Од верските календари

Од верските календари

11 јуни 2018 (МИА)

ОД КАЛЕНДАРОТ НА МПЦ

Според календарот на МПЦ (Јулијанскиот календар) денеска е 29 мај.

Денеска е Преподобна маченичка Теодосија.

Свети Теодосија била родум од Цариград, од богато семејство. Татко и умрел уште додека Теодосија била на седумгодишна возраст. Мајка и уште од малечка ја дала да се воспитува во манастир. Теодосија пораснала, го засакала подвижничкиот живот и не сакала да го напушти манастирот. Нејзиното страдање паѓа во времето на иконоборечкиот император Лав Исавриецот (717-741). Света Теодосија била затворена и мачена поради нејзината ревност во одбраната на правоверното учење за почитувањето на ико¬ните, а најпосле и погубена во 730 година.

ОД КАТОЛИЧКИОТ КАЛЕНДАР

Денеска е Св. Барнаба.

Апостолите Барнаба и Павле го ширеле верувањето во Исус Христос меѓу паганите. Апостол Барнаба се родил на островот Кипар. Во Делата Апостолски се вели дека Барнаба го продал својот имот и им го дал на апостолите за сиромашните луѓе. Во 13-тото поглавје во Делата Апостолски пишува како Духот Свет ги одбрал Барнаба и Павле да одат на мисионерско патување меѓу паганите. Своето проповедување, Барнаба го завршил маченички на островот Кипар.

ОД ИСЛАМСКИОТ КАЛЕНДАР

Времето за ифтар и суфур

Во Скопје времето на суфур (кога почнува постот) e во 2 часот и 42 минути, додека времето на ифтар (кога завршува постот) е во 20 часот и  16 минути.

Времето на ифтар и суфур во Прилеп и Куманово почнува една минута порано, во Велес 2 минути порано, Штип 3 минути, во Кочани 4 минути, во Струмица и Валандово 5 минути, а во Делчево 6 минути порано.

За разлика од времето на ифтар и суфур во Скопје, во Ресен и Битола тие почнуваат една минута подоцна, во Тетово, Гостивар и Кичево 2 минути, а во Охрид, Дебар и Струга 5 минути подоцна.

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ