од верските календари

Од верските календари

16 мај 2018 (МИА)

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 3 мај.

Денеска е Св. маченици Тимотеј и Мавра.

Овие маченици потекнуваа од Тиваида, а таму и живееа за време на царувањето на Диоклецијан. Тимотеј беше отец во тиваидската црква, а само неколку дена пред мачеништвото се беше оженил со Мавра. Тогаш настана прогон на христијаните и Тимотеј беше фатен и одведен кај управникот на градот. Од него беараа да ги предаде црковните книги, а кога светиот Тимотеј одби да ги предаде книгите што сам ги беше препишувал и во кои се наоѓаше небесната ризница, управникот го предаде на маки. Наскоро истата судбина ја снајде и света Мавра. Напосле, двајцата беа распнати на крст.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Иван Непомук.

Бил роден во средината на 14-от век во Непомук во Чешка. Завршил студии по теологија и станал свештеник. Луѓето доаѓале кај него за да се исповедуваат. Сопругата за кралот Вјенчеслав Четврти, Софија го избрала Иван за свој исповедник. Кралот побарал од Иван да му каже за кои гревови се исповедала кралицата. Свети Иван го одбил поради исповедната тајна. Затоа кралот им го предал Иван на крвниците, а тие го фрлиле во реката Влтава, во 1393 година. Така Иван Непомук умрел поради верувањето во Господ, како жртва на исповедната тајна.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР

Времето за ифтар и суфур

Во Скопје времето на суфур (кога почнува постот) e во 3 часот и 10 минути, додека времето на ифтар (кога завршува постот) е во 19 часот и 54 минути.

Времето на ифтар и суфур во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес 2 минути порано, Штип 3 минути, во Кочани 4 минути, во Струмица и Валандово 5 минути, а во Делчево 6 минути порано.

За разлика од времето на ифтар и суфур во Скопје, во Ресен и Битола тие почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево 2 минути, а во Охрид, Дебар и Струга 5 минути подоцна.

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ