Од верските календари

Од верските календари

17 мај 2018 (МИА)

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 4 мај.

Денеска е Спасовден - Вознесение Христово.

Спасовден, или празникот на Христовото вознесување на небото е четириесеттиот ден од Воскресението. Господ во текот на 40 дена по своето воскресение им се јавуваше на учениците, зборувајќи им за царството Божјо. И откако им заповеда да не го напуштаат Ерусалим, туку да го чекаат слегувањето на Светиот Дух, тој ги изведе своите ученици во Витанија, ги благослови и се вознесе на небото. Додека учениците гледаа во облакот што го сокри Господа пред нивните очи, ангелите им објавија дека истиот Исус кој од нив се вознесе на небото пак ќе дојде на ист начин како што го видоа да се вознесува. Овој празник се нарекува Спасовден затоа што во денот на Христовото вознесение се доврши делото на спасението.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Пашкал Бајлон.

Бил роден во 1540 година, во Шпанија. Покажувал голема побожност кон Исус и Марија. На ливадите во Божјата природа, го чувал семејното стадо овци. На 18-годишна возраст одлучал да живее редовнички живот. Се вработил како овчар кај еден богат човек кој сакал да го посини. Стапил во редот на фрањевците. Умрел во 1592 година.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР

Времето за ифтар и суфур

Во Скопје времето на суфур (кога почнува постот) e во 3 часот и 8 минути, додека времето на ифтар (кога завршува постот) е во 19 часот и 55 минути.

Времето на ифтар и суфур во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес 2 минути порано, Штип 3 минути, во Кочани 4 минути, во Струмица и Валандово 5 минути, а во Делчево 6 минути порано.

За разлика од времето на ифтар и суфур во Скопје, во Ресен и Битола тие почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево 2 минути, а во Охрид, Дебар и Струга 5 минути подоцна.

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ